На 10 ноември 1918 година, Владимир Ленин го напиша памфлетот „Пролетарската револуција и отпадникот Каутски“.
Буржоаската демократија, иако е голем историски напредок во споредба со средновековната ера, секогаш останува, и под капитализмот мора да остане, ограничена, искривена, лажна и лицемерна, рај за богатите и замка и измама за експлоатираните, за сиромашните. Оваа вистина, која претставува суштински дел од учењето на Маркс, Каутски „марксистот“ не успеал да ја разбере. За ова – основното прашање – Каутски нуди „удобности“ за буржоазијата наместо научна критика на тие услови кои ја прават секоја буржоаска демократија, демократија за богатите.
Преодот од капитализмот кон комунизмот зафаќа цела историска епоха. Додека оваа епоха не заврши, експлоататорите неизбежно ја негуваат надежта за реставрација на предходните системи на владеење. По нивниот прв сериозен пораз, соборените експлоататори – кои не го очекувале својот пораз патем никогаш не верувале дека е можен дури никогаш не помислувале на тоа – со десеткратно зголемена енергија, со стократно зголемена бес и омраза, се фрлаат во борба за враќање на „рајот“ од кој биле лишени. Се’ тоа во име на своите семејства кои воделе толку слаток и лесен живот и кои сега „обичниот народ“ ги осудува на пропаст и сиромаштија (или на „обична“ работа…). По капиталистичките експлоататори следат широките слоеви на ситната буржоазија, за кои децении историско искуство од сите земји сведочи дека се колебливи и неодлучни, еден ден маршираат зад пролетаријатот, а следниот ден се плашат од тешкотиите на револуцијата. Притоа стануваат панични при првиот пораз или полупораз на работниците, стануваат нервозни, трчаат без цел, плачат и преминуваат од еден камп во друг – исто како нашите меншевици и социјалисти-револуционери.
Сите филозофи и сите глупави и неуки селани аргументираат на ист начин како поддржувачите на отпадникот Каутски, поддржувачите на Лонге, Турати и компанија: „Непријателот ја нападна мојата земја, мене не ме интересира ништо друго.“
Социјалистот, револуционерниот пролетаријат, интернационалистот аргументира поинаку. Тој вели: „Карактерот на војната (дали е реакционерна или револуционерна) не зависи од тоа кој го нападнал прв или во чија земја се наоѓа ‘непријателот’. Всушност тоа зависи од која класа ја води војната и каква политика претставува продолжение на таа војна. Ако војната е реакционерна, империјалистичка војна, односно ако ја водат две светски групи на империјалистичката, граблива, пленувачка, реакционерна буржоазија, тогаш секоја буржоазија (па дури и од најмалата земја) станува учесник во грабежот. Мојата должност како претставник на револуционерниот пролетаријат е да се подготвам за светската пролетарска револуција како единствен излез од ужасите на светското колење. Морам да аргументирам, не од гледна точка на ‘мојата’ земја (зашто тоа е аргумент на беден, глупав, ситнобуржоаски националист кој не сфаќа дека е само играчка во рацете на империјалистичката буржоазија), туку од гледна точка на моето учество во подготовката, во пропагандата и во забрзувањето на светската пролетарска револуција.“