Синдикати [Фридрих Енгелс – прв дел]

Фридрих Енгелс – Автор на текстот

Во нашиот последен број го разгледувавме делувањето на синдикатите во реализирањето на економскиот закон на наемнината наспроти работодавците. Се враќаме на оваа тема; бидејќи од најголема важност е целокупната работничка класа темелно да го сфати тоа.

Да претпоставиме дека ниеден англиски работник денес не мора да го учиме дека во интерес е како на индивидуалниот капиталист така и на целокупната капиталистичка класа да ја намалува наемнината колку што е можно. Како што тоа непобитно го докажа Давид Рикардо, производот на трудот се дели, после одбивањата за сите трошоци, на два дела: едниот ја прави надницата на работниците, другиот – профитот на капиталистите. А, бидејќи нето-производ на трудот во секој посебен случај претставува дадено количество, јасно е дека тој еден дел, наречен профит, не може да расте ако другиот дел, наречен наемнина, не биде намален. Да се противречи дека во интерес е на капиталистот да ја намалува наемнината би било исто како да се тврди дека не е во негов интерес да го зголемува профитот.

Многу добро знаеме дека има други средства за привремено зголемување на профитот; меѓутоа, тоа не го менува општиот закон, па затоа не треба овде да ги разгледуваме.

А, како можат капиталистите да ги намалуваат надниците ако нивната висина се регулира со јасниот, точно одреден економски закон? Економскиот закон на наемнините постои и тој е неповредлив. Но, тој е, како што видовме, еластичен, и тоа на два начини. Наемнината може да се намали во некоја индустриска гранка, и тоа или директно, со постепено навикнување на работниците од таа индустрија на понизок стандард, или индиректно, со продолжување на работното време (или зголемување на интензитетот на трудот за време на исто работно време) без зголемување на наемнините.

Интересот на секој поединечен капиталист да го зголемува својот профит со намалување на наемнините на своите работници добива нов импулс во конкуренцијата меѓу капиталистите на една иста производствена гранка. Секој од нив настојува да понуди поевтино од своите конкуренти, а ако не сака да го жртвува својот профит, мора да се обиде да ја намали наемнината. На тој начин притисокот врз наемнината, предизвикан од интересот на секој посебен капиталист, се зголемува десет пати после нивната меѓусебна конкуренција. Она што претходно беше прашање на поголем или помал профит, сега станува прашање на нужност.

Против овој постојан, непрекинлив притисок неорганизираното работништво нема никакви ефективни средства на отпор. Поради тоа, наемнината во производствените гранки во кои работниците не се организирани покажува постојана тенденција на опаѓање, а работното време – постојана тенденција на зголемување. Полека но сигурно, процесот напредува. Периодите на просперитет може да го прекинат тоа овде-онде, но периодите на лоша деловност можат, пак, после тоа дотолку повеќе одново да го забрзаат. Работниците постепено се навикнуваат на сè понискиот животен стандард. Додека работното време покажува тенденција кон продолжување, наемнината сè повеќе се приближува кон својот апсолутен минимум – онаа сума под која за работникот станува сосема неможно да живее и да го продолжи својот вид.

Едно привремено отстапување од ова се случило на почетокот на овој век. Брзото ширење на примената на парната енергија и машина не било доволно за уште побрз раст на побарувачката за нивните производи. Во овие производствени гранки наемнината по правило била висока, освен наемнините на децата кои работничките домови им ги продавале на фабрикантите; наемнината за квалификуван физички труд, без којшто не можело да се излезе на крај, била многу висока; она што тогаш го добивал еден бојадисувач, механичар, кројач на сомот, предач на рачна предилница денес звучи како бајка. Во исто време, индустриските гранки кои биле потиснати од машините, биле осудени на бавно одумирање. Меѓутоа, новооткриените машини постепено ги потиснувале овие добро платени работници; биле пронајдени машини со помош на кои се произведувало машини, и тоа во толкав размер што понудата на машински произведени стоки не само што ја задоволувала побарувачката, туку дури и ја надминувала. Кога со Општиот мир од 1815 година одново бил воспоставен нормален трговски промет, започнале десетгодишни циклуси на просперитет, претерано производство и криза. Сите предности кои работниците ги сочувале од поранешните периоди на просперитет и кои можеби дури биле и зголемени за време на периодите на бурна хиперпродукција, сега им се одземени во добата на лоша деловност и кризи; и набрзо населението на Англија, вработено во фабриките, е потчинето на општиот закон по којшто наемнината на неорганизираните работници постојано тежнее кон апсолутен минимум.

