Кандидатот за претседател на Левица, Билјана Ванковска на денешната прес-конференција најави дека изборната кампања ќе ја започне вечер во Струмица во Домот на култура „Антон Панов“.
-Во оваа кампања ќе се претставиме скромно, согласно можностите, каков што е и нашиот народ. Тоа што јас го ветив уште од денот кога ги собрав потписите е дека ќе бидам една и единствена која се разликува по тоа што го нуди и начинот на кој ќе ја презентирам визијата за една поинаква Македонија, порача Ванковска.
Како што посочи Ванковска, кампањата започнува во Струмица, а вели дека тоа не е случајно.
-За жал многу работи тргнаа од Струмица. Даваме една прилика Струмица да го обели образот од некои личности кои нанесоа штета, додаде таа.
Во Струмица вечерва ќе се обрати и претседателот на Левица и носител на ИЕ 1, Димитар Апасиев, и носителот на ИЕ 4, Сашко Јанчев.