Пишува: Јован Крајевски, член на Президиумот на политичката партија Левица

Западната надворешна политика не е ниту погрешно насочена, ниту неинформирана, ниту игнорантна. Западната надворешна политика е производ на внимателно и интелигентно планирање, далеку поинформирано и посвесно од што е информирано и свесно мислењето на оние кои во таа политика бараат неконзистентност и противречност.

Креаторите на политката на САД брилијантно и постојано работат во интерес на оние кои го поседуваат поголемиот дел од светот, а посакуваат да го поседуваат во целост. Тоа што некому не му е јасно што овие политичари прават не значи дека самите политичари не знаат што прават. Впрочем, грешните информации кои преовладуваат во нивните изјави, информациите за авторитарност, геноцид и тероризам во државите-мети на нивниот империјализам, не произлегуваат од игнорантност, туку од намерата да се креира забуна во јавноста околу тоа чии интереси навистина тие штитат.

Тоа што некој политичар споделува погрешни информации, не значи дека самиот не ја познава вистината – многу поверојатно е дека лаже.

Впрочем, ако се направи една компаративна анализа на ставовите и изјавите на западните политичари во последните осум децении, и не е толку тешко да се открие нивното НЗД – спротивставувањето на социјализмот и посветеноста на слободниот пазар, глобализацијата и т.н. „демократски“ реформи. Дури во последните неколку децении Западот е и поотворен околу силните економски интереси кои се кријат зад нивната борба за „демократија“ – затоа што секогаш кога демократијата започнува да функционира подобро од што Западот очекува и секогаш кога демократијата ја зауздува неолибералната агенда, тогаш нивната борба преминува од борба за демократски слободен пазар кон борба за авторитарен слободен пазар.

Токму затоа, западните воени интервенции не се бенигни – тие се безмилосно себични. Тие не се збунети, туку хируршки прецизни. Зад мотивацијата на НАТО не стои хуманитаризам, ниту желбата за демократија – целта на НАТО е слободен пазар во кој финасискиот капитал ќе има непречен тек низ државите кои се спротивставуваат на империјализмот. 

Ако некому ова не му е јасно, нека погледне што се случи со Југославија и со воената интервенција на НАТО на овие простори. Очигледно станува дека додека Западот зборуваше за мир, НАТО водеше безмилосни војни. Додека САД беше во потрага по демократија, нивните политичари поддржуваа нацисти. Додека политичарите го славаеа правото на самоопределување, нивните политики ги колонизираа народите кои посакуваа да се самоопределат.

Се поставува прашањето – доколку политичарите не ја кажуваат вистината, дали постои слободен и независен извор на информации, слободен и независен медиум кому можеме да веруваме? Краткиот и едноставен одговор е: не. Но, одговорот што е корисен е далеку подолг и покомплексен.

Западните приватни медиуми дефинитивно не се ниту слободни, ниту независни. Тие се најчесто поседувани и контролирани од конзервативни компании кои, по прашањето на надворешната политика на Западот неретко се однесуваат како картели, едногласно афирмирајќи ја пропагандата која е корисна на неолиберализмот и зад која стои финансискиот капитал. Целта на овие конзервативни компании е да ја потчинат глобалната економија под водството на елитите – големите мултинационални корпорации.

Во ретките момемти кога на одреден медиум ќе се остави простор за критичен автор, тој автор не умее, не сака или не смее коренито да го адресира западниот империјализам и идеологијата позади него. Неговата мисла смее да биде само емпирио-критична и насочена кон операциите на западниот империјализам: „дали се бомбите ефикасни“, „колку не чинат бомбите“, „каде има повеќе жртви“, „како се третира проблемот со бегалците“ итн. Но суштинските идеолошки причини за воената интервенција не се адресираат.

Ситуацијата со западните државни медиуми не е различна. Нивното постоење е условено од средствата кои ги добиваат во владата – истата влада чии политичари ги креираат и спроведуваат империјалистичките политики во име на елитите. Очекувано е тие да не се поимуни на идеолошката хегемонија и да се позиционираат како верни навивачи во војните кои Западот ги предизвикува.

Во целост, западните медиуми ги реафирмираат официјаните позиции на политичарите кои своите политички одлуки ги носат само во корист на сопствените кариери – кариери кои зависат од елитите, од големите мултинационални корпорации, од финансискиот капитал.

Наредното прашање кое што се поставува е следното: доколку не можеме да веруваме на ниту на западните политичари, ниту на западните медиуми, можеме ли да и веруваме на „другата“ страна? Дали политичарите во Србија ја говорат вистината? Дали Москва нѐ лаже? Дали кинеските медиуми се слободни и независни? Дали Куба е објективна?

Секако дека „другата“ страна ќе го стори тоа што единствено и одговара, бидејќи оние кои против западната пропаганда не се борат со сопствена пропаганда набрзина биднуваат збришани од страна на западниот империјализам. 

Но, тоа не значи дека потрагата по објективни факти е залудна, ниту пак дека следењето на пропагандата на „другата“ страна е бескорисна во потрагата по објективните факти. Баш напротив – за да се разбере комплетната слика, мораат да се сослушаат и двете страни. Тоа што еден извор не е ниту слободен, ниту независен, ниту објективен, во ниту еден случај не значи дека во него не може да се најдат вистинити информации.

Во општ случај, ако информацијата во одреден медиум е спротивна од доминантниот дискурс, таа информација е најверојатно точна. Ако, на пример, ЦИА признае дека е вмешана во трговијата со дрога во Средна Америка, тогаш нема причина да мислиме дека тоа не е така – сепак, самите признаваат дека се вмешани. Ако, на пример, Србија признае дека нејзините паравојски извршиле воени злосторства, тогаш повторно немаме причина да мислиме дека тоа не е така – сепак, самите признаваат дека злосторството се случило.

Понатаму, важно е да се нагласи и дека целта на пропагандата не е секогаш да излаже. Наративот се креира и со дефокусирање. Неретко, виталните информации за одредени случувања се јавно достапни, но фокусот на јавниот дискурс е на друго место, а пропагандата ни вели дека нешто сосема друго е важно. Неретко вакви информации, кои се содржат во меѓународни договори, се занемаруваат, бидејќи медиумите за истите информираат на упростен начин.

И за крај – тоа што западните политичари лажат, не значи дека во нивните лаги не може да се откријат трошки од вистината. Нивната политика и нивната пропаганда може да е хируршки прецизна, но и најдобриот хирург не е совршен и прави грешки. Во индивидуалните изјави на еден политичар може да се најде диспаритет, помеѓу различни политичари може да дојде до недоволна координираност и токму во овие ситуации ние можеме да разоткриеме дел од вистината.

На јавноста не и се прикажува целосната слика, посебно кога станува збор за надворешната политика за Западот. Да дојде до поточна апроксимација на вистината од таа што е приложена од страна на естаблишментот е првата и најважна должност на секој еден граѓанин кој претендира да не е безгласна буква во општеството. И оваа должност не е кон некој апстрактен концепт – ова си го должиме самите на себе и на сите народи кои, како и нас, се мета на западнот империјализам.