Сталин, својот првороден син, го третирал како и секој друг советски војник. Кога неговиот син, Јаков Џугашвили, отишол во војна, не добил пристојна работа во штабот, туку се втурнал токму на првата линијата на фронтот.
„Се срамам пред татко ми што останав жив“, им рекол на Германците за време на испрашувањето кога паднал во заробеништво на непријателот, Јаков Џугашвили, синот на Јосиф Сталин. Советскиот лидер од Втората светска војна, кој имал многу негативен став кон војниците на Црвената армија кои се предавале на непријателот, се соочил со една од најтешките ситуации во неговиот живот – непријателот го заробил неговиот сопствен син.
Јаков бил син на Сталин од неговиот прв брак со Екатерина (Като) Сваниџе. Бидејќи мајка му умрела набргу по раѓањето, а татко му целото свое време го поминувал или во револуционерна борба или во егзил, детето го воспитувала тетка му.
Во 1921 година, на 14-годишна возраст, Јаков Џугашвили (кој го користел вистинското презиме на Сталин) се преселил од Грузија во Москва, каде што за прв пат го запознал својот татко. Односите меѓу двајцата, кои во суштина многу малку знаеле еден за друг, биле доста комплицирани.
Сталин бил категорично против првиот брак на Јаков и тоа предизвикало голема расправија меѓу таткото и синот. Во ваквиот однос накнадно придонела и личната трагедија на Јаков Џугашвили – смртта на неговата малолетна ќерка. На крајот се обидел да се застрела, но не успеал и преживеал само благодарение на напорите на лекарите од Кремљ.
Постариот син на советскиот лидер не секогаш се спротивставувал на својот татко во сè. По професија инженер за турбини, на инсистирање на неговиот татко, Јаков се запишал на Артилериската академија на Црвената армија. Во мај 1941 година, еден месец пред германската инвазија на СССР, постариот поручник Јаков Џугашвили бил назначен за командант на артилериска батерија.
Кога започнала војната, советскиот лидер не направил ништо за да го заштити својот син од војната. Напротив, син му се борел на првата линија на фронтот како командант од понизок ранг на Црвената армија. Во војната Јаков бил испратен со едноставните зборови на неговиот татко: „Оди и бори се“.
Но, Јаков не се борел долго време. На почетокот на јули 1941 година, единиците на неговата 20-та армија се предале во Белорусија, а на 16 јули, за време на обидот да се пробие и да стигне до своја страна, постариот поручник Џугашвили бил заробен.
Германците многу брзо сфатиле кој им паднал во раце – Јаков бил предаден од неколку негови колеги војници. Нацистите немале намера да организираат јавна егзекуција на синот на нивниот главен непријател. Напротив, во нивни интерес било да го привлечат Џугашвили на своја страна, да го искористат во нивните пропагандни кампањи и да играат на „Сталин Јуниор“ против „Сталин Сениор“.
Јаков бил третиран со учтивост. На неговите испрашувања Германците не се распрашувале само за воени работи туку и за неговите политички ставови. Тие се расправале за методите на Сталин за водење на државата, му укажувале на синот на грешките на татко му и ги потенцирале недостатоците на идеологијата на болшевизмот. Тие, сепак, не стигнале никаде во обидот да го „омекнат“ воениот заробеник, а Џугашвили одбивал на било кој начин да соработува со Германците.
Во исто време, пропагандната машина на Третиот Рајх се погрижила веста за заробувањето на синот на семоќниот Сталин да стане општо познато и во СССР. И покрај фактот што Џугашвили во своите сослушувања особено нагласувал дека бил заробен против негова волја, Германците експлицитно изјавиле дека неговото предавање било целосно доброволно. Првично, самиот Сталин можеби и верувал во оваа верзија на настаните, но сепак, подоцна сватил дека тоа не било точно.
Како резултат на информациите што се филтрирале до Кремљ за околностите на затворањето на неговиот син и деталите за неговото однесување во заробеништво, Сталин набрзо го променил своето мислење за Јаков и повеќе не го сметал за предавник и кукавица.
Биле организирани неколку спасувачки мисии за да се извлече Џугашвили од германските раце. Шпанските комунисти, кои биле принудени да ја напуштат Шпанија по поразот во Граѓанската војна и сега живееле во Советскиот Сојуз дури биле регрутирани за операциите поради нивното драгоцено искуство од герилската и партизанската војна.
Но, сите обиди да се ослободи Јаков не завршиле со успех.
По битката кај Сталинград, Германците го искористиле посредништвото на шведскиот дипломат, гроф Фолке Бернадот и Црвениот крст за да му понудат на Сталин размена на неговиот син за фелдмаршалот Фридрих Паулус и неколку десетици високи офицери на 6-та армија, држени во советско заробеништво. Хитлер му ветил на германскиот народ дека ќе ги донесе генералите дома.
Лидерот на Советскиот Сојуз и Генерален секретар на Комунистичката партија, Јосиф Сталин, ја одбил ваквата понуда за размена на неговиот син кратко одговарајќи дека „Нема да заменам војник за фелдмаршал“.
Ќерката на Сталин пак, Светлана Алилуева, се присеќа дека малку по овие настани, зимата 1943-1944 година, нејзиниот вознемирен и огорчен татко се осврнал на неуспешниот договор: „Германците предложија да се разменат Јаша за некои од нивните луѓе… Требаше ли да се пазарам со нив? Не, војна си е војна“.
Маршал Жуков во своите Мемоари и Мисли напишал дека еднаш, кога биле на прошетка, го прашал Сталин за својот постар син. Тој замислено одговорил: „Јаков нема да излезе од заробеништво. Фашистите ќе го застрелаат…“ По кратка пауза, тој додал: „Не, Јаков повеќе би ја сакал смртта отколку предавството на татковината“.
Точно, Џугашвили продолжил да биде пркосен, а она што започнало како добар третман од страна на Германците брзо станало крајно сурово. Резултатот бил дека, не можејќи да го искористат ниту за пропагандни цели, ниту за размена на затвореници, изгубиле секаков интерес за него.
На 14 април 1943 година, после тешки денови поминати во заробеништво, Јаков се фрлил на наелектризираната бодликава жица во концентрациониот логор Заксенхаузен (Sachsenhausen) и веднаш бил застрелан од чувар на логорот. Дали сакал да се самоубие или да побегне или неговата смрт била организирана од самите Германци, останува мистерија до ден-денес.