На денешен ден 27.07.1941 година е започнато народното востание во Хрватска.
Денот на востанието ја одбележуваше годишнината од вооружената акција на личките герилски одреди во Срб, тогашна Независна Држава Хрватска (НДХ). Тој ден личките герилски одреди и народот од околината на Долни Лапац ја нападнаа и зазедоа усташко-жандармериската станица во Срб, ја разрушија железничката пруга Книн-Дрвар и го уништија одредот на усташите кај Српскиот кланец. По оваа акција, востанието се прошири на цела Лика и Кордун, а набрзо ги зафати и другите делови на Хрватска.
Одлуката за одредување на 27 јули како Ден на востанието на народот на Хрватска ја донесе Земалскиот антифашистички совет за народно ослободување на Хрватска, во август 1945 година. Овој празник се прославуваше на целата територија на Хрватска, а особено во востаничките краишта – Лика, Банија и Кордун. По распадот на СФРЈ, во 1991 година, овој празник беше укинат, а наместо него, во Хрватска се прославува Денот на антифашистичката борба на 22 јуни, во знак на сеќавање на 22 јуни 1941 година кога во околината на Сисак беше формиран Сисачкиот партизански одред.