Писмо на Првата Интернационала до Абрахам Линколн [Карл Маркс]

Господине,

На американскиот народ му посакуваме среќа по повод Вашиот реизбор со големо мнозинство!

Ако отпорот кон моќта на сопственикот на робовите беше умерената максима на вашиот прв избор, „смрт на ропството!“ е триумфалниот борбен крик на вашиот реизбор.

Уште од самиот почеток на титанската борба во Америка, работниците во Европа инстинктивно чувствуваа дека судбината на нивната класа е врзана за ѕвезденото знаме. Зарем борбата за териториите со која започна оваа огромна епопеја не беше за да се одлучи дали девствената почва на огромните пространства ќе биде дадена за одгледување на доселениците или ќе биде извалкана од стапалата на ловците на робови?

Кога олигархијата од 300.000 робовладетели за прв пат во аналите на светската историја се осмели да го напише зборот ропство на знамето на вооружениот бунт, кога на истиот терен – уште еден век пред тоа се појави идејата за голема демократска република, од кога потекнува првата декларација за човекови права и го даде првиот поттик на европската револуција од 18 век – кога на истиот терен контрареволуцијата систематски и темелно се фалеше дека ги „уништила идеите што преовладуваа во времето на изградбата на стариот систем“ и „го прикажуваше ропството како спасоносна институција –дури и како единствено решение за големиот проблем на односот на трудот и капиталот“ и цинично го прогласи правото на сопственост над човекот како „камен-темелник на новата зграда,“ тогаш работниците во Европа веднаш сфатија, уште пред да бидат предупредени од фанатичната посветеност на повисоките класи кон благородништвото на Конфедерацијата, дека бунтот на робовладетелите ќе одекне како ѕвоно за повик за општа крстоносна војна на сопственоста против трудот и дека во оваа џиновска борба од другата страна на Океанот не се загрозени само надежите во иднината на работниците, но и нивните претходни достигнувања. Затоа секаде трпеливо ги поднесуваа страдањата што им ги наметна кризата со памукот, полни со ентузијазам се спротивставуваа на интервенцијата во корист на ропството, која повисоките и „образованите“ класи толку ревносно се обидуваа да ја испровоцираат, а од повеќето европски земји го платија својот данок во крв за добра цел.

Сè додека работниците, вистинските носители на политичката моќ на Cеверот, дозволуваа ропството да ја оцрни нивната република, сè додека тие пред Црнецот, кој е продаван и добива господар без негова согласност, се фалеа дека најголемата привилегија на белиот работник е што може сам себе да се продава и да го избере својот господар – сè дотогаш тие беа неспособни да извојуваат вистинска слобода на трудот или да ги поддржат своите европски браќа во нивната ослободителна борба. Оваа пречка за напредок беше отстранета од црвеното море на граѓанската војна.

Европските работници се убедени дека, исто како што Американската револуционерна војна го означи почетокот на новата ера на растење на моќта на средната класа, така и американската војна против ропството ќе го означи почетокот на новата ера на растење на моќта на работничката класа. Како знак на претстојната епоха, тие гледаат во тоа што Абрахам Линколн, непоколебливиот син на работничката класа, бил предодреден да ја спроведе својата татковина преку неспоредливата борба за ослободување на една поробена раса и за трансформација на општественото уредување.

Потпишал Централниот совет во име на Меѓународното здружение на работници:
Le Lubez, секретар-кореспондент за Франција; F. Rybczinsky (Полска); Emile Holtorp (Полска); J. B. Bocquet; H. Jung, секретар-кореспондент за Швајцарија; Morisot; George W. Wheeler; J. Denoual; P. Bordage; Le Roux; Tallandier; Jourdain; Dupont; R. Gray; D. Lama; C. Setacci; F. Solustri; P. Aldovrandi; D. G. Bagnagatti; G. P. Fontana, секретар-кореспондент за Италија; G. Lake; J. Buckley; G. Howell; J. Osborne; J. D. Stainsby; F. Grossmith; G. Eccarius; Friedrich Leβner; Wolff; K. Kaub; Heinrich Bolleter; Ludwig Otto; N. P. Hansen (Данска); Karl Pfänder; Georg Lochner; Peter Petersen; Karl Marx, секретар-кореспондент за Германија; A. Dick; L. Wolf; J. Whitlock; J. Carter; W. Morgan; William Dell; John Weston; Peter Fox; Robert Shaw; John M. Longmaid; Robert Henry Side; William C. Worley; Blockmoor; R. Hartwell; W. Pidgeon; B. Lucraft; J. Nicass

G. Odger, претседател на Советот
William R. Cremer, почесен генерален секретар

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/m-e/1864/linkoln.htm

Последно