СПРОТИСТАВЕТЕ СЕ НА ОБОЖУВАЊЕТО НА КНИГИТЕ [Мао Це Тунг – прв дел]

I НЕМА ИСТРАЖУВАЊЕ, НЕМА ЗБОРУВАЊЕ

Се додека ти не си истражил некаков проблем, немаш право да говориш за него. Дали е тоа сурово? Воопшто не е. Кога немаш навлезено во проблемот, во сегашните факти и историјата, и не ја знаеш суштината, се што ќе кажеш несомнено би било глупост. Проблеми не се решаваат со зборување глупости, како што сите знаат, па тогаш зошто да е неправедно ако ти се одземе твоето право на збор? Има неколку другари што цело време ги држат очите затворени и зборуваат глупости – за комунисти тоа е бесчесно. Како може комунист на слепо да зборува глупости?

Нема да помине!

Нема да помине!

Мора да истражиш!

Не смееш да зборуваш глупости!

Мао Це Тунг

II ДА ИСТРАЖИШ ПРОБЛЕМ Е ДА ГО РЕШИШ

Не можеш да решиш проблем? Па, спушти се и истражи ги сегашните факти и минатата историја! Кога темелно ќе го истражиш проблемот, ќе знаеш и како да го решиш. Заклучоци неменливо се носат по истражувањето, а не пред. Само ѓулиња се удираат сами по глава, или заедно во група, кога пробуваат да најдат решение или да развијат идеја, без да направат какво било истражување. Мора да се акцентира дека овој пристап нема да создаде ефективно решение или добра идеја. Со други зборови, ѓулето секогаш ќе дојде до погрешно решение или погрешна идеја.

Не се малку другарите што вршат инспекциска работа, како и герила лидери и нови кадри во канцеларии, кои сакаат да дадат политичка декларација во моментот кога ќе дојдат на некое место и кочоперно да се движат наоколу, критикувајќи и осудувајќи нешто за што ја виделе само површината или баналните детали. Таквиот чисто субјективен бесмислен муабет е, и те како, ужасен. На ваквите луѓе им е пишано да направат хаос од нештата, да ја изгубат довербата на масите и да ја докажат нивната неспособност во решавањето проблеми.

Кога ќе дојдат во допир со тешки проблеми, голем број на луѓе на лидерски позиции едноставно се истрошуваат, не знаејќи како да ги решат. Го губат трпението и бараат да се преместат на терен, бидејќи тие „ја немаат способноста и не може да ја завршат работата“. Тоа се кукавички зборови. Само почни да одиш со твоите две нозе, оди во твоите сектори што се под твое водство и „испитај се“, како што рекол Конфучиј, и тогаш ќе можеш да го решиш проблемот, но, колку и да ти e мала кадароноста, иако може да имаш празна глава пред да си отидеш низ вратата, нема да биде повеќе празна кога ќе се вратиш, туку ќе ги има сите потребни материјали за да го решиш проблемот. Дали мораш да излезеш низ вратата? Не мора да значи. Можеш да свикаш состанок со луѓе што се запознаени со ситуацијата, се со цел да дојдеш до сржта на тешкиот проблем и да откриеш каква е ситуацијата, па тогаш ќе ти биде полесно да го решиш тој тежок проблем.

Истражувањето може да се спореди со долгомесечна бременост, а решавањето на проблемот со пораѓањето. Да го истражиш проблемот е да го решиш.

Пристап до вториот дел: https://lenka.mk/left_literature/sprotistavete-se-na-obozhuvaњeto-na-knigite-mao-cze-tung-vtor-del/

Преведено од: Андреј Михаиловски

Последно