В. Ограничување на слободата на движење на Палестинците
Израел им дозволува на своите еврејски и палестински граѓани и жители слободно да патуваат низ целата област. Исклучоци се забраната за влез во Појасот Газа, која ја дефинира како „непријателска територија“ и (најчесто формалната) забрана за влез во областите што наводно се под одговорност на ПУ (област А). Во ретки случаи, на палестинските граѓани или жители им е дозволено да влезат во Газа.
Израелските граѓани, исто така, можат да ја напуштат и повторно да влезат во земјата во секое време. Спротивно на тоа, жителите на Источен Ерусалим немаат израелски пасоши и долгото отсуство може да резултира со одземање на статусот.
Израел рутински го ограничува движењето на Палестинците на Окупираните територии и генерално им забранува да се движат меѓу единиците. Палестинците од Западниот Брег што сакаат да влезат во Израел, Источен Ерусалим или Појасот Газа мора да поднесат барање до израелските власти. Во Појасот Газа, што е блокиран од 2007 година, целото население е заробено, бидејќи Израел го забранува речиси секое движење внатре или надвор – освен во ретки случаи што ги дефинира како хуманитарни. Палестинците што сакаат да ја напуштат Газа или Палестинците од другите единици што сакаат да влезат во неа, исто така, мора да поднесат посебна пријава за дозвола до израелските власти. Дозволите се издаваат шкрто и можат да се добијат само преку строг, произволен механизам или режим на дозволи, кому му недостига транспарентност и јасни правила. Израел ја третира секоја дозвола издадена на Палестинец како чин на милост, а не како исполнување на стекнато право.
На Западниот Брег, Израел ги контролира сите патишта меѓу палестинските енклави. Ова ѝ дозволува на војската да поставува летечки контролни пунктови, да ги затвора пристапните точки до селата, да блокираат патишта и да го спречува преминувањето преку контролните пунктови по волја. Понатаму, Израел ја изгради Бариерата за одвојување во рамките на Западниот Брег и ја одреди палестинската земја, вклучително и обработливо земјиште, заробена помеѓу Бариерата и Зелената линија како „рабна зона.“ На Палестинците на Западниот Брег им е забранет влез во оваа зона, која е подложна на истиот режим на дозволи.
На Палестинците на Окупираните територии, исто така, им е потребна израелска дозвола за да одат во странство. Како правило, Израел не им дозволува да го користат меѓународниот аеродром „Бен Гурион“, што се наоѓа во неговата суверена територија. Палестинците од Западниот Брег мора да летаат преку меѓународниот аеродром во Јордан – но тоа можат да го направат само ако Израел им дозволи да ја преминат границата со Јордан. Секоја година, Израел отфрла илјадници барања за преминување на оваа граница, без објаснување. Палестинците од Газа мора да поминат низ преминот Рафах, што е под контрола на Египет – под услов да е отворен, египетските власти ги пропуштат и тие можат да го преземат долгото патување низ египетската територија. Во ретки исклучоци, Израел им дозволува на жителите на Газа да патуваат низ нејзината суверена територија, во шатл под придружба, со цел да стигнат до Западниот Брег и оттаму да продолжат до Јордан и понатаму до нивната дестинација.
Г. Оневозможување на правото на Палестинците на политичко учество
Како и нивните еврејски сограѓани, палестинските граѓани на Израел можат да вршат политички активности за да ги унапредат своите интереси, вклучително и да гласаат и се кандидираат за некоја функција. Тие можат да избираат претставници, да основаат партии или да им се придружат на постоечките. И покрај тоа што е тоа така, палестинските избрани лица постојано се клеветаат – чувство што се пропагира од клучни политички фигури – а правото на палестинските граѓани на политичко учество е под постојан напад.
Околу пет милиони Палестинци што живеат на Окупираните територии не можат да учествуваат во политичкиот систем што управува со нивните животи и ја одредува нивната иднина. Теоретски, повеќето Палестинци имаат право да гласаат на изборите за ПУ. Но, затоа што овластувањата на ПУ се ограничени, дури и ако изборите се одржуваа редовно (последните беа во 2006 година), израелскиот режим сѐ уште би владеел со животите на Палестинците, бидејќи ги задржува главните аспекти на управувањето на Окупираните територии. Ова вклучува контрола над доселувањето, регистарот на населението, политиките за планирање и за земјиште, водата, комуникациската инфраструктура, увозот и извозот и воената контрола врз копнениот, морскиот и воздушниот простор.
