Договорот за платите, кој внесе поделби меѓу синдикатите, ќе се потпише во вторник. Десетпроцентен раст на платите од септември, К-15 од десет илјади денари до декември и нова методологија за пресметка на примањата врз основа на просечната плата од март 2025 година, кога и регресот за годишен одмор ќе изнесува 30 отсто од просечната нето-плата – сето ова ќе добие потврда со потписите на владините и на синдикалните претставници.
Наспроти тоа, бранувањата продолжуваат во образованието и во здравството, од каде како опција не се исклучуваат организирани протести кои би стартувале од септември.
Јаким Неделков, лидерот на Синдикатот на образование наука и култура – СОНК, чии репрезенти беа дел од преговарачкиот процес во рамките на Економско-социјалниот совет, реагира дека одлуката за зголемување на платите во јавниот сектор за десет проценти, е донесена без да се прифати ставот на Конфедерацијата на слободни синдикати. Поточно, без да се испочитуваат барањата на добар дел од вработените во јавната администрација.
Десетте проценти, според Неделков, се солидни, но не се доволни да го покријат зголемувањето на трошоците за живот од 14 насто, колку што беше стапката на инфлација. Исто така, вели, не сите плати во тој секор се усогласени.
„Прво треба да се усогласат платите на вработените со зголемувањето на минималната плата во бруто износ од 12,5 проценти, па потоа да се зголемат платите за одреден процент. Да потсетам на дека во некои сектори беше направено усогласување со минималната плата и вработените зедоа плус 2.175 денари, што во основа, прави голема разлика во основицата за платите во секторите“, наведува првиот човек на СОНК, кој најави дека деновиве ќе има нови средби со министрите за финансии и за образование, за да им се образложат пресметките за целосно согледување на состојбата.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија уште веднаш изразија задоволство од исходот на преговорите, при што беше нагласено – не смее да се занемари дека одделни сектори во јавната администрација веќе добија зголемување. Новиот претседател Слободан Трендафилов, по реакците на дел од членството укажува дека сето она што е договорено влегува во новиот општ колективен договор. Што значи дека секој синдикат посебно може да бара и да преговара за повисок процент.
И министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, потврди дека има нови барања од страна на незадоволните и до вторник ќе бидат разгледани.
Вработените во Управата за јавни приходи и од Царинската управа исто така за септември најавија штрајкови. Сепак, како што објасни претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, нивното незадоволство е поттикнато од неисплатувањето на додатоците кои законски им следуваат, па затоа и активностите ќе продолжат се до постигнувањето на целта. Конкретно, во поглед на додатоците на плата, институциите да почнат да делуваат во согласност со законите.
Постигнатото решение треба сите да го прифатат – порача вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи. Вели, може да се направи и повеќе, но за тоа треба сите да бидат подготвени.
За барањата на СОНК за дополнително зголемување на платите покрај веќе договорените десет проценти, наведе дека од 2016 па досега нето-платата на наставник во основното образование е зголемена за 44 насто, а на професор во средното образование за 42 проценти.
Во телевизиско гостување вицепремиерот нагласи дека Владата има направено платите во јавниот сектор да се регулираат преку 200 правни закони или подзаконски акти, и тоаво услови кога веројатно секоја трета институција има различен начин на дефинирање на платите. Па, за првпат а од независноста се дојде до системско решение, до методологија според која ќе се пресметуваат и растат примањата. Воедно, потенцира, секој вработен во јавниот сектор ќе знае што да очекува во однос на платата и кој е максимумот што може да го постигне.
До вторник можно е да се направи некаков компромис, но веројатноста, барем засега, не е голема. Дококу не се усогласат барањата и процентите, претпоставка е дека високите температури ќе продолжат и од септември. Незадоволството ќе ја вжешти атмосферата.
Превземено од: https://pari.com.mk/dogovorot-za-platite-gi-podeli-sindikatite-edni-odobruvaat-drugi-strajkuvaat/