Капиталистичкиот развиток [Фридрих Енгелс]

Дијалектичкиот материјализам: https://lenka.mk/left_literature/diјalektichkiot-materiјalizam-fridrih-engels/

Фридрих Енгелс – автор на текстот

Материјалистичкото сфаќање на историјата тргнува од поставката дека производството, а покрај производството и размената на неговите производи, е основа на секој општествен поредок; дека во секое историски определено општество расподелбата на производите, а со неа и социјалното групирање на класи или сталежи зависи од тоа што и како се произведува и како се разменува произведеното. Спрема тоа, крајните причини на сите општествени промени и на политичките пресврти не треба да се бараат во главите на луѓето, во нивното сѐ поголемо разбирање на вечната вистина и правичност, туку во промените на начинот на производството и на размената; тие не треба да се бараат во филозофијата, туку во економијата на дадената епоха. Кога ќе се разбуди сознанието дека постојните општествени установи се неразумни и несправедливи, дека „разумот станал бесмислица, а добротворството — мачење”, тогаш е тоа само знак дека во методите на производството и во формите на размената настанале сосема незабележливо промени со кои не е повеќе во согласност општествениот поредок што бил скроен спрема поранешните економски услови. Co тоа истовремено е кажано дека и во самите изменети производни односи мора да постојат средства, повеќе или помалку развиени, за отстранување на откриените недостатоци. Тие средства не смееме да ги измислуваме со умот, туку со помошта на умот да ги откриваме во постојните материјални факти на производството.

Па како стои тогаш работата со современиот социјализам?

Постојниот општествен поредок — со тоа сега речиси сите се согласуваат — е создаден од класата што сега владее, од буржоазијата. Начинот на производството што е карактеристичен за буржоазијата, а што од Маркса наваму е означен со името капиталистички начин на производство, не им одговараше ниту на локалните и сталешките привилегии, ниту на заемните лични врски на феудалниот поредок; буржоазијата го разурна феудалниот поредок и врз неговите урнатини го изгради буржоаскиот општествен поредок, царството на слободната конкуренција, на слободното движење, на рамноправноста меѓу стоковните сопственици, и како ли уште не се викаат сите тие буржоаски убавини. Капиталистичкиот начин на производство можеше сега слободно да се развива. Откако пареата и новите машини-алатки ја претворија старата мануфактура во крупна индустрија, производните сили што беа создадени под раководството на буржоазијата почнаа да се развиваат со досега нечуена брзина и во досега нечуени размери. Но, како што во свое време мануфактурата и производството што продолжија да се развиваат под нејзиното влијание дојдоа во конфликт со феудалните еснафски окови, така и крупната индустрија на својот повисок степен од развитокот доаѓа во конфликт со рамките во кои ја стеснил капиталистичкиот начин на производство. Новите производни сили веќе ја надраснаа буржоаската форма на нивната експлоатација; тој конфликт меѓу производните сили и начинот на производството не е конфликт што стана во главите на луѓето, како на пример конфликтот меѓу првиот грев и божјата справедливост, туку тој постои во фактите, објективно, надвор од нас, независно од волјата или постапките дури и на оние луѓе што го предизвикаа. Современиот социјализам не е ништо друго, освен идеен рефлекс на тој вистински конфликт, негова идејна слика во главите, пред сѐ, на онаа класа која поради него непосредно страда, на работничката класа.

А во што се состои тој конфликт?

Пред капиталистичкото производство, т. е. во Средниот век, постоеше насекаде ситно стопанство врз основа на приватна сопственост на работниците над нивните средства за производство: земјоделство на ситни, слободни или зависни селани, занаетчиство во градовите. Средствата за работа — земјата, земјоделското орудие, работилницата, занаетчискиот алат беа средствата за работа на поединците, предвидени само за поединечна употреба, значи нужно мали, минијатурни, ограничени. Но токму затоа тие по правило му припаѓаа на самиот производител. Да ги концентрира тие растурени, ограничени средства за производство, да ги прошири, да ги претвори во силни современи производни лостови — во тоа беше историската улога на капиталистичкиот начин на производство и на неговиот носител, буржоазијата. Начинот како го изврши таа тоа историски од XV век наваму, преку трите степени на производството — простата кооперација, мануфактурата и крупната индустрија — опширно го опиша Маркс во четвртиот дел на „Капиталот”. Но, буржоазијата, како што таму исто така е покажано, не можеше оние ограничени средства за производство да ги претвори во јаки производни сили, без да ги претвори при тоа од средства за производство на поединците во општествени средства за производство што може да ги употреби само колектив луѓе. Наместо роданот за предење, рачниот разбој, ковачкиот чекан, дојде машината за предење, механичкиот разбој, парниот чекан; наместо занаетчиската работилница на поединецот — фабриката, која наложуваше соработка на стотици и илјади луѓе. Па, како и средствата за производство, така и самото производство се претвори од низа поединечни постапки во низа општествени акти, а производите од производи на поединците во општествени производи. Преѓата, ткаенините, металните производи што доаѓаа сега од фабриката беа заеднички производ на многу работници, низ чии раце требаше да поминат по ред пред да бидат завршени. Никој поединец не можеше да каже за нив: Тоа сум го направил јас, тоа е мој производ.

