Повеќе од 14 милиони луѓе, приближно половина од нив Евреи, а другата половина Палестинци, живеат меѓу реката Јордан и Средоземното Море под единствена власт. Вообичаената перцепција во јавниот, политичкиот, правниот и медиумскиот дискурс е дека во оваа област функционираат еден покрај друг два посебни режими, разделени со Зелената линија. Едниот режим, во границите на суверената држава Израел, е постојана демократија со население од околу девет милиони, сите израелски државјани. Другиот режим, на териториите што ги освои Израел во 1967 година, чијшто конечен статус е оставено да се утврди во идни преговори, е привремена воена окупација наметната на околу пет милиони палестински поданици.

Со текот на времето, разликувањето меѓу двата режими стануваше сѐ пораздвоена од реалноста. Оваа состојба постои повеќе од 50 години – двојно повеќе отколку што постоеше Државата Израел без неа. Стотици илјади еврејски доселеници сега живеат во постојани населби источно од Зелената линија, живеејќи како да се западно од неа. Источен Ерусалим е официјално припоен кон суверената територија на Израел, а Западниот Брег е припоен во пракса. Што е најважно, разликувањето го замаглува фактот дека целата област помеѓу Средоземното Море и реката Јордан е организирана според еден единствен принцип: унапредување и цементирање на супрематијата на една група – Евреите – над другата – Палестинците. Сето ова води до заклучок дека тоа не се два паралелни режими што едноставно испаднало да го поддржуваат истиот принцип. Постои еден режим што управува со целата област и луѓето што живеат во неа, втемелен врз еден единствен принцип на организација.

Мапа на Палестина низ времето

Кога Б’Тселем беше основан во 1989 година, ние го ограничивме нашиот мандат на Западниот Брег (вклучувајќи го и Источен Ерусалим) и Појасот Газа, и се воздржавме од адресирањето на човековите права во Државата Израел формирана во 1948 година или од преземањето сеопфатен пристап кон целата област помеѓу реката Јордан и Средоземното Море. Сепак, ситуацијата се промени. Организацискиот принцип на режимот доби на видливост во последниве години, за што сведочи Основниот закон: Израел – Национална држава на еврејскиот народ, изгласан во 2018 година, како и отворените разговори за формално припојување на делови од Западниот Брег во 2020 година. Земено заедно со фактите опишани погоре, тоа значи дека она што се случува на Окупираните територии повеќе не може да се третира како одвоено од реалноста на целата област под контрола на Израел. Термините што ги користевме во претходните години за да ја опишеме ситуацијата – како „пролонгирана окупација“ или „реалност на една држава“ – веќе не се соодветни. За да продолжиме со ефикасна борба против кршењето на човековите права, од суштинско значење е да се испита и дефинира режимот што владее со целата област.

Овој труд анализира како функционира израелскиот режим за да ги унапреди своите цели во целата област под негова контрола. Не даваме историски преглед или евалуација на палестинските и еврејските национални движења, или на поранешниот режим во Јужна Африка. Иако ова се важни прашања, тие се надвор од делокругот на една организација за човекови права. Наместо тоа, овој документ ги прикажува принципите од кои се води режимот, покажува како тој ги спроведува и укажува на заклучокот што произлегува од сето ова за тоа како треба да се дефинира режимот и што значи тоа за човековите права.

Раздели, одвои, владеј

Во целата област помеѓу Средоземното Море и реката Јордан, израелскиот режим спроведува закони, практики и државно насилство воспоставени за да ја зацементираат супремацијата на една група – Евреите – над другата – Палестинците. Клучен метод за постигнување на оваа цел е конструирање на просторот различно за секоја група.

Еврејските граѓани живеат како целата област да е единствен простор (со исклучок на Појасот Газа). Зелената линија не значи речиси ништо за нив: дали живеат западно од неа, во рамките на суверената територија на Израел, или источно од неа, во населби што формално не се анектирани кон Израел, е ирелевантно од гледна точка на нивните права или статус.

