Како што се приближуваме до изборите во 2024 година, главната американска политика развива чуден феномен: реторичка војна помеѓу кандидатите кои се обвинуваат еден со друг за „комунизам“ и „фашизам“.
Доналд Трамп ја нарече Камала Харис комунист, исмевајќи ја како „Другарица Камала“, додека Харис и демократите го именуваат Трамп како фашист. Изгледа дека, да се парафразираат бесмртните зборови на Карл Маркс и Фридрих Енгелс, две моќни сеништа ја гонат Америка: сеништето на комунизмот и сеништето на фашизмот. Обете етикети се тешко оптоварени, повикувајќи на спомени за големите битки на 20-тиот век — Втората светска војна и Студената војна. Сепак, ниеден од кандидатите не се вклопува во овие идеолошки описи. Наместо тоа, овие обвинувања ги прикриваат подлабоките кризи: опаѓањето на глобалната хегемонија на САД и неспособноста на било која од главните партии да се справи со вистинските проблеми дома или во странство.
По завршувањето на Студената војна, американските интелектуалци славно прогласија „крај на историјата“, убедени дека либералната демократија и капитализмот се единствениот пат напред за човечкото општество. Оваа идеја, базирана на доминацијата на светскиот поредок предводен од САД, сега е оспорена. Подемот на социјалистичка Кина и појавата на мултиполарен свет предводен од растечките сили како Русија и Иран ги потресуваат темелите на глобалниот систем центриран околу САД. Во меѓувреме, дома, американскиот стандард на живеење е во опаѓање, социјалната структура се распаѓа, а и демократите и републиканците се покажуваат неспособни да ги решат кризите на долговите, платите кои стагнираат и распаѓањето на инфраструктурата.
Воскреснување на сеништата на Фашизмот и Комунизмот Соочени со овие предизвици, ни Харис ни Трамп немаат способност да понудат значајни решенија. Наместо тоа, тие ги повикуваат сеништата од минатото за да одвлечат внимание од својата неспособност да ги решат кризите вкоренети во актуелниот систем на монополски капитализам. Со означувањето на Трамп како фашист и Харис како комунист, двајцата кандидати апелираат до гласачите „страв од чудовиштата“, потсетувајќи на историските закани кои ги обединија американците за време на Втората светска војна и Студената војна. Оваа стратегија е дизајнирана да одвлече внимание од реалноста дека двата кандидата претставуваат различни фракции на капиталистичката владејачка класа, а не радикални алтернативи. Ова не само што ја изобличува комплексноста на фашизмот и комунизмот, туку и открива длабоко неразбирање на овие идеологии.
Неразбирање на Фашизмот и Комунизмот Американските политичари често неправилно ги користат термините „фашизам“ и „комунизам“, покажувајќи длабоко непознавање на нивните вистински историски и теоретски значења. За либералите, фашизмот често се редуцира на личен атрибут поврзан со расизам и ксенофобија. За либералите, секој кој застапува социјално конзервативни вредности е означен како „фашист“. Во меѓувреме, конзервативците обично погрешно го интерпретираат комунизмот само како продолжение на либералната идентитетска политика. Всушност, и фашизмот и комунизмот се комплексни политички системи длабоко вкоренети во историскиот развој на модерното општество, а нивното неправилно користење од современите политичари ги редуцира на карикатури.
Обвинувањата на демократите за фашизам против Трамп произлегуваат од нивниот страв дека тој може да биде симпатичен за мултиполарниот светски поредок — тој што може да ја предизвика американската доминација. Поставувајќи го Трамп како опасен автократ кој ги фали „странските диктатори“ како Си Џинпинг или Владимир Путин, тие имплицираат дека неговите странски политики го усогласуваат со ривалските сили наместо со корпоративниот естаблишмент на Америка. Од друга страна, обвинувањата на Трамп за „комунизам“ против демократите се дизајнирани да заблудат разочараната работничка класа. Претставувајќи го комунизмот како синоним за поделената „пробудена“ култура — која е промовирана од самата Корпоративна Америка — Трамп ја замаглува вистината дека вистинскиот комунизам не е поврзан со подгревање на поделбените културни војни, туку со создавање економија која им служи на интересите на обичните луѓе пред корпоративната елита.