Но, таму каде што основниот вид на производството е стихијната поделба на трудот во општеството, каде што поделбата настанува постепено без никаков план, таму таа на производите им придава форма на стока чија што меѓусебна размена, купувањето и продавањето, им овозможува на поединечните производители да ги задоволуваат своите разновидни потреби. Така беше во Средниот век. Селанецот, на пример, му ги продаваше на занаетчијата земјоделските производи и за тоа купуваше од него занаетчиски изработки. Сега во тоа општество на индивидуални производители, стоковни производители, продре новиот начин на производство. Во стихијната, непланска поделба на трудот, каква што владееше во сето општество, новиот начин на производство внесе планска поделба на трудот, каква што беше организирана во секоја поединечна фабрика; покрај поединечното производство се појави и општествено производство. И едните и другите производи се продаваа на истиот пазар, значи секако по приближно еднакви цени. Меѓутоа, планската организација беше посилна од стихијната поделба на трудот; фабриките што произведуваа колективно своите производи ги изработуваа поевтино од поединечните ситни производители. Индивидуалното производство подлегна едноподруго на сите подрачја, а колективното производство го револуционизира целиот стар начин на производство. Но овој негов револуционерен карактер беше толку малку разбран, што, напротив, беше воведуван како средство за подигање и унапредување на стоковното производство. Тоа настана како директно надоврзување на определените веќе отпорано пронајдени лостови на стоковното производство и на стоковната размена: трговскиот капитал, занаетот, наемната работа. Бидејќи и самото се јави како нова форма на стоковното производство, за него зачуваа полна важност видовите на присвојување што му се својствени на стоковното производство.

Фридрих Енгелс

Во стоковното производство што се разви во Средниот век не можело воопшто да се појави прашањето кому треба да му припадне производот на трудот. Индивидуалниот производител го изработувал по правило од суровини што му припаѓале лично нему и што често самиот ги произведувал, со сопствените средства за работа и со својот сопствен рачен труд или со рачниот труд на своето семејство. Дури и немало потреба да си го присвојува, бидејќи наполно му припаѓал сам по себе. Значи, сопственоста на производот се засновувала врз сопствениот труд. Дури и таму каде што се користела туѓата помош, таа по правило играла споредна улога и добивала често покрај надницата и други награди: еснафскиот чирак и калфата не работеле толку за храната и надницата, колку за тоа самите да се изучат за мајстори. Тогаш дојде до концентрација на производните средства во големите работилници и мануфактури и до нивното претворување во вистински општествени средства за производство. Но, општествените средства за производство и производите беа третирани онака како да беа, како и порано, средства за производство и производи на поединците. Ако дотогаш сопственикот на средствата за работа си го присвојуваше производот, зашто, по правило, тоа беше негов сопствен производ, а туѓиот помошен труд беше исклучок, сега сопственикот на средствата за работа продолжуваше да си го присвојува производот, и покрај тоа што не беше повеќе негов производ, ами исклучиво производ на туѓиот труд. На тој начин, значи, колективно создаваните производи не беа присвојувани сега од оние што фактички ги ставаа во движење средствата за производство, и што фактички ги создаваа производите, туку од капиталистите. Средствата за производство и производството станаа суштествено општествени. Но, тие ѝ се потчинуваат на онаа форма на присвојување која претпоставува приватно производство на поединците, при кое секој е сопственик на својот производ и сам го изнесува на пазарот. Начинот на производството ѝ се потчинува на таа форма на присвојување, иако тој ја ликвидира нејзината претпоставка[*]. Во оваа противречност, што на новиот начин на производство му дава капиталистички карактер, се наоѓа веќе во зачеток сета колизија на денешново време. Колку што повеќе новиот начин на производство ја прошируваше својата власт над сите решавачки подрачја на производството и во сите економски решавачки земји и со тоа го потиснуваше индивидуалното производство до безначајни остатоци, толку поостро мораше да излезе на видело непомирливоста на општественото производство со капиталистичкото присвојување.