Тоа каде живеат Палестинците, од друга страна, е од клучно значење. Израелскиот режим ја подели областа на неколку единици кои ги дефинира и управува различно, давајќи им различни права на Палестинците во секоја од нив. Оваа поделба е релевантна само за Палестинците. Географскиот простор, што е непрекинат за Евреите, е фрагментиран мозаик за Палестинците:

Насилното раселување на палестинците

* Палестинците кои живеат на земјата што е дефинирана во 1948 година како израелска суверена територија (понекогаш нарекувани арапски Израелци) се израелски државјани и сочинуваат 17% од граѓаните на државата. Иако овој статус им овозможува многу права, тие не ги уживаат истите права како еврејските граѓани, согласно законот или во реалноста – како што ќе биде покажано подетално во овој труд.

* Околу 350.000 Палестинци живеат во Источен Ерусалим, кој се состои од околу 70.000 дунами [1 дунам = 1.000 квадратни метри], што Израел ги анектираше кон својата суверена територија во 1967 година. Тие се дефинирани како постојани жители на Израел, статус што им овозможува да живеат и работат во Израел без да им се потребни посебни дозволи, да добиваат социјални бенефиции и здравствено осигурување и да гласаат на локалните избори. Сепак, постојаното жителство, за разлика од државјанството, може да биде одземено во секое време, по потполна дискреција на министерот за внатрешни работи. Во одредени околности, тоа може да истече.

* Иако Израел никогаш формално не го анектирал Западниот Брег, ја третира територијата како своја. Повеќе од 2,6 милиони палестински поданици живеат на Западниот Брег, во десетици неповрзани енклави, под ригидна воена управа и без политички права. На околу 40% од територијата, Израел пренесе одредени цивилни овластувања на Палестинската управа (ПУ). Сепак, ПУ сè уште е подредена на Израел и може да ги користи своите ограничени овластувања само со согласност на Израел.

Појасот Газа е дом на околу два милиони Палестинци, на кои исто така им се ускратени политичките права. Во 2005 година, Израел ги повлече своите сили од Појасот Газа, ги растури населбите што ги изгради таму и абдицира од секаква одговорност за судбината на палестинското население. Откако беше преземен од Хамас во 2007 година, Израел наметна блокада на Појасот Газа, што сè уште е на сила. Во текот на сите овие години, Израел продолжи да го контролира речиси секој аспект од животот во Газа однадвор.

Насилно населени израелски населби

Израел им доделува на Палестинците различен пакет на права во секоја од овие единици – од кои сите се инфериорни во споредба со правата што им се овозможени на еврејските граѓани. Целта на еврејската супремација се унапредува различно во секоја единица и облиците на неправда до кои се доаѓа како резултат на тоа се разликуваат: животното искуство на Палестинците во блокираната Газа не е исто со она на палестинските поданици на Западниот Брег, постојаните жители во Источен Ерусалим или палестинските граѓани во рамките на суверената израелска територија. А сепак, ова се варијации на фактот дека сите Палестинци што живеат под израелска власт се третираат како инфериорни во правата и статусот во однос на Евреите кои живеат во истата таа област.

Подолу поподробно се прикажани четирите главни методи што ги користи израелскиот режим за да ја унапреди еврејската супремација. Два од нив се спроведуваат слично низ целата област: ограничувањето на миграцијата на не-Евреи и преземањето на палестинска земја за да се изградат заедници само за Евреи, додека Палестинците се потиснуваат во мали енклави. Останатите два се спроведуваат главно на Окупираните територии: драконските ограничувања на движењето на Палестинците кои не се државјани и негирањето на нивните политички права. Контролата над овие аспекти од животот лежи целосно во рацете на Израел: во целата област, единствено Израел има моќ над регистарот на населението, распределбата на земјиштето, списокот на гласачи и над правото (или неговото негирање) да се патува во рамките на областа, да се влегува или да се излегува од кој било дел од областа.

А. Доселување – само за Евреите

Секој Евреин во светот и неговите или нејзините деца, внуци и сопружници имаат право да се доселат во Израел во секое време и да добијат израелско државјанство, со сите права што се поврзани со него. Тие го добиваат овој статус дури и ако изберат да живеат во населба на Западниот Брег, што не е формално анектирана кон суверената територија на Израел.

