Етничкото чистење и „моралниот инстинкт“ втор дел – извондредниот случај на Израел [Едвард Херман]

Прв дел: https://lenka.mk/left_literature/etnichkoto-chisteњe-i-moralniot-instinkt-edvard-herman/

Едвард Херман – автор на текстот

Најинтересниот случај на закржлавен „морален инстинкт“ е оној што го вклучува Израел, каде државата со децении е ангажирана во систематска политика на лишување и етничко чистење на Палестинците на Западниот Брег и во Источен Ерусалим, не само без некој позначаен одговор од страна на „слободниот свет“, туку и со постојана поддршка од САД и изблици на одобрување и поддршка од нивните „демократски“ сојузници. Способноста на западните политички водачи, медиуми и хуманитарни интелектуалци да им се налутат на Арафат, Чавез и Милошевиќ, додека ги третираат Бегин, Нетанјаху и Шарон како државници кои заслужуваат економска и воена помош и дипломатска поддршка, е мало чудо на себеизмамата, значително продлабочените двојни стандарди и моралната изопаченост.

Она што го прави него чудо е тоа што основните претпоставки, како и однесувањето на израелската држава, се очебијно спротивни на целиот опсег на просветителски вредности што наводно лежат во темелите на западната цивилизација.

Прво, тоа е расистичка држава по идеологија и право. Таа официјално е еврејска држава: 90 проценти од земјата е резервирана за Евреите. На Палестинците им е забрането да даваат под закуп или да купуваат земјиште во државна сопственост што било запленето во 1948 година и подоцна, а Евреите од странство имаат право да емигрираат и да станат граѓани со привилегии повисоки од оние на домородните не-Евреи. Овој вид на идеологија и закон беше неприфатлив во однос на апартхејдската држава Јужна Африка, иако е интересно тоа што Реган беше „конструктивно ангажиран“ со таа држава, а Маргарет Тачер сметаше дека сосема може да се толерира, додека јужноафриканските „антитерористички“ операции беа интегрирани со оние на „слободниот свет“.

Но, израелскиот пандан на Нирнбершките закони и неговата изградба на држава втемелена на расна дискриминација е прифатлив за „просветлениот“ Запад. „Избраниот народ“ ја замени „господарската раса“. Тоа не само што е прифатливо, туку Израел се смета за модел на демократија и „светлина за светот“ (Ентони Луис). Следствено, прифатливо е и создавањето на Израел врз тело од луѓе што според законот се граѓани од втор ред (или од уште пониска класа на окупираните територии). Ова е уникатен систем на „привилегиран расизам“.

Второ, на израелската држава ѝ беше дозволено да игнорира бројни резолуции на Советот за безбедност и Четвртата женевска конвенција во врска со нејзината окупација на Западниот Брег, како и пресудата на Меѓународниот суд на правдата за нејзиниот апартхејдски ѕид. Таа успеа да ги лиши Палестинците од голем дел од нивната земја и вода, да им уништи илјадници домови, да им исече илјадници од нивните маслинови дрвја, да ја уништи нивната инфраструктура и да создаде модерна мрежа од патишта низ окупираниот Западен Брег само за Евреите, истовремено наметнувајќи сериозни пречки за движењето на Палестинците.

Ова систематско етничко чистење се спроведува од екстремно доброобучена и доброопремена војска што се справува со практично невооружено домородно население за да направи место за еврејските доселеници, прекршувајќи го меѓународното право за правилно однесување на една окупаторска сила. Ова е уникатен систем на „привилегирано етничко чистење“, „привилегирано прекршување на законите“ и „привилегирани исклучоци од одлуките на Советот за безбедност и Меѓународниот суд“.

Трето, Израел периодично ги преминуваше своите граници за да води војна со своите соседи – Египет, Сирија и Либан – и се вклучи во дополнителни бомбардирања или терористички акти против тие три земји плус Тунис и долги години одржуваше терористичка посредничка војска во Либан, истовремено вршејќи бројни терористички напади таму во рамките на својата политика на „Железна тупаница“, при тоа нанесувајќи тешки цивилни жртви.

