Извештајот на Народниот правобранител покажа шокантни информации за безбедноста во еден од нашите најголеми затвори. Таму покрај катастрофалните услови кои се посочени во многубројните извештаи се пишува и за бегство од страна на затворениците.

„ Имено, капацитетот на Установата „Идризово“ е за 1.187 лица, а казна затвор издржуваат 1.409 осудени лица, односно 222 повеќе. Загрижува податокот дека во КПУ Идризово евидентирани се 119 бегства од осудени лица, од кои 24 воопшто не се вратени по прекин на издржување на казната затвор“ се вели во извештајот.

Покрај бегствата во извештајот се додава дека затворениците му се жалеле на народниот правобранител за неквалитетната здравствена заштита, нередовните терапии, за нетпеливоста и влошените односи помеѓу осудените лица кое нешто е резултат на лошите сместувачки услови во затворските ќелии.

Со оглед дека не се изградени нови капацитети од канцеларијата на Народниот правобранител нотираат дека нема поголеми промени кога се работи за пренатрупаноста на затворите што се рефлектира на зголемено насилство и намалување на редот и дисциплината во самата установа.