Фридрих Енгелс и Карл Маркс

Во меѓувреме, пак, синдикатите, легализирани во 1824 година стапиле на сцена; а беше и краен момент. Капиталистите се секогаш организирани. На нив најчесто не им се потребни никакви формални сојузи, никакви статути, функционери итн. Нивниот мал број, во споредба со работниците, фактот што тие прават посебна класа, нивните постојани општествени и деловни меѓусебни контакти го прават сето тоа излишно; дури подоцна, кога некоја индустриска гранка ќе преовладее во некоја област, како на пример индустријата на памук во Ланкашир, станува неопходен формалниот синдикат на капиталистите. Наспроти тоа, работниците не можат да успеат ако од самиот почеток немаат силна организација со точно одредени статути, која врши свое влијание преку функционерите и комисиите. Со законот од 1824 година овие организации се легализирани. Од тоа време работништвото во Англија стана сила. Таа маса сега не е беспомошна и внатрешно расцепкана како некогаш. На силата, која произлегувала од здруженоста и заедничката активност, наскоро се придружила моќта на добро-наполнетата каса – „парите на отпор“, како што гласи карактеристичниот израз на нашите француски другари. Целокупната ситуација сега се промени. За капиталистите сега стана опасна работа да ја намалуваат надницата или да го продолжуваат работното време.

Оттука и бесните реакции на капиталистичката класа од тоа време против синдикатите. Својата непречена пракса да ја дерат кожата на работничката класа оваа класа отсекогаш ја сметала како стекнато право и законска привилегија. На тоа сега требало да се стави препрека. Тогаш не е никакво чудо што капиталистите кренале бесна врева и се почувствувале загрозени во своите права и својот посед барем исто толку колку и ирските земјопоседници од наше време.

Шеесетте години на борбено искуство ги направило разумни. Синдикатите сега станале признаена институција, а нивната функција на фактор во соодлучувањето при одредувањето на наемнината е признаена исто толку колку и функцијата на фабричките закони како пресудни фактори при регулирањето на работното време. Памучните фабриканти во Ланкашир неодамна дури ги читале работничките книги и сега знаат да организираат штрајк ако е тоа во нивен интерес, и тоа исто така добро или подобро од секој синдикат.

На тој начин, преку активноста на синдикатите законот на наемнини се наметнува против работодавците и на тој начин работниците на секоја добро-организирана гранка се во можност, барем приближно, да ја добиваат целата вредност на својата работна сила, која им ја даваат на наем кај капиталистите, и што, со помош на државните закони, не го се пречекорува работното време, барем не премногу, онаа крајна должина преку која работната сила се исцрпува предвреме. Меѓутоа, тоа е крајната цел која синдикатите при својата сегашна организираност воопшто може да ја достигнат, и тоа само низ непрекината борба, со огромно трошење сила и пари; а потоа флуктуациите на конјуктурите, најмалку на секои десет години, за миг одново го уништуваат сето она што е освоено, па борбата мора да се води од почеток. Тоа е магичен круг од кој нема излез. Работничката класа останува она што била и онаква каква што нашите чартистички предци не се двоумеа да ја наречат – класа на наемни робови. Треба ли тоа да биде крајниот резултат на толку труд, самопрегорност и патење? Треба ли тоа засекогаш да остане крајна цел на англиските работници? Или работничката класа во оваа земја мора најпосле да се обиде да го разбие овој магичен круг и од него да најде излез во движењето за укинување на наемниот систем воопшто?

Пристап до вториот дел: https://lenka.mk/left_literature/sindikati-fridrih-engels-posleden-del/

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/m-e/1881/lejbor-standard/sindikati.htm

Последно