Првите капиталисти, како што е кажано, веќе ја затекнаа формата на наемниот труд. Но тој наемен труд беше само исклучок, споредно занимање, припомош, преоден степен. Земјоделскиот работник, што одвреме навреме одеше на наемна работа, имаше и неколку декари сопствена земја од која можеше во неволја да преживее. Еснафските установи се грижеа за тоа човекот што денеска беше калфа утре да стане мајстор. Но штом средствата за производство се претворија во општествени и се концентрираа во рацете на капиталистите, сѐ се измени. И средствата за производство и производот на ситниот индивидуален производител ја губеа сѐ повеќе и повеќе својата вредност; на ситниот индивидуален производител не му остануваше ништо друго, освен да оди под наем кај капиталистот, наемниот труд, што беше порано исклучок и припомош, стана правило и основна форма на сето производство; од поранешното споредно занимање, сега стана главна дејност на работникот. Привремениот наемен работник се претвори во доживотен наемен работник. Притоа бројот на доживотните наемни работници се зголеми извонредно поради едновременото распаѓање на феудалниот поредок, распуштањето на оружаните придружби на феудалните господари, протерувањето на селаните од нивната земја итн. Се доврши одделувањето на средствата за производство, што се концентрираа во рацете на капиталистите, од една страна, и на производителите што беа лишени од сѐ, освен од својата работна сила, од друга страна. Противречноста меѓу општественото производство и капиталистичкото присвојување излезе на видело како спротивност меѓу пролетаријатот и буржоазијата.

Видовме дека капиталистичкиот начин на производство се вовлече во општеството на стоковните производители, на индивидуалните производители, чија што општествена врска се одржуваше со размената на нивните производи. Но за секое општество што се темели врз стоковното производство е карактеристично тоа што во него производителите ја губат власта над своите сопствени општествени односи. Секој произведува за себе со своите случајни средства за производство и за својата индивидуална потреба во размената. Никој не знае колку од неговиот производ ќе оди на пазар, колкава е воопшто потребата од него; никој не знае дали има вистинска побарувачка за индивидуален производ, дали ќе може да ги покрие своите трошоци и дали воопшто ќе може да биде продаден. Во општественото производство владее анархија. Меѓутоа, стоковното производство, како и секоја друга форма на производството, има свои посебни, инхерентни закони што не можат да се одделат од него; а тие закони се остваруваат и покрај анархијата, во самата таа анархија и низ неа. Тие се пројавуваат во единствено зачуваната форма на општествената врска, во размената, и во дејството на индивидуалните производители како принудни закони на конкуренцијата. Значи, во почетокот овие закони не им се познати ни на самите тие производители и тие мораат со долгото искуство постепено да ги откриваат. Тие, значи, се остваруваат без производителите и против производителите како слепи природни закони на нивниот начин на производство. Производот владее над производителите.

Во средновековното општество, особено во првите векови, производството служело всушност за лична употреба. Тоа ги задоволувало претежно потребите на производителот и на неговото семејство. Таму каде што постоеле односи на лична зависност, како што бил случајот на село, производството придонесувало и за задоволување на потребите на феудалниот господар. Тука, значи, не се вршела никаква размена, па затоа ни производите не добивале карактер на стока. Селското семејство произведувало речиси сѐ што му било потребно, исто толку орудија колку и прехранбени продукти. Дури кога стигнало дотаму да произведува и над своите потреби и над давачките во натура, што морало да му ги дава на феудалниот господар, дури тогаш тоа произведувало и стока; кога овој вишок бил фрлен во општествената размена, кога бил понуден на продажба, тој станал стока. Градските занаетчии, се разбира, морале веќе од почетокот да произведуваат за размена. Но и тие самите си го произведувале поголемиот дел од она што им било потребно; имале бавчи и мали ниви; добитокот го праќале во општинската шума, која, покрај тоа, им го давала и дрвото за градба и огрев; жените го пределе ленот, волната итн. Производството за размена, стоковното производство, дури сега настанувало. Оттаму настанала и ограничената размена, ограничениот пазар, стабилниот начин на производство, локалната затвореност спрема надворешниот свет, локалното обединување внатре: марката[19] на селото, еснафот во градот.

