Фејзбук статус на претседателскиот кандидат на политичката партија Левица, Проф. д-р Билјана Ванковска

Уште вистински не сме ни почнале, а веќе почнаа недолични коментари за жените кандидатки за претседателските избори – само затоа што се жени или припаднички на одредени (возрасни, верски) групи. Најстрашно од сѐ е кога вакви коментари доаѓаат од жени. Чудна потреба од злорадост и потсмевање!

Женските организации одамна порачаа „не е доволно што си жена“. Тие си ја одработија улогата на вљубено гледање во Бранко и останатите. Во ред, си го врзав тоа во крпче. Не ни барам од некого да ми дава поголема поддршка само затоа што сум жена – ние сме половина од популацијата и сме еднакви со мажите. А има една добра шега до која се држам: свака права жена мора имати му*а.

Впрочем, родена сум и порасната во земја и во време во кое феминистките и родовите активисти не беа познати, а жените беа еднакви со мажите. Потоа дојдоа западњаците да нѐ учат на нешта со кои јас сум пораснала, и тоа кога во нивните земји не биле познати некои женски и политички права.

Искрено, во мојата програма јас не се ни дефинирам себе си како жена, ниту промовирам некаква феминистичка политика. Напротив, зборувам за претседател (а не претседателка), не ветувам женска еманципација ниту окружување со жени. Себе се сметам за личност (без оглед на полот/родот), и како таква сакам да се борам „машки“ за она во што верувам. Се трудам да изгледам пристојно, но не накитено – бидејќи народен претседател е мојата визија. Не госпоѓа во земја во која половина популација не може да преживее. А конечно, и немам плата зголемена за 78 отсто (ни обичната уште не сме ја добиле на универзитет).

Поентата е: претседателската функција и состојбата во која се наоѓа земјата бара сериозност и посветеност од секој/секоја од нас! Нашиот/вашиот најмал проблем е изгледот, модата, родот или возраста на кандидатката/кандидатот.

Имам 64 години, мајка сум на три деца и баба. Убава никогаш не сум била, но си имам свои квалитети. Висока сум колку Наполеон, метар и жилет – ама и Македонија е мала, што не значи дека е минорна и за газење.

Баталете изглед! Слушајте, читајте и ценете ум, искуство, зрелост, решителност, знаење, кредибилност, стаменост, борбеност и храброст …

П.С. Патем, подбивањето со мене и Мерсиха Смаиловиќ како кандидати кои сигурно одат во втор круг е дел на една вмровска кујна која не заслужува ни да ја земаш сериозно. Си пукаат не во нога, туку во глава, без оглед на сите дипломатски оградувања.