Пишува: Слободан „Боби“ Лазиќ, борец за социјална правда, член на ЛО Аеродром и трудовиот сектор при политичката партија Левица

Левичарската политика, со своите принципи за социјална правда, економска еднаквост и заштита на правата на работниците е најдобрата политичка опција за Македонија, а слободно може да се каже и за останатите земји во Европа и светот. Во зенитот на предизвиците кои ги поставува современото општество, левичарската идеологија претставува единствено решение во решавањето на бројните проблеми предизвикани од капитализмот.

Најважниот аспект на било која левичарска идеологија и согласно на тоа левичарска политика е фокусот на социјалната правда. Во Македонија, каде што социјалната нееднаквост е на високо ниво, левичарската политика има потенцијал да креира систем кој ќе ги намали овие разлики.

Преку креирање на разни на социјални програми и реформи, левичарската политика може да обезбеди рамнотежа и подобрување на живеењето на обесправените слоеви на општеството. Намалувањето на економските нњеднаквости е друг клучен аспект кој го нуди левичарската политика. Промовирањето на прогресивен даночен систем и заштитата на правата на работниците може да доведе до поадекватна распределба на богатството во самото општество.

Во Македонија, каде што постојат значителни класни разлики, левичарската политика може и мора да биде катализатор за економска стабилност и инклузивен раст. Левичарската идеологија претставува комплекс на убедувања и вредности што обично се поврзани со поддршка кон социјална рамноправност, социјална правда и активна улога на државата во регулирање на економските и социјалните односи. Во едно општество, каде што преовладува левичарската идеологија, се очекува да се намали социјалната нерамноправност и да се обезбеди рамномерна дистрибуција на ресурсите.

Еден од основните принципи на левичарската идеологија е постојаната грижа за социјалните потреби и правата на најмаргинализираните групи во општеството. Таквиот вид на политика насочува внимание кон унапредување на условите за работа, образованието и здравството, со цел да се подобрат условите за поидеално општествено живеење. Левичарската идеологија ја поддржува идејата за социјална контрола врз одредени економски сегменти преку државните механизми. Ова може да вклучува владини регулации и програми за заштита на трудот, како и високи даноци за капиталистичката класа со цел финансирање на социјалните програми.

За разлика од “критичарите” на оваа идеологија, во вистинска смисла на зборот, левичарската идеологија настојува да ги премостува социјалните и економските нееднаквости, со подобрување на квалитетот на живот за широките маси во општеството, тоест повисок животен стандард на сите работници во општеството.