Претседателот на Левица – проф. Димитар Апасиев, по однос на Предлог-Декларацијата за солидарност со палестинскиот народ и осуда на израелската окупација:
Cметаме дека ние не треба да бидеме ноеви, да си ја пикаме главата во песок и да не проговориме во ова Собрание за најжешката точка на планетата во овој момент, која што има потенцијал да разгори и Трета светска војна и каде што, пред наши очи, ни се случува геноцид на Палестниците во Газа!
Како што кажува портпаролот на УНИЦЕФ: „Газа, изминатите денови, стана гробница на илјадници дечиња и таа е жив пекол на земјата“!!! Потенцијалот, односно бомбите кои се фрлени во Газа за само две недели, за еден и пол пат ја надмина ударната моќ на нуклеарната бомба фрлена врз Хирошима.
Во овој парламент леевме крокодилски солзи за Украина. Чисто за споредба, во Украина загинаа не повеќе од 200 деца за две години, во Газа загинаа 5.000 дечиња за две недели! Оттука, да го дополнам портпаролот на Уницеф: Газа не е гробница само на илјадници дечиња, Газа е гробница и на човечноста! Го гледаме европското и американско лицемерие, кога едните животи се повредни од другите.
Во оваа Декларација предвидуваме и обврска за Владата да започне процес на меѓународно признавање и воспоставување на дипломатски односи на ниво на амбасади со независната држава Палестина, во духот на Југословенската традиција која што ја имаме. А бараме и од претседателот на Републиката итно да го отповика амбасадорот на Македонија во Обединети Нации, затоа што гласаше воздржано за „Резолуцијата за заштита на цивилите и почитување на правните и хуманитарните обврски”.