Минатата година 93 евидентирани извршители наплатиле 159.761.407 евра, покажува објавениот извештај на нивната комора за 2023. Само на територијата на Основен суд Скопје и Кривичен суд Скопје биле присилно извршени 92.440.068 евра, објави Фактор.мк.

Наплатата од граѓаните како поединци е рекордна – 41,9 милиони евра, резултат подобар од една година претходно – 40,5 милиони евра во 2022, која пред тоа важеше за убедливо најуспешна. Рекордна е и наплатата од државните институции како должници – 29,53 милиони евра, што е далеку најдобар резултат од претходните години. Од бизнисот, односно од правните лица, биле наппатени 90,34 милиони евра.

Извештајот забележува најголем број на извршени решенија во досегашното работење – 76.572 наплатени предмети. Овој резултат е за 14.057 предмети повисок од досегашниот рекорд – 62.515 во 2018. Бројот во 2023 е за 18.371 поголем од 2022.

Тоа е втора најдобра година на „ефикасност“ на извршителските канцеларии во историјата на нивното работење. Најдобрата за нив била 2017 кога наплатиле 166.224.905 евра. Резултатот на извршителите е подобар за 15,36 милиони евра од една година претходно. Во 2022 биле наплатени 144.350.068 евра.