Милица, Вие сте новиот раководител на Црвена Младина, што претставува голема промена во организацијата. Какви ќе бидат Вашите приоритети во оваа нова улога и како планирате да го продолжите развојот на организацијата?

Како нова раководителка мои примарни пеиоритети ќе бидат зацврстување на организациските капацитети, јакнење на едукативните и теренските активности, тука би ги споменала и герила акциите по кои сме најпрепознатливи. Развивање на политики кои реално ги адресираат предизвиците со кои се соочуваат младите, зајакнување на политичката едукација меѓу младите и проширување на теренското присуство во локалните заедници. 

-Развојот на организацијата го гледам преку отворена комуникација со сите членови на локално и централно ниво, како и преку активно вмрежување на младите кои сакаат суштинска промена во општеството.

Црвена Младина расте и ќе продолжи да расте со тоа што секогаш сме биле и ќе бидеме и понатаму на страната на младите и нивните реални  потреби.

-Како што споменав ќе работиме на терен, ќе ги слушаме проблемите директно од младите и ќе понудиме решенија кои не се само теоретски, туку реални и применливи.

Како поранешен портпарол, какво искуство имате со комуникацијата и јавниот настап на Црвена Младина? Како ќе го искористите тоа искуство за да ги подобрите односите на организацијата со медиумите и јавноста?

Работата како портпарол ми даде исклучително важно искуство, учев како да зборувам јасно, со аргументи, и да ја пренесам пораката и до кого е таа адресирана.

Секој јавен настап го сметав како можност да се пренесе гласот на младите во јавниот простор со јасна идеолошка насока и соодветен наратив. 

Тоа искуство сега ќе го искористам за да изградиме појасна стратегија за комуникација, која ќе не направи поприсутни и погласни по медиумите и на социјалните мрежи.

-Целта е луѓето да знаат кои сме, зошто постоиме и Црвена Младина да стане глас кој не може да се игнорира во јавниот простор.

Младинскиот активизам во Македонија се соочува со бројни предизвици, како што се економската нееднаквост, висока стапка на невработеност и недостиг на квалитетни образовни можности. Какви стратегии ќе применувате за да се справите со овие проблеми и да ги ангажирате младите?

Јасно е дека овие предизвици не се новосоздадени. Тие се производ на еден систем кој долго време не функционира во интерес на младите. 

Во услови на структурна маргинализација на младите, нашите стратегии мораат да бидат радикални.

Нема младински активизам без суштински одговори на реалните проблеми.  

Нашата стратегија ќе биде едноставна: директен контакт, искрен разговор и заедничка акција.

Ќе се залагаме за интервенции во јавните политики, преку конкретни предлози за правична распределба на ресурсите, достапно и квалитетно образование.

Ангажманот на младите го замислувам како процес на политичко освестување, каде преку едукација и теренски акции ќе ги поттикнеме младите да станат субјекти на промена, а не пасивни набљудувачи на својата реалност.

Какви активности и програми планирате да ги спроведете во текот на Вашиот мандат како раководител, кои ќе бидат насочени кон социјална правда, еднаквост и заштита на правата на младите?

Пред сè, ќе работиме на тоа младите да имаат пристап до основните работи, наш фокус ќе бидат системските неправди што ги трпат младите,  од дискриминација на работното место, преку социјална изолација, до прекршување на правото на здрава животна средина.

Ќе организираме работилници, кампањи, но и протести кога е потребно. Ќе бидеме таму каде што институциите се откажуваат. 

Во склоп на Левичарскиот Институт “Рацин” нудиме и бесплатна правна помош која е токму насочена кон оние кои се наоѓаат во ранливите категории и кои впрочем трпат најмногу неправди и кршење на правата.

Целта е не само да ги заштитиме правата на младите, туку и да ја смениме културата што ги потиснува.

За крај, како гледате на улогата на Црвена Младина во борбата против капиталистичкиот систем и што сметате дека треба да се промени во политичкиот пејзаж на Македонија за да се обезбеди поеднакво општество?

Црвена Младина се залага за разобличувањето на капитализмот како систем кој поттикнува отуѓување, индивидуализам, ја создава и продлабочува социјална нееднаквост, експлоатација и политичката апатија.

За да се обезбеди поеднакво општество, неопходна е суштинска трансформација, што подразбира инсталирање на механизми за директна демократија, кои ќе го вратат суверенитетот во рацете на народот. Само така можеме да зборуваме за вистинска слобода и еднаквост.

За да имаме поеднакво општество, мора да ја смениме политиката која се води зад затворени врати и да вратиме доверба кај младите и да ја искорениме апатијата.

Црвена Младина отсекогаш имала храбра и јасна позиција против системот кој создава класни разлики, ги приватизира јавните добра и ги замолчува гласовите на обичните луѓе.

Тоа не може да се случи без младите. 

И затоа ние ќе продолжиме да градиме движење кое не се плаши да бара повеќе, да мисли подлабоко и да дејствува похрабро.

Што би им рекле на оние кои сè уште веруваат дека жените не припаѓаат во политиката?

Секоја жена што влегува во политика го отвора патот за уште илјадници.

Да си политички активна а да си жена значи секојдневно да се соочуваш со сомнеж, потценување и очекување дека ќе молчиш или ќе се вклопиш во „нормата“. 

Феминизмот за мене претставува пракса на секојдневно спротивставување на неправдата. Тој ме научи дека не мора да се прилагодиш на средината туку дека можеш да ја менуваш.

На сите жени и девојки што размислуваат да се вклучат во политиката би им порачала: -Вашиот глас е важен, вашата перспектива е неопходна, и не мора да чекате ничија дозвола за да заземете простор.

Политиката не е привилегија само на мажите, таа ни припаѓа и нам. Феминистичката борба е токму тоа: создавање простор каде жените не се исклучок, туку правило. Каде што не молчат, туку водат.

Не е лесно, но е неопходно. И не сте сами.