Синдикати [Фридрих Енгелс – последен дел]

Пристап до првиот дел: https://lenka.mk/left_literature/sindikati-fridrih-engels-prv-del/

Досега ги разгледувавме функциите на синдикатите во онаа мера во која тие придонесуваат кон регулирањето на висината на наемнината и во која му обезбедуваат на работникот, во неговата борба против капиталот, барем одредени средства со коишто може да се брани. Но, овој аспект не ја исцрпува нашата тема.

Фридрих Енгелс – Автор на текстот

Зборувавме за борбата на работниците против капиталот. Оваа борба постои без разлика што ќе кажат против тоа апологетите на капиталот. Таа ќе постои сè додека намалувањето на наемнината останува најсигурно и најлесно средство за зголемување на профитот, односно сè додека воопшто постои наемниот систем. Самото постоење на синдикатите е доволна потврда на тој факт; ако тие не се создадени за борба против капиталот, зошто се тогаш создадени? Нема смисла да се крие тоа. Со никакви убави зборови не може да се прикрие грдиот факт дека современото општество во суштина е поделено на две големи антагонистички класи – на едната страна се капиталистите, сопственици на сите средства за производство, а на другата страна се работниците, кои не поседуваат ништо друго освен својата работна сила. Производот на трудот на втората класа мора да се дели помеѓу тие две класи, а токму околу оваа поделба непрекинато се води борбата. Секоја класа се обидува да дојде до што поголем дел; а најчудното во таа борба е тоа што работничката класа, иако се бори за делот од својот личен производ, често е обвинувана дека таа всушност ги ограбува капиталистите!

Борбата помеѓу двете најголеми општествени класи, меѓутоа, неизбежно станува политичка борба. Така било со долготрајната борба помеѓу средната или капиталистичката класа и земјопоседничката аристократија; така е и со борбата помеѓу работничката класа и овие исти капиталисти. Во секоја борба на класа против класа непосредната цел околу којашто се води борбата е политичката власт, владејачката класа ја брани својата политичка надмоќ, што значи своето сигурно мнозинство во законодавното тело; пониската класа се бори прво за учествување во таа власт, а подоцна за целата власт, за да биде во состојба да ги промени постоечките закони според своите интереси и потреби. Така работничката класа на Велика Британија со години со сиот жар и применувајќи сила се борела за Народната повелба, којашто требала да ‘и ја даде таа политичка власт; претрпела пораз, но таа борба оставила врз победничката средна класа такво влијание што таа тогаш радо по цена на сите нови отстапки од работничкиот народ купува продолжување на примирјето.

Фридрих Енгелс

Во политичката борба на класа против класа организацијата е најважното оружје. И колку повеќе се распаѓала политичката, чартистичка организација, дотолку јакнеела организацијата на синдикатите, сè до сега кога доби толкава сила што со неа не може да се споредува ниедна работничка организација во странство. Само неколку крупни синдикати, кои опфаќаат еден до два милиони работници и со поддршка на ситните и локалните сојузи, претставуваат сила којашто треба да ја има предвид секоја влада на владејачката класа, виговска или ториевска – сеедно.

Според традицијата на своето настанување и развој, овие моќни организации досега се ограничиле скоро исклучиво на функцијата на соучествување во регулирањето на наемнината и работното време и изнудување на укинување на отворено антиработничките закони. Како што веќе кажавме, тие го правеле тоа со точно онолку успех колку што со право можеле да очекуваат. Но, тие постигнале и повеќе: владејачката класа, која ја познава силата на синдикатите подобро отколку самите тие, доброволно им правела отстапки кои отишле уште подалеку од тоа. Правото на глас за домаќинството на Дизраели[4] му даде глас барем на поголемиот дел од организираната работничка класа. Дали тој би го предложил тоа ако не претпоставил дека овие нови гласачи ја искажуваат својата лична волја – дека тие во иднина нема да го препуштат своето водство на либералните политичари од средната класа? Дали тој би можел да го спроведе тоа ако работниот народ, раководејќи ги своите џиновски синдикални сојузи, не ја докажа својата способност за административни и политички работи?

Токму оваа мерка отворила нови перспективи за работничката класа. Таа им даде мнозинство во Лондон и во сите индустриски градови и со тоа ги оспособи да водат борба против капиталистите со ново оружје – испраќање луѓе во парламентот од редовите на својата класа. Меѓутоа, мораме, за жал, да кажеме дека овде синдикатите ја заборавиле својата должност на авангарда на работничката класа. Тоа ново оружје повеќе од десет години се наоѓа во нивни раце, но тие едвај некогаш да го извадиле. Тие не треба да забораваат дека положбата којашто денес ја заземаат не може постојано да ја задржуваат ако навистина не маршираат на чело на работничката класа. Скоро е неприродно англиската работничка класа, иако има сили да испрати во парламентот четириесет или педесет работници, вечно да се задоволува со тоа да ја застапуваат капиталисти или нивни платеници, адвокати, уредници итн.

Освен тоа, има мноштво знаци кои покажуваат дека кај англиската работничка класа се пробудила свеста за тоа дека долго време одела по погрешен пат; дека сегашните движења со исклучива цел да се постигне поголема наемнина и пократко работно време ја држат во магичен круг од кој нема излез; дека основното зло не лежи во ниските наемнини туку во самиот наемен систем. Ова сознание, кога еднаш ќе биде проширено кај целата работничка класа, неизбежно значително ќе ја промени положбата на синдикатите. Тие повеќе нема да уживаат привилегија да бидат единствена организација на работничката класа. Покрај сојуз во индивидуални индустриски гранки или над нив, мора да настане еден општ сојуз, политичка организација на работничката класа како целина.

Според тоа, синдикатите добро би направиле ако земат предвид две работи: прво, дека брзо се приближува времето кога работничката класа на оваа земја ќе бара свое полно учество во претставувањето во парламентот; второ, дека исто така брзо се приближува времето кога работничката класа ќе сфати дека борбата за високи наемнини и кратко работно време и целокупната активност на синдикатите во нејзината сегашна форма не се сами по себе цел, туку средство, многу неопходно и ефикасно средство, но сепак само едно од различните средства за постигнување на една повисока цел: укинување на наемниот систем воопшто.

За целосното претставување на работништвото во парламентот, како и за подготовката на укинувањето на наемниот систем ќе биде неопходна организација не на посебните индустриски гранки, туку на работничката класа во целина. И што порано таа се појави, дотолку подобро. Ја нема таа сила на светот која само еден ден ќе може да ’и се спротивстави на англиската работничка класа организирана како една целина.

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/m-e/1881/lejbor-standard/sindikati.htm

Последно