Спротивно на тоа, не-Евреите немаат право на правен статус во областите под контрола на Израел. Доделувањето статус е речиси целосна дискреција на службените лица – министерот за внатрешни работи (во рамките на суверениот Израел) или воениот командант (во Окупираните територии). И покрај оваа официјална разлика, принципот на организација останува ист: Палестинците што живеат во други земји не можат да емигрираат во областа помеѓу Средоземното Море и реката Јордан, дури и ако тие, нивните родители или нивните баби и дедовци се родени и живееле таму. Единствениот начин на кој Палестинците можат да имигрираат во областите контролирани од Израел е да се омажат за Палестинец кој веќе живее таму – како граѓанин, жител или поданик – како и да исполнат низа услови и да добијат израелска согласност.

Израел не само што ја попречува палестинската имиграција, туку и го отежнува преместувањето на Палестинците меѓу единиците, доколку потегот – според перцепцијата на режимот – го повишува нивниот статус. На пример, палестинските граѓани на Израел или жителите на Источен Ерусалим можат лесно да се преместат на Западниот Брег (иако ги ризикуваат своите права и статус доколку го направат тоа). Палестинците на Окупираните територии не можат да добијат израелско државјанство и да се преместат на израелска суверена територија, освен во многу ретки случаи, што зависат од согласноста на израелските власти.

Појасот Газа

Политиката на Израел за обединување на семејството го илустрира овој принцип. Со години, режимот поставуваше бројни пречки пред семејствата во кои секој од сопружниците живееше во различна географска единица. Со текот на времето, ова ги попречуваше и честопати ги спречуваше Палестинците што склучуваа брак со Палестинец од друга единица да стекнат статус во таа единица. Како резултат на оваа политика, десетици илјади семејства не можат да живеат заедно. Кога едниот сопружник е жител на Појасот Газа, Израел дозволува семејството да живее таму заедно, но ако другиот сопружник е жител на Западниот Брег, Израел бара тие трајно да се преселат во Газа. Во 2003 година, Кнесетот усвои Привремена наредба (што сè уште е во сила), забранувајќи го издавањето израелско државјанство или постојано жителство на Палестинците од Окупираните територии што стапуваат во брак со Израелци – за разлика од граѓаните на другите земји. Во исклучителни случаи, одобрени од министерот за внатрешни работи, Палестинците од Западниот Брег што склучиле брак со Израелци може да добијат статус во Израел – но сепак тоа е само привремено и не им дава право на социјални бенефиции.

Израел, исто така, го поткопува правото на Палестинците на Окупираните територии – вклучувајќи го и Источен Ерусалим – да продолжат да живеат таму каде што се родени. Од 1967 година, Израел им го има укинато статусот на околу 250.000 Палестинци од Западниот Брег (вклучувајќи го и Источен Ерусалим) и Појасот Газа, во некои случаи поради тоа што живееле во странство повеќе од три години. Ова вклучува илјадници од жителите на Источен Ерусалим што се преселиле само неколку километри поисточно од своите домови во делови на Западниот Брег што не се официјално анектирани. Сите овие лица се лишени од правото да се вратат во своите домови и семејства, каде што се родиле и израснале.

Б. Преземање земјиште за Евреите, натрупувајќи ги истовремено Палестинците во енклави

Израел применува политика на „јудеизирање“ на областа, втемелена на начинот на размислување дека земјата е ресурс што е наменет речиси исклучиво да ѝ користи на еврејската јавност. Земјиштето се користи за развој и проширување на постојните еврејски заедници и за изградба на нови, додека Палестинците се лишуваат од сопственоста и се втеруваат во мали, пренатрупани енклави. Оваа политика се применува во однос на земјиштето во рамките на суверена израелска територија од 1948 година и се применува врз Палестинците на Окупираните територии од 1967 година. Во 2018 година, основниот принцип беше вкотвен во Основниот закон: Израел – Национална држава на еврејскиот народ, кој утврдува дека „Државата го смета развојот на еврејските населби за национална вредност и ќе преземе активности за да го охрабри и промовира основањето и зајакнувањето на таквите населби.“

Израелски населби на палестинска територија.