Но, со ширењето на стоковното производство, а особено со појавата на капиталистичкиот начин на производство, стапија во дејство поотворено и посилно и дотогаш латентните закони на стоковното производство. Старите врски ослабнаа, старите рамки на изолација беа скршени, производителите сѐ повеќе и повеќе стануваа независни, одделни стоковни производители. Анархијата во општественото производство излезе на видело, добивајќи сѐ поостар карактер. Но главното орудие со кое капиталистичкиот начин на производство ја зголемуваше таа анархија во општественото производство беше токму директната спротивност на анархијата: сѐ поголемо организирање на производството како општествено производство во секое одделно производно претпријатие. Co тој лост капиталистичкиот начин на производство стави крај на старата мирна стабилност. Во која гранка од индустријата и да беше воведен, тој не трпеше покрај себе ниеден постар метод на производство. Каде и да завладееше со занаетчиството, го уништуваше старото занаетчиство. Полето на трудот стана место за борба. Големите географски откритија и колонизациите што ги следеа нив ги зголемуваа подрачјата на продажните пазари и го забрзаа преобразувањето на занаетчиството во мануфактура. He започна борба само меѓу одделните локални производители; локалните борби, од своја страна, прераснаа во национални, во трговски војни од XVII и XVIII век. Најпосле, крупната индустрија и создавањето на светскиот пазар ја направија борбата универзална и истовремено и придадоа нечуена жестокост. Егзистенцијата на одделните капиталисти, како и на цели индустриски гранки и цели земји, сега зависи од тоа кој располага со поповолни природни или вештачки производни услови. Оној што ќе подлегне во таа борба, безмилосно се отстранува. Тоа е Дарвиновата борба за индивидуален опстанок, пренесена со потенцирана жестокост од природата во општеството. Природната состојба на животното се претставува како највисока точка на човечкиот развиток. Противречноста меѓу општественото производство и капиталистичкото присвојување се претставува сега како спротивност меѓу организацијата на производството во одделната фабрика и анархијата на производството во сето општество.

Капиталистичкиот начин на производство се движи во двете овие форми во кои се пројавува противречноста што му е иманентна поради неговото потекло и безизлезно го опишува оној „маѓосан круг” што го откри веќе Фурие во него. Она што Фурие во своето време секако уште не можел да го согледа е тоа дека тој круг полека се стеснува, дека движењето повеќе личи на спирала и дека мора да заврши, како и движењето на планетите, со тоа што ќе се судри со центарот. Движечката сила на општествената анархија во производството преобразува сѐ повеќе и повеќе голем број луѓе во пролетери, а пак тие исти пролетерски маси најпосле ќе ја ликвидираат анархијата во производството. Таа движечка сила на социјалната анархија во производството ја претвора можноста за бескрајно усовршување на машините на крупната индустрија во принуден закон за секој одделен индустриски капиталист — тој мора сѐ повеќе и повеќе да ги усовршува своите машини, ако не сака да пропадне. Меѓутоа, усовршувањето на машините значи дека човечкиот труд станува излишен. Ако, пак, воведувањето и зголемувањето на бројот на машините значи дека неколку машински работници ги истиснуваат милионите рачни работници, тогаш и усовршувањето на машините значи дека се истиснуваат сѐ поголем број на самите машински работници и дека, на крајот на краиштата, се создава толкав pacположив број наемни работници што ја надминува просечната потреба на капиталот од запослени работници; тоа значи дека се создава наполно индустриска резервна армија, како што ја нареков уште во 1845 година[**], која стои на располагање тогаш кога индустријата работи со полн замав, a се исфрла на улица кога започнува сломот што неминовно следува. Таа индустриска резервна армија секогаш ѝ тежи на работничката класа во нејзината борба за опстанок како олово во нозете; таа е регулатор што ја одржува работната надница на толку ниско ниво, што им одговара на потребите на капиталистите. Така се случува машината да станува, да се послужам со Марксовите зборови, најсилно оружје на капиталот против работничката класа, средството за работа постојано да му го исфрла на работникот од раката средството за живот, а сопствениот производ на работникот да се претвора во орудие за поробување на работникот. Така се доаѓа до тоа, штедењето на средствата за работа да стане веќе од самиот почеток едновремено најбезобѕирно растурање на работната сила и грабеж на нормалните услови за функцијата на трудот; така се доаѓа до тоа, машината, тоа најсилно средство со кое може да се скуси работното време, да се претвори во најсигурно средство со кое целиот живот на работникот и на неговото семејство се претвора во работно време што му е на располагање на капиталот за добивање соодветна вредност; така, најпосле, се доаѓа до тоа, прекумерната работа на едните да стане предуслов за безработицата на другите, а крупната индустрија, што се бори по целата земјина топка за нови потрошувачи, да ја ограничува дома потрошувачката на масите на еден минимум што се спушта до глад и со тоа да си го поткопува својот сопствен внатрешен пазар.

