Во СССР, многу детали за новогодишниот ентериер се правеа рачно. Децата го поминуваа времето за нивна изработка во градинките и училиштата, а дома тоа беше прекрасна можност за возрасните и децата да прават нешто заедно.

Снегулки од хартија и украсна фолија

Секоја година децата правеа китнести снегулки од обична хартија. Потоа ги закачуваа на елката, ѕидовите и прозорците. Ги красеа становите, училиштата и градинките.

Имаше многу начини да се направи снегулка, а оние највештите смислуваа свој дизајн. Оваа традиција е зачувана и денес, а во некои училишта сите во пресрет на Нова година ги украсуваат прозорците со снегулки.

Снегулки се правеа и од украсна фолија во различни бои. Фолијата беше многу еластична, така што снегулките од неа се лепеа на прозорците со помош на шеќерна вода.

Цврсти, сјајни снегулки се правеа и од капачиња за млеко, кефир и овошен јогурт.

Ѕвездички

Уште една ракотворба од фолија беа цврстите ѕвездички што се закачуваа на елката. Парчиња дебела фолија за домаќинство ќе се ставеа во калап за бисквити и ќе се притиснеа. Со добиваа ѕвездички како на сликата.

Цртежи на прозорци и огледала

Цртежите можеа да бидат најразлични. Некој ќе нацрташе наједноставни шари и ќе напишеше „Среќна Нова Година!“, додека други копираа комплицирани цртежи од новогодишните честитки.

По празниците, цртежите се отстрануваа со помош на вода со две лажици деветпроцентен оцет.

Снег од памучна вата

Од обична медицинска памучна вата се правеше снег за новогодишната елка. Го ставаа да лежи под дрвото или да виси на гранките како венец.

Украсни ленти

Украсните ленти, вклучувајќи ги и оние со знаменца, можеа да се купат во продавница. Но, некои претпочитаа да ги направат сами. На пример, купуваа новогодишни честитки и ги лепеа на дебел конец. Или сечеа знаменца од хартија и пишуваа честитки на нив.

Друг тип на украсна лента беше синџирчето. Од разнобојна хартија се сечеа лентички што се поврзуваа во прстени провлекувајќи ги една низ друга. Особено се ценеше ланчето направено од хартија со текстура!

Плакати

Во советското училиште постоеше традиција на украсување на училницата со заеднички креативни дела. На пример, со плакати. Учениците цртаа верверички, зајачиња, Дедо Мраз и копираа сцени од честитки.

На некои факултети се негуваше и овој обичај, така што вработените и студентите ги украсуваа ходниците и канцелариите. Меѓутоа, такви ракотворби имаше значително помалку.

Преземено од: https://mk.rbth.com/lifestyle/90415-sovetski-novogodishni-ukrasi-rachna-izrabotka