Левица: Со европско знаме ДУИ и СДС ќе се амнестираат од кривична одговорност

Соопштение на политичката партија Левица

Aнтимакедонската и корумпирана власт на ДУИ И СДС, соочена со поразот на претстојните парламентарни избори, спрема терен за спас на своите криминали кои секојдневно се откриваат во јавност. Односно, во собраниска процедура се предложени измени на Кривичниот законик со ЕУ знаменце со кои:

се брише казната затвор од минимум 5 години за местење тендери;

максималната казна затвор за “Злосторничко здружение” се намалува од 10 на 3 години;

се укинува проширената конфискација за нелегално стекнат имот!

Ова јасно покажува дека криминалната власт на СДС и ДУИ цели да се АМНЕСТИРА од кривична одговорност за нивното корумпирано владеење и потврдија дека Македонија е заробена држава, во која правосудството е продолжена рака на власта.

Со ваквите измени се отвора можност за уште побрзо ЗАСТАРУВАЊЕ на делата, што веќе стана пракса во судските случаи со поранешните функционери. Токму вакви законски измени бараше ВМРО-ДПМНЕ во 2018 година, со цел застарување на делата на обвинетите поранешните функционери.

Ваквите скандалозни измени се спротивни на сите заложби со кои СДС дојде на власт и затоа овој хибриден РЕЖИМ, со октроиран премиер, нема никаков легитимитет за владеење. Наместо донесување Закон за потекло на имот како што ветуваа СДС, со кое конечно ќе се стави крај на мегаломанското богатење на функционерите – истите сега предлагаат укинување на проширената конфискација!

Токму во последниот извештај на Европската комисија, беше нотирано дека Македонија треба да донесе нов Закон со кој ќе им се КОНФИСКУВА имотот на криминалците, дури и ако тие го пренеле и сокриле во странство. Комисијата тогаш нотираше дека конфискацијата на криминален имот не се користи доволно во кривичната постапка и дека не постои стратешки и системски пристап за идентификување на криминални средства, лоцирани во странство или недостапни.

Владеењето на оваа гарнитура на политичари се претвори во најголема национална и економска катастрофа која ја претрпела Републиката, каде единствена европска заложба е шверцот на штетни закони со европско знаме.

Последно