Пишува: Виолета Аврамовска, советничка од редовите на политичката партија Левица во Охрид

Кога ќе излезете да гласате на парламентарните избори, гласајте си за МИЛИОНЕРИТЕ.

Тие ќе ве вработат во некое Јавно претпријатие, во кое нема ништо да работите, секако јавните претпријатија се превработени и има многу кои се на платниот список, но не одат на работа.

Ако, се’ тоа народот ќе го позлати. Има работничка класа која произведува вредност, за да живеат крлежите.

Кога ќе излезете да гласате, гласајте за МИЛИОНЕРИТЕ, треба да им го заштитите капиталот, да им овозможите да натрупаат уште неколку милиони на нивните сметки.

Сонувајте, немој да се будите од вашиот сон. Ако се разбудите ќе видите дека живеете ден за ден, дека се борите за корка леб, за да платите рата за своите брзи кредити, за да платите рати за извршителите.

Сонувајте, немој да се будите од вашиот сон. Ако се разбудите ќе видите дека дојде време кога вашето дете треба да излезе од образовниот процес, ќе видите дека како просветни работници сте го изгубиле дигнитетот на вашата професија, секако дел поради партиските вработувања.

Не будете се. Ако се разбудите ќе видите дека дека веќе скоро 4 години немаме детско одделение во охридската болница, дека другите одделенија кубурат со кадри, нема кој да не’ лечи, дека треба куќата да ја продадете за да се лечите во приватните клиники.

Сонувајте. Ако се разбудите ќе видите дека куќите ви останаа празни и пусти. Ќе ги почувствувате солзите кои течат низ вашите лица, за најмилите кои заминаа, таму далеку во белиот свет.

Ама важно е вашите да победат.

Вашите, оние кои го згазија достоинството на народот, оние кои ги рушат и уништуваат спомениците од НОБ, оние кои уринираат по антифашистичката борба на македонскиот народ против бугарскиот фашистички окупатор, зашто бугарскиот фашистички окупатор не бил окупатор, туку администратор, според едните ваши, а ослободител со кој имаме заедничка историја, според другите ваши.

Сонувајте, не будете се од своите соништа. Ако се разбудите во предизборната еуфорија, ќе сфатите дека ,,вашите” веќе 20 години терористите ви ги направија власт, дека тие, терористите ги добиваат јавните набавки затоа што вашите функционери се уценети и купени со милионите кои ги перат преку јавните набавки.

Не будете се, ако се разбудите ќе сфатите дека вашите стратешки партнери, НАТО ,,миротворците” беа извлекувани од Арачиново, додека борците за човекови права ја водеа војната во 2001 година.

Сонувајте, не будете се во предизборната еуфорија. Важно е вашите да победат. А, по изборите? По изборите, пак мислете се како ќе го поминете месецот со платата која е далеку од нивната( покачена за 78 проценти), пак ќе праќаме СМС пораки за лечење на дечиња, додека тие јадат бифтеци и пијат најскапо виски, по изборите ќе се занимавате со сите мијалковци за кои важи неказнивоста, додека за нас обичните смртници важат законите.

Сонувајте, не будете се, само уште Бугарите во Устав и топ сме за Европска Унија.