Во рамките на својата суверена територија, Израел усвои дискриминаторски закони, особено Законот за сопственоста на отсутните лица, што му дозволуваат да експроприра огромни парцели земјиште во сопственост на Палестинци, вклучително и милиони дунами во заедниците чии жители биле протерани или избегале во 1948 година и им било забрането да се вратат. Израел, исто така, значително ги намали областите одредени за палестинските локални совети и заедници, кои сега имаат пристап до помалку од 3% од вкупна површина на земјата. Поголемиот дел од одреденото земјиште е веќе заситено со градби. Како резултат на тоа, повеќе од 90% од земјиштето на суверената територија на Израел сега е под државна контрола.

Израел ја искористи оваа земја за да изгради стотици заедници за еврејските граѓани – но ниту една за палестинските граѓани. Исклучок се неколкуте градови и села изградени за да го концентрираат бедуинско население, кое е лишено од повеќето од своите сопственички права. Поголемиот дел од земјиштето на кое живееле бедуини е експроприрано и регистрирано како државно земјиште. Многу бедуински заедници се дефинирани како „непризнати“, а нивните жители како „напаѓачи“. На земјиштето на коешто историски живееле бедуини, Израел има изградено исклучиво еврејски заедници.

Израелскиот режим строго ја ограничува изградбата и развојот на она малку преостаната земја во палестинските заедници во рамките на неговата суверена територија. Исто така, се воздржува од изготвување на урбанистички планови што ќе ги одразуваат потребите на населението и ги држи областите под надлежност на овие заедници речиси непроменети и покрај растот на населението. Резултатот од тоа се мали, пренатрупани енклави каде што жителите немаат друг избор освен да градат без дозволи.

Исто така, Израел усвои закон што им дозволува на заедниците што имаат одбори за прием, а кои ги има на стотици ширум земјата, да ги одбиваат палестинските апликанти врз основа на „културна некомпатибилност“. Ова успешно ги спречува палестинските граѓани да живеат во заедници наменети за Евреи. Официјално, секој израелски државјанин може да живее во кој било град во земјата; во праксата, само 10% од палестинските граѓани тоа го прават. Дури и тогаш, тие обично се потиснуваат во засебни населби поради немање на образовни, религиозни и други услуги, прохибитивните трошоци за купување дом во други делови на градот или дискриминаторските практики при продажбата на земјиште и домови.

Израелски населби на палестинска територија.

Режимот го користи истиот принцип на организација на Западниот Брег од 1967 година (вклучувајќи го и Источен Ерусалим). Стотици илјади дунами, вклучувајќи обработливо земјиште и пасишта, се одземени од палестински поданици под различни изговори и се користат, меѓу другото, за да се основаат и прошируваат населби, вклучувајќи станбени блокови, обработливо земјиште и индустриски зони. Сите населби се затворени воени зони во кои на Палестинците им е забрането да влегуваат без дозвола. Досега Израел има воспоставено повеќе од 280 населби на Западниот Брег (вклучувајќи го и Источен Ерусалим), кои сега се дом на повеќе од 600.000 Евреи. Одземено е и дополнително земјиште за изградба на стотици километри обиколни патишта за доселениците.

Израел воспостави засебен систем за планирање за Палестинците на Западниот Брег, главно наменет да ја спречи изградбата и развојот. Големи површини земја се недостапни за градба, бидејќи се прогласени за државно земјиште, за воени зони, за природни резервати или за национални паркови. Властите, исто така, се воздржуваат од изготвување соодветни урбанистички планови што ги одразуваат сегашните и идните потреби на палестинските заедници во она малку земјиште што е поштедено. Засебниот систем за планирање се фокусира на уривање на градби изградени без дозвола – и овде, исто така, поради немање избор. Сето ова ги зароби Палестинците во десетици густо населени енклави, при што развојот надвор од нив – без разлика дали е за станбена или јавна употреба, вклучително и инфраструктура – речиси е целосно забранет.

Втор дел: https://lenka.mk/left_literature/rezhim-na-evre%d1%98ska-supremaczi%d1%98a-parthe%d1%98d-vtor-del/

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/tematska/izrael-palestina/2021/btselem-aparthejd.htm#01