Вистината Зад Реториката на Трамп и Харис Иронично, може да се тврди дека Демократската партија, и покрај своето самоидентификување со либерални вредности, често покажува поголеми авторитарни тенденции од својот републикански противник. Демократите имаат историја на манипулирање со своите сопствени примарни избори и тужби за да исклучат трети партии од гласањето. Понатаму, демократите ја именуваа Харис за претседателски кандидат без дури и да се потрудат да одржат примарни избори. Во странската политика, демократите обезбедуваат воена поддршка за неонацистички фракции во Украина и се здружуваат со големите технолошки компании за да ги загушат гласовите на опозицијата под изговор на борба против дезинформации. Лидерството на демократите, поддржано од воено-индустрискиот комплекс и неоконзервативците од ерата на Буш, како Дик Чејни, го обединува спојот на државната и корпоративната моќ што е одлика на фашизмот.
Псевдопопулистичката реторика на Трамп, од друга страна, често позајмува теми што имаат изненадувачка резонанца со антиконтролни чувства. Неговите напади на политичката корупција во Вашингтон, неговото осудување на „лажни вести“ и корпоративните медиуми, и неговата критика на бесконечните војни се позиции што може да се видат како критики на неолибералниот капиталистички поредок. Способноста на Трамп да ги мобилизира гласачите од работничката класа, особено во економски опустошени региони, се поврзува со искрено незадоволство со глобализацијата и деиндустријализацијата.
Неопходно е да се наведат идеите на Мао Це Тунг за „Големиот скок напред“, Трамп исто така повикува на „Квантен скок“ во американскиот стандард на живеење, предлагајќи нови футуристички градови и масивно проширување на технологијата и инфраструктурата. Додека неговите политики остануваат реакциски, псевдопопулизмот на Трамп одекнува одредени елементи на комунистичка критика на монополскиот капитализам, иако на крајот ги насочува тие чувства во регресивни правци. Ксенофобичкото обвинување на имигрантите и муслиманите, непријателството кон Кина и приближувањето на христијанските националистички елементи одразуваат користењето на популистичкиот јазик од Трамп како средство за оправдување на политики кои, иронично, ги заштитуваат буржоаските интереси на сметка на пошироката работничка класа.
Патот Напред На крајот, и Трамп и Харис претставуваат лажна надеж за американскиот електорат.
Нивните кампањи нагласуваат очаен обид за извлекување на историските стравови, но пред се’, ниеден не нуди решение за кризите на нашето време. Повикањето на фашизам и комунизам служи како одвлекување на вниманието од реалноста на американското општество: опаѓање на стандардите на живеење, бесконечни војни и систем што ги приоретизира интересите на финансискиот капитал пред потребите на луѓето.
Патот напред не лежи во авторитарниот либерализам на Камала Харис, ниту во псевдопопулизмот на Доналд Трамп. Наместо тоа, итната задача е да се создаде новo социјалистичкo движење на 21-от век што ќе ги признае неуспесите на актуелниот систем и ќе се стреми да конструира влада што вистински ги претставува интересите на луѓето пред профитите на моќните корпоративни елити. Оваа нова форма на социјализам мора да биде во солидарност со т.н. мултиполарен свет, истовремено градејќи се врз уникатната култура и историја на американското општество, вкоренувајќи се во потребите на луѓето. Единствената партија способна да ја предводи оваа иницијатива денес е Американската комунистичка партија (АКП). Само преку дисциплинираното лидерство на АКП Америка може да ја надмине лажната реторика на двете неуспешни капиталистички партии и да изгради посветла иднина.
Превод: Христијан Мурџески
Извор:
Џонатан Браун https://arkansasworker.com/communism-vs-fascism-the-empty-rhetoric-of-the-2024-election/