Кога станува збор за работничките права во модерниот капиталистички дискурс, честопати слушаме, согласно манипулативната природа на истиот, дека денес работникот е најзаштитен, дека ужива најголеми права и дека слободно се развива и напредува како индивидуа. Често, истовремено, се критикуваат системите на минатото и се истакнува дека тие биле штетни за луѓето кои живееле и работеле во такви општества.
Ајде да разгледаме какви права уживал работникот во Советска Русија во периодот по Болшевичката револуција. Советскиот Сојуз го земам како пример, бидејќи тој е најподложен на критики од страна на неолибералниот Запад, во кој припаѓаме и ние.
Сепак, пред да преминеме на анализа на работничките права, прво мора да ги утврдиме критериумите што требало да се исполнат за некој да се смета за работоспособно лице. Во СССР, за работоспособни се сметале сите лица на возраст од 16 до 50 години кои немале никакви болести или повреди што би ги спречиле да работат.
Битно е да се напомене дека Народниот комесаријат за труд бил главниот орган што ги донесувал и спроведувал законските регулативи за работничките права. Тој орган ги определувал и надоместоците за секоја работна позиција во различните гранки на општеството.
Работнички права во СССР:
- Работно време: Работниот ден не смеел да биде подолг од 8 часа, додека за лица под 18 години и за оние кои работеле во штетна и опасна средина, работното време било ограничено на 6 часа.
- Ноќна смена: Била скратена на 7 часа, а жени и лица под 18 години не смееле да работат ноќни смени.
- Прекувремена работа: Била дозволена само 50 дена годишно и не подолго од 4 часа дневно. Прекувремената работа била забранета за жени и лица под 18 години, освен во случаи на фундаментални општествени потреби.
- Надоместоци: Минималните надоместоци морале да ги покриваат основните трошоци за достоинствен живот. Прекувремената работа била платена 1.5 пати повеќе од редовниот работен час.
- Боледување и породилно отсуство: Биле компензирани со целосен надоместок, исто како и годишниот одмор за работници со најмалку 6 месеци непрекинат работен стаж.
- Празници: Секој празник бил неработен ден, а работниот ден пред празникот бил скратен за 2 часа.
- Здравствена заштита: Работниците уживале бесплатно здравство, без оглед на трошоците за лекување.
Иако, како и во секое општество, имало невработени лица, тие не биле заборавени од државата. Невработените добивале социјална помош во висина на надоместокот за нивната струка, или биле вработувани на позиции соодветни на нивните квалификации.
Според горенаведеното, може да се заклучи дека пред повеќе од еден век, советскиот работник уживал права кои се слични на, а во некои аспекти дури и подобри од, правата на денешниот работник во капиталистичките општества. Социјализмот од тоа време, во однос на работничките права, бил на исто или повисоко ниво од денешниот капитализам, што неизбежно ја потврдува неговата супериорност во однос на грижата за работниците и нивната благосостојба.