Во Источен Ерусалим, Палестинците се фатени меѓу чеканот и наковалната. Како постојани жители на Израел, тие можат да гласаат на локални избори, но не и на парламентарните. Од друга страна, Израел им отежнува да учествуваат на изборите за ПУ.
Политичкото учество опфаќа повеќе работи одошто гласањето или кандидирањето за некоја функција. Израел, исто така, ги оневозможува политичките права на Палестинците како што се слободата на говор и слободата на здружување. Овие права им овозможуваат на поединците да ги критикуваат режимите, да протестираат против одредени политики, да формираат здруженија за да ги унапредат своите идеи и, воопшто, да работат на промовирање на општествени и политички промени.
Голем број законски акти, како што се Законот за бојкот и Законот за Накба, ја ограничија слободата на Израелците да ги критикуваат политиките што се однесуваат на Палестинците низ целата област. Палестинците на Окупираните територии се соочуваат со уште поостри ограничувања: не им е дозволено да демонстрираат; многу здруженија се забранети; и речиси секоја политичка изјава се смета за поттикнување на кривично дело. Овие ограничувања неуморно се спроведуваат од страна на воените судови, кои имаат затворено стотици илјади Палестинци и претставуваат клучен механизам за поддршка на окупацијата. Во Источен Ерусалим, Израел работи на спречување на каква било социјална, културна или политичка активност поврзана на кој било начин со ПУ.
Поделбата на просторот исто така ја попречува и обединетата палестинска борба против израелската политика. Разликите во законите, процедурите и правата меѓу географските единици и драконските ограничувања на движењето ги поделија Палестинците во различни групи. Оваа фрагментација не само што му помага на Израел да ја промовира еврејската супремација, туку и ги осуетува критиките и отпорот.
Не за апартхејдот: Тоа е нашата борба
Израелскиот режим, кој ја контролира целата територија помеѓу реката Јордан и Средоземното Море, се обидува да ја унапреди и да ја зацементира еврејската супремација во целата област. За таа цел, тој ја подели областа на неколку единици, секоја со различен сет на права за Палестинците – секогаш инфериорни во однос на правата на Евреите. Како дел од оваа политика, на Палестинците им се ускратени многу права, вклучително и правото на самоопределување.
Оваа политика се унапредува на неколку начини. Израел демографски го обликува просторот преку закони и наредби што му дозволуваат на секој Евреин во светот или на нивните роднини да стекнат израелско државјанство, но речиси целосно ја негираат оваа можност за Палестинците. Тој физички ја обликува целата област преку преземање на милиони дунами земја и воспоставување на заедници исклучиво само за Евреи, додека Палестинците ги тера во мали енклави. Движењето се обликува преку ограничувањата за палестинските поданици, додека политичкото обликување исклучува милиони Палестинци да учествуваат во процесите што ги одредуваат нивните животи и иднина, при тоа држејќи ги под воена окупација.
Режим што користи закони, практики и организирано насилство за да ја зацементира супремацијата на една група над друга е режим на апартхејд. Израелскиот апартхејд, кој ја промовира супремацијата на Евреите над Палестинците, не се роди во еден ден или преку еден говор. Тоа е процес кој постепено стана поинституционализиран и поексплицитен, со механизми воведени со текот на времето во законите и практиката за да се промовира еврејска супремација. Овие акумулирани мерки, нивната распространетост во законодавството и политичката практика, како и јавната и судската поддршка што тие ја добиваат – сето тоа ја формираат основата за нашиот заклучок дека е достигнат прагот за да се означи израелскиот режим како апартхејд.
Ако овој режим се развивал во текот на многу години, зошто се објавува овој труд во 2021 година? Што се смени? Последниве години е забележан пораст на мотивацијата и подготвеноста на израелските функционери и институции да ја зацврстат еврејската супремација преку законите и отворено да ги кажат своите намери. Донесувањето на Основниот закон: Израел – Национална држава на еврејскиот народ и декларираниот план формално да се анектираат делови од Западниот Брег ја уништија фасадата на која Израел со години работеше да ја одржува.