Додека инвазијата на Либан во 1982 година беше прогласена за одговор на терористички напади, всушност таа се темелеше на отсуство на терористички напади (и покрај намерните израелски провокации) и стравот дека ќе мора да се преговара со Палестинците наместо да се продолжи со нивното етничко чистење. Немаше казна или санкција против Израел за овие дејствија, бидејќи Израел го ужива „привилегираното право на агресија, државен тероризам и спонзорирање тероризам“.

Четврто, со оглед на неговото право на етничко чистење и тероризирање, кршејќи ги резолуциите на Советот за безбедност и меѓународното право, неговите жртви немаа право на отпор. Можеби ќе бидат протерани од нивната земја, ќе им ги уништат домовите, ќе им ги откорнат маслиновите дрвја, а нивните луѓе ќе бидат убивани од Израелските одбранбени сили (ИДФ) и преку насилството на доселениците, но насилниот отпор од нивна страна е неприфатлив „тероризам“, што треба „длабоко да се осудува“.

Околу илјада Палестинци беа убиени од Израелците за време на нивната прва и ненасилна фаза на отпор во почетната Интифада (1987-1992), но нивниот пасивен отпор немаше ефект врз илегалната окупација. Меѓународната заедница не направи ништо за да ги ублажи нивните неволји, а Израел имаше преќутно разбирање со САД дека ќе биде поддржан во неговиот насилен одговор на Интифадата сѐ додека тој отпор не биде скршен. Соодносот на Палестинците и Израелците убиени во тие години беше 25 напроти 1, па дури и повисок, но Палестинците беа тие што беа етикетирани како терористи.

Петто, Израелците исто така можеа слободно да го постават на чело на државата лицето што беше одговорно за низа терористички напади врз цивили и, во Сабра и Шатила [во Либан], за масакр на помеѓу 800 и 3.000 палестински цивили. Трибуналот за Југославија тврдеше дека може да се заклучи дека постои геноцидна намера од дејствијата со кои се бара да се убијат сите луѓе од одредена група во една област, дури и доколку тоа не е дел од план да се убијат сите на друго место, наведувајќи ги своите претходни одлуки, а покрај тоа и Резолуцијата на Собранието на ОН од 1982 година дека масакрот на 800 луѓе во Сабра и Шатила е „чин на геноцид“. Но, таквата пресуда на Трибуналот беше применета само за таргетираните Срби – таа не беше применета од Западот врз Шарон и дури не му пречеше да стане почитуван шеф на државата.

Шесто, со право на етничко чистење и тероризирање, таквите ужасни зборови не се сметаа за применливи во однос на израелските постапки. Сепак, тие се применија со голема огорченост во случајот на српските операции на Косово, што имаа одлики на граѓанска војна (поттикната од странство) и не беа, како во израелскиот случај, замислени да го отстранат и заменат домородното население во корист на некоја друга етничка група. Израел, исто така, ја уживаше привилегираната употреба на зборовите „безбедност“ и „насилство“.

Палестинците може да бидат многу понебезбедни од Израелците и да бидат подложени на многу повисоко и потрајно ниво на насилство, но повторно Палестинците се тие што мора да го намалат своето посегање кон насилство, а големото прашање е како Израел може да се направи побезбеден. Безбедноста на Палестинците не е прашање на Западот, бидејќи нивната виктимизација не предизвикува загриженост и затоа што нивната небезбедност е резултат на нивниот неуспех да го прифатат процесот на етничко чистење.

Процесот на етничко чистење, што вклучува тероризам на големо и што е причинската сила што предизвика палестински тероризам на возвраќање како одговор, всушност се претставува (заедно со ѕидот) не како намерна програма за „повторно стекнување на земјата“ за избраниот народ, туку како нужност во борбата против „тероризмот“ – во меѓувреме, главните терористи се извлекуваат со ова.

Седмо, Израел е единствената блискоисточна држава што има акумулирано залихи на нуклеарно оружје и во тоа му помогнаа не само САД, туку и Франција и Норвешка. Ова се случи и покрај 39-те години етничко чистење, рекордниот број прекршувања на барањата од Советот за безбедност и на меѓународното право, како и периодичните инвазии на соседите на Израел. Ова привилегирано право на нуклеарно оружје и изземање од надлежноста на Меѓународната агенција за атомска енергија и Договорот за неширење на нуклеарното оружје произлегуваат од другите привилегии на Израел што се посочени претходно и во крајна линија од заштитата и прикривањето од страна на американската моќ.

