Соопштение на политичката партија Левица
Долго најавуваниот Закон за данок на солидарност или данок на екстра профит, по бројни притисоци и барање на бизнис заедницата за негово повлекување и запирање, веќе е повлечен од собраниска процедура. Овој предлог закон иако требаше да биде донесен на почетокот од оваа година, ДПМНЕ во соработка со СДС и ДУИ долго го чуваше во фиока и условуваше дека треба да се организираат јавни дебати, кои патем беа одржани уште пред да се достави.
Обврска за плаќање на овој вид на данок по стапка од 30% беше предвидена за трговските друштва кои во 2022 година оствариле вкупен приход повисок од 10.000 евра и профит повисок за 20 отсто од просечниот остварен во претходните години, со што би се слеале во буџетот дополнителни 76,5 милиони евра.
Иако овој предлог закон беше задоцнет, еднократен и недоволен, откако власта го најави, профитерите почнаа да ги приспособуваат расходите, односно да ги фризираат завршните сметки за 2022 година, за да го намалат или избегнат ова оданочување.
Во земји-членки на ЕУ и во Велика Британија веќе се оданочуваат екстра профитите, но власта, заедно со ВМРО-ДПМНЕ секогаш ја застапува бизнис заедницата и ширум ги отвора вратите за создавање на екстра профити на најбогатите странски инвеститори. И додека поголемиот дел од народот живее на работ на егзистенција, профитерите плаќаат иста даночна стапка, како и обичните граѓани и малите стопанственици. Зошто да се оданочат екстра профитите, сметаат приврзаниците на олигарсите, кога народот може да живее крпен живот и да го плаќа луксузното живеење на ненародната власт.
Праведно оданочување може да се обезбеди само со воведување на прогресивен данок. Мора да се стави крај на военото профитерство кое е овозможено посебно во големите економски кризи. Левица е единствена партија која се залага за заштита на интересите на народот и предлага мерки буџетот да се полни со прогресивно оданочување на најбогатите и најимотните, место со нови и сѐ поскапи задолжувања, кои треба да ги плаќаат идните генерации.