Зголемувањето на платите на именуваните и избраните функционери за 78% во мај минатата година претставуваше само почеток на новата низа социјални неправди нанесени од страна на однародената владеачка елита врз обичниот народ. Имено, деновиве е најавено ново покачување на функционерските плати за дополнителни 300 до 500 евра!
Со новата „методологија“ за пресметување на платите на функционерите, Претседателот на државата ќе зема околу 3 000 евра плата, на сметката на премиерот на Републиката секој месец ќе легнува слична сума, додека пратениците ќе зимаат солидно над 2 000 евра плата.
Претходното зголемување од 78% беше шок за многумина, но сега, со новото најавено зголемување, се создава уште поголема разлика меѓу привилегираните функционери и „обичните смртници“. Со ова покачување и целосно се игнорира потребата за социјална правда – нешто што лажните социјалдемократи континуирано го уништуваат преку делувањето и во собранието и во владата, имено широката коалиција СДС-ДПМНЕ-ДУИ има одбиено повеќе закони за создавање на социјално порамноправно општество, поднесени од наша страна.
Ја потсетуваме јавноста дека Левица како единствен претставник на обичниот народ во законодавниот дом има поднесено повеќе предлог-закони за НАМАЛУВАЊЕ на привилегиите на функционерите како:
Драстично намалување на платите на функционерите преку автентично толкување на покачувањето од 78% со што платите на функционерите ќе се намалеа за половина.
Укинување на апанажата што ја добиваат функционерите.
Драстично намалување на озогласените „патни трошоци“ на пратениците. – Се вели во соопштението на секторот Политички систем при политичката партија Левица.