Осмо, „слободниот свет“ е вознемирен од можноста дека Иран е во состојба да се стекне со нуклеарно оружје во некое идно време. На Иран му се закануваат со „промена на режимот“, со бомбардирање и со други напади како од САД така и од Израел, затоа што активностите на Иран се во конфликт со режимот на привилегии според кој само Израел (и неговата суперсила поддржувач) имаат безбедносен проблем и право на самоодбрана; другите, како Иран, мора да се справат со заканата од напад и санкции поради вклучување во правни дејствија и евентуално преку барање на нуклеарни средства за самоодбрана, без помошта од „слободен свет“ што вредно брза да им излезе во пресрет на САД и на нивниот блискоисточен клиент. Така, Израел не само што има нуклеарна привилегија, туку е привилегиран и во тоа да може да го придобие „слободниот свет“ да му помогне да ја монополизира таа привилегија на Блискиот Исток.

Деветто, „слободниот свет“ исто така беше вознемирен поради победата на Хамас на палестинските избори од 25 јануари 2006 година, на кои Хамас освои 76 од вкупно 132 места во Парламентот; Фатах освои 43. Нашироко се смета дека оваа нова законска политичка власт на Хамас може да го наруши „мировниот процес“, а Џорџ Буш не е подготвен да преговара со група што применува „насилство“. Сепак, насилството е специјалитет на Буш и САД, со три големи агресии во последните седум години и отворено објавена програма за доминација заснована на воена супериорност. Операциите на Израел во Палестина се насилни над сè што Палестинците може да постигнат, иако, за смешно пристрасниот Запад, „самоубиствените бомбашки напади“ се застрашувачки, додека „таргетираните атентати“ тоа не се.

Хамас доби на популарност затоа што Фатах и неговите водачи не успеаја да го запрат процесот на етничко чистење и не беа во можност да го спречат постојаното зголемување на палестинската беда, при што Израел газеше преку водачите на Фатах и нивниот мандат го направи целосен неуспех.

Хамас всушност беше финансиран од Израел пред повеќе години со цел да се расцепат Палестинците и да се ослабне секуларната Фатах. Тој успеа во ова, но сега кога една исламска група ја презеде власта, тие и нивниот покровител ќе можат да најдат уште една причина за да избегнат какво било конечно преговарачко решение со Палестинците што изгласаа партија која не избегнува насилство – како што Шарон и Буш митски направиле. Хамас, исто така, одбива да се разоружа и инсистира на правото да го брани својот народ од безмилосната окупација со етничко чистење, но на Запад тоа е неразумно, бидејќи само едната страна има право на самоодбрана и загриженост за „безбедноста“. Нема право на отпор во овој случај на редуцирани морални инстинкти.

„Мировниот процес“ е врвен орвелизам, кој го дефинирав пред неколку години во речникот за двоговор како: „Што и да прави или поддржува американската влада во некоја област на конфликт во тој момент. Тоа не мора да резултира со прекин на конфликтот или тековни операции за смирување на краток или долг рок“. Така, „мировниот процес“ во Палестина, што американската влада без прекин го прифаќа или активно го поддржува, се карактеризира со засилено етничко чистење, уништување на палестинската инфраструктура, населување на околу 450.000 Евреи на Западниот Брег, изградба на апартхејдски ѕид и израелско преземање на голем дел од Источен Ерусалим – со други зборови, воспоставување од страна на државниот тероризам на доволно „факти на теренот“ за да се направи незамислив каков било вид одржлива палестинска држава. Но, за пропагандните органи на „слободниот свет“, се одвиваше сериозен „мировен процес“, кого изборот на Хамас може да го сопре.

Трет дел: https://lenka.mk/left_literature/etnichkoto-chisteњe-i-moralniot-instinkt-tret-del-kako-da-go-obјasnime-ova-liczemerie-edvard-herman/

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/herman/2006/palestina.htm

Последно