Што претставува синдикално организирање?

Синдикатот е самостојна, демократска и независна организација на работниците во која тие доброволно се здружуваат поради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси.

Согласно Законот за работните односи (ЗРО), работниците имаат право, по свој слободен избор, да основаат синдикат без какво било претходно одобрување и да се зачленуваат во него под условите пропишани со статутот или со правилата на тој синдикат.

  • Синдикатот престанува да дејствува ако така одлучи надлежното тело на синдикатот, кое со статутот е овластено да одлучува за престанок на дејствување на синдикатот.
  • Работникот слободно одлучува за своето стапување и истапување од синдикатот.
  • Никој не смее да биде ставен во понеповолна положба поради членство или нечленство во синдикатот, односно учество или неучество во дејноста на синдикатот.
  • Синдикатите не може да бидат распуштени или нивната дејност да биде запрена по административен пат ако се основани и ако дејноста ја вршат во согласност со закон.
  • Активноста на синдикатите и на нивниот претставник не може да се ограничува со акт на работодавачот ако таа е во согласност со закон и со колективен договор.
  • Синдикатите може да основаат свои сојузи или други облици на здружување во кои нивните интереси се поврзуваат на повисоко ниво.
  • Синдикатите имаат право слободно да се здружуваат и да соработуваат со меѓународните организации основани поради остварување на нивните права и интереси.
  • Член на синдикатот може да бара судска заштита во случај на повреда на неговите права утврдени со статутот или со другите правила на синдикатот.
  • Синдикатот може да бара од судот да ја забрани дејноста што е спротивна на правото на слободно здружување на работниците.
  • Синдикатот и неговото здружение на повисоко ниво може да бара надоместок на штета што ја претрпеле поради дејности што се спротивни на правото на слободно здружување на работниците.
  • Работникот не смее да биде ставен во понеповолна положба од другите работници поради членство во синдикатот, а особено не е допуштено:
  • да се склучи договор за вработување со определен работник под услов тој да не влезе во синдикат, односно под услов да излезе од синдикатот;
  • да му се раскине договорот за вработување или на друг начин да го стави работникот во понеповолна положба од другите работници поради негово членство во синдикатот или поради учество во синдикални активности надвор од работното време, а со согласност на работодавачот и за време на работното време;
  • членството во синдикатот и учеството во активностите на синдикатот не смее да биде околност на која работодавачот ќе ја заснова одлуката за склучување договор за вработување, за промена на работата што ја работи работникот, односно работното место, стручното образование, напредувањето, плаќањата, социјалните надоместоци и престанокот на договорот за вработување;
  • работодавачот, директорот или некој друг орган и застапникот на работодавачот не смеат да користат присила против кој било синдикат.

Синдикален претставник

  • Синдикатите самостојно одлучуваат за начинот на нивното застапување кај работодавачот.
  • Синдикатите што имаат членови вработени кај одреден работодавач може да именуваат или да изберат еден или повеќе синдикални претставници што ќе ги застапуваат кај тој работодавач.
  • Синдикалните претставници имаат право кај работодавачот да ги штитат и да ги промовираат правата и интересите на членовите на синдикатот.
  • Работодавачот е должен на најбројниот репрезентативен синдикат да му обезбеди просторни услови за вршење на дејноста.
  • Работодавачот е должен на синдикатите и на нивните претставници да им овозможи навремено и успешно остварување на заштитата на правата и интересите на членовите на синдикатот и пристап до податоците што се важни за остварување на тоа право.
  • Синдикалниот претставник е должен штитењето и промовирањето на правата и интересите на членовите на синдикатот да ги остварува во време и на начин во согласност со колективен договор.
  • Синдикатот е должен да го извести работодавачот за именувањето на синдикалниот претставник.

Зошто работниците треба да се здружуваат во синдикати?

Поради остварувањето на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикати и да се зачленат во синдикат по сопствен избор.

Работникот не е моќен сам да преговара за поголеми права. Мал број работници се информирани за своите права од работниот однос, што е главната причина зошто тие не знаат ниту да си побараат некое право ниту, пак, знаат како да се заштитат. Оттука произлегува и потребата за здружување во синдикат.

Работниците што се членови во синдикат имаат можност да ги добијат сите потребни информации од стручните служби на синдикатите и уживаат соодветна заштита во поглед на заштитата на правата од работниот однос.
На своите членови, синдикатот им обезбедува бесплатна правна помош и совети при остварувањето на правата од работниот однос, организира и едукативни семинари, работилници и обуки за јакнење на своите капацитети и подигнување на свеста кај своето членство.

Синдикатот бара на сите работници да им биде обезбедена достоинствена работа, да бидат уредно пријавени, да примаат редовна плата, исплата на надоместок за прекувремена и ноќна работа, целосно искористување на правото на годишен одмор согласно закон, плаќање на придонесите од плата.

Синдикатот е единствен што се залага за почитување на човековите права и слободи, за правна држава, демократија и слободен пазар, и води вечна борба против кршењето на работничките права.
Исто така, синдикатот се бори за почитување на личноста и интегритетот на секој работник, се бори против злоупотреба на работничкиот труд, против работа на црно, корупција, дискриминација и вршење мобинг врз работниците.

Само здружени во синдикат, работниците имаат право на колективно преговарање за регулирање на условите за вработување, работа, како и на другите права од работниот однос; како и право на штрајк и на преземање на сите форми на синдикални акции.

Преземено од: Мојтрудмоиправа