Мао Це Тунг – Автор на текстот

Се залагаме за активна идеолошка борба, бидејќи тоа е оружје за обезбедување единство во партијата и револуционерните организации кои се во интерес на нашата борба. Секој комунист и револуционер треба да го користи ова оружје.

Но, либерализмот ја отфрла идеолошката борба и се залага за непринципиелен мир, со што се создава декадентен, филистерски став и доведува до политичка дегенерација во одредени единици и поединци во Партијата и револуционерните организации.

Либерализмот се манифестира на повеќе начини.

Да дозволиме на работите да се туркаат под тепих во име на мирот и пријателството кога едно лице јасно зрешило и да се воздржи од принципиелен аргумент, бидејќи тој е стар познаник, од истиот град/село, соученик, близок пријател, стар колега или поранешен подреден. Или само да го начнеме ова прашање наместо да навлеземе во него темелно, само за да продолжиме со добри односи. Ова резултира со повреда и на индивидуата и на организацијата. Ова е првиот вид либерализам. Во четири очи да се впуштаме во неодговорна критика, наместо активно да ги туркаме на виделина своите предлози за организацијата. Да не им кажуваме на луѓето в лице, туку да озборуваме зад грб, или да не кажуваме ништо на средба, туку да озборуваме потоа. Да не покажеме никакво почитување кон принципите на колективниот живот, туку да ја следиме сопствената наклонетост. Ова е вториот вид.

Да дозволиме работите да „поминат“ како да не нè засегаат лично; да кажеме што е можно помалку иако точно знаеме што е погрешно, да бидеме мудри, а да „играме“ безбедно и да бараме начин да се избегне вина. Ова е третиот вид.

Да не ги почитуваме наредбите, туку да си даваме предност на сопственото мислење. Да бараме посебно внимание од организацијата, но да ја отфрламе нејзината дисциплина. Ова е четвртиот вид.

Да се впуштаме во лични напади, да почнуваме расправии, да истураме нервоза или да бараме одмазда, наместо да се расправаме со цел да се бориме против неточни ставови заради единство и напредок или правилно да ја завршиме задачата. Ова е петтиот вид.

Да слушнеме неточни ставови, а да не ги побиеме, уште повеќе, да слушнеме контрареволуционерни изјави без да ги пријавиме, наместо тоа, мирно да ги игнорираме како ништо да не се случило. Ова е шестиот вид.

Да бидеме меѓу масите и да не спроведуваме пропаганда и агитација или да не се зборуваме на состаноци или да не испитуваме, па, наместо тоа, да бидеме рамнодушни кон нив и да не покажеме на дело грижа за нивната благосостојба, заборавајќи дека сме комунисти а се однесуваме како да не сме. Ова е седмиот вид.

Да видиме некој како им штети на интересите на масите, а да не се чувствуваме гневно, да не го одвратиме, запреме или разубедиме, туку да му дозволиме непречено да продолжи. Ова е осмиот вид.

Да работиме половично, а без дефинитивен план или насока; да работиме минимално, да се „провлекуваме“. Ова е деветтиот вид.

Да се сметаме себеси како многу заслужни за револуционерната борба, да се гордееме со статусот ветерани, да гледаме со презир на помалите задачи додека не сме дораснати за главните задачи, и во работата и во учењето. Ова е десеттиот вид.

Да бидеме свесни за сопствените грешки и, сепак, да не се обидуваме да ги исправиме, заземајќи либерален став кон себе. Ова е единаесеттиот вид.

Може да се набројат повеќе, ова се главните видови.

Сите тие се манифестација на либерализмот.

Либерализмот е екстремно штетен за револуционерниот колектив. Како ’рѓа го разјадува единството, ја поткопува кохезија, причинува апатија и создава разединетост. Им ги одзема на револуционерните единици компактната организација и строгата дисциплина, го попречува извршувањето на одлуките и ја отуѓува партиската организација од масите кои партијата би требало да ги предводи. Ова е исклучително лоша тенденција.

Либерализмот произлегува од ситнобуржоаската себичност, ги става личните интереси на прво место, а оние на револуцијата на второ, со што создава простор за идеолошки, политички и организациски либерализам.

Либералите гледаат на принципите на марксизмот како апстрактна догма. Тие го одобруваат и се сложуваат со марксизмот, но не се подготвени да го практикуваат целосно. Овие луѓе зборуваат за марксизам, но практикуваат либерализам, бараат марксизам од другите, а либерализам од себе. Применуваат идеологија како што им одговара во моментот. Вака размислуваат одредени поединци.

Либерализмот е манифестација на опортунизам и е во темелен конфликт со марксизмот. Штетен е и објективно им прави услуга на нашите непријатели, затоа нашите непријатели го поздравуваат присуството на либерализмот во нашите редови. Поради ваквата природа на либерализмот, не треба да се остави простор за него во револуционерните редови.

Мора да користиме марксизам, кој е позитивен по дух, за да го надминеме либерализмот, кој е негативен. Комунистот треба да поседува умствена величина, да биде цврст и активен, да ги чува интересите на револуцијата како да си го чува својот живот и да ги постави своите лични интереси под тие на револуцијата. Секогаш и секаде треба да се држи до принципите и да води неуморна борба против погрешните идеи и дела, со цел да го зацврсти колективниот дух на партијата, да ја зајакне врската помеѓу партијата и масите. Секогаш треба да се грижи за партијата и масите повеќе одошто се грижи за било која личност, да се грижи за другите повеќе одошто се грижи за себе. Само тогаш може да се нарече вистински комунист.

Сите лојални, искрени, активни и чесни комунисти мора да се обединат против либералните тенденции кои се појавуваат кај одредени луѓе во нашите редови и да ги поведат на прав пат. Ова е една од нашите задачи во идеолошката борба.

Текстот е превземен од: https://www.marxists.org/makedonski/mao/1937/protiv-liberalizmot.htm