Основниот закон за националната држава, усвоен во 2018 година, го зацврстува правото на еврејскиот народ на самоопределување до степен на исклучување на сите други. Тој утврдува дека разликувањето на Евреите во Израел (и во целиот свет) од не-Евреите е фундаментално и легитимно. Врз основа на оваа разликување, законот дозволува институционализирана дискриминација во корист на Евреите во населувањето, домувањето, употребата на земјиштето, државјанството, јазикот и културата. Точно е дека израелскиот режим во голема мера ги следеше овие принципи и претходно. Сепак, еврејската супремација сега е зацврстена во основен закон, што го прави обврзувачки уставен принцип – за разлика од обичните закони или практиките на властите, кои можат да бидат оспорени. Ова им сигнализира на сите државни институции дека не само што можат, туку и мора да ја промовираат еврејска супремација во целата област под израелска контрола.
Планот на Израел за формална анексија на делови од Западниот Брег, исто така, го премостува јазот помеѓу официјалниот статус на Окупираните територии, кој е придружен од празната реторика за преговарањето околу неговата иднина, и фактот дека Израел уште одамна фактички анектира поголем дел од Западниот Брег. Израел не се надоврза на своите објави за формална анексија по јули 2020 година, и оттогаш различни службени лица објавија противречни изјави во врска со планот. Без оглед на тоа како и кога Израел ќе ја унапреди формалната анексија од еден или друг вид, неговата намера да постигне трајна контрола врз целата област веќе беше отворено објавена од страна на највисоките државни функционери.
Мотивацијата на израелскиот режим и мерките што се користат за нејзино спроведување потсетуваат на јужноафриканскиот режим, кој се стремеше да ја зачува супремацијата на белите граѓани, делумно преку разделувањето на населението во класи и подкласи и пропишувањето различни права за секоја од нив. Се разбира, постојат разлики меѓу режимите. На пример, поделбата во Јужна Африка беше заснована на расата и бојата на кожа, додека во Израел се заснова на националноста и етничката припадност. Сегрегацијата во Јужна Африка се манифестираше и во јавниот простор, во облик на надгледувано, формално, јавно одвојување меѓу луѓето врз основа на бојата на кожата – степен на видливост што Израел обично го избегнува. Сепак, во јавниот дискурс и во меѓународното право, апартхејдот не значи буквална копија на поранешниот јужноафрикански режим. Ниту еден режим никогаш нема да биде идентичен. „Апартхејдот“ веќе одамна е независен термин, втемелен во меѓународните конвенции, кој упатува на принципот на организација на режимот: систематско промовирање на доминацијата на една група над друга и работење на нејзино цементирање.
Израелскиот режим не мора да се прогласи себеси за режим на апартхејд за да биде дефиниран како таков, ниту пак е релевантно тоа што претставниците на државата нашироко го прогласуваат за демократија. Она што го дефинира апартхејдот не се изјавите, туку практиката. Иако Јужна Африка се прогласи за режим на апартхејд во 1948 година, неразумно е да се очекува други држави да го следат примерот имајќи ги предвид историските последици. Одговорот на повеќето земји на апартхејдот во Јужна Африка поверојатно дека ќе ги одврати земјите да признаат дека спроведуваат сличен режим. Исто така, јасно е дека она што беше возможно во 1948 година веќе не е можно денес, како правно, така и од гледна точка на јавното мислење.
Колку и да е болно да се погледне реалноста во очи, поболно е да се живее под чизма. Суровата реалност опишана овде може дополнително да се влоши доколку се воведат нови практики – со или без придружно законодавство. Сепак, луѓе го создадоа овој режим и луѓе може да го влошат – или да работат на негова замена. Таа надеж е движечката сила зад овој труд. Како луѓето можат да се борат против неправдата ако таа не е именувана? Апартхејдот е принципот на организација, но осознавањето на ова не значи откажување. Напротив: тоа е повик за промени.
Борбата за иднина заснована на човекови права, слобода и правда е особено клучна сега. Постојат различни политички патишта до праведна иднина овде, помеѓу реката Јордан и Средоземното Море, но сите ние прво мора да избереме да му кажеме не на апартхејдот.
Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/tematska/izrael-palestina/2021/btselem-aparthejd.htm#01