„Законот што ја одржува релативната пренаселеност или индустриската резервна армија постојано во рамнотежа со обемот и со енергијата на акумулацијата на капиталот го приковува работникот за капиталот поцврсто отколку што го приковале Хефестовите клинци Прометеја за карпата. Тој условува акумулацијата на капиталот да ѝ одговара на акумулацијата на мизеријата. Така, акумулацијата на богатството на едниот пол е истовремено акумулација на мизеријата, на мачната работа, на ропството, на незнаењето, на ѕверството и на моралната деградација на спротивниот пол, т. е. на страната на онаа класа што својот сопствен производ го произведува во вид на капитал” (Маркс, „Капитал”, стр. 671). А да се очекува од капиталистичкиот начин на производство поинаква распределба на производите, би значело исто така да се бара електродите на некоја батерија да не ја разлагаат водата додека се во допир со батеријата и да не развиваат на позитивниот пол кислород, a на негативниот водород.

Видовме дека до најголем степен развиената способност за усовршување на современите машини, поради анархијата на производството во општеството, се претвора во принуден закон за секој одделен индустриски капиталист постојано да ги усовршува своите машини, постојано да ја зголемува нивната производна сила. Во еден исто таков принуден закон се претвора за него веќе и самата фактичка можност да го проширува обемот на своето производство. Огромната сила за ширење на крупната индустрија, во споредба со која силата за ширеше на гасовите е вистинска детска играчка, сега ни се појавува пред нас како потреба за квалитативно и квантитативно ширење, која му пркоси на секој противпритисок. A тој противпритисок го создаваат потрошувачката, продажбата и пазарите за производите на крупната индустрија. Меѓутоа, способноста за ширење на пазарите, како екстензивна така и интензивна, ја регулираат, пред сѐ, сосема други закони што дејствуваат со далеку помала енергија. Ширењето на пазарите не може да одржува чекор со ширењето на производството. Колизијата станува неизбежна, а бидејќи не може да изнајде никакво решение додека не го дигне во воздух и самиот капиталистички начин на производство, таа станува и периодична. Капиталистичкото производство создава нов „маѓосан круг”.

И навистина, од 1825 година, кога избувна првата општа криза, сиот индустриски и трговски свет, производството и размената на сите цивилизирани народи и на нивните повеќе или помалку варварски приврзоци излегуваат од релсите приближно секој десет години по еднаш. Трговијата запира, пазарите се преполнети, производите во големи количества лежат непродадени, готовите пари исчезнуваат од прометот, кредитот престанува, фабриките не работат, работните маси немаат средства за живот, бидејќи произвеле премногу средства за живот, се нижат едно банкротство по друго, една лицитација по друга. Години и години продолжува овој застој, и производните сили како и производите се растураат и се уништуваат во огромни размери сѐ додека натрупаните количества на стока конечно не се распродадат, губејќи ја, во поголема или помала мера, својата вредност, сѐ додека производството и размената не зачекорат полека пак нормално. Постепено чекорот се забрзува, преминува во кас, индустрискиот кас преминува во галоп, а тој пак се искачува до нездржана кариера на еден наполно индустриски, трговски, кредитен и шпекулативен стипл-чез за да заврши најпосле по највратоломните скокови пак — во ендекот на сломот. И така секогаш одново. Тоа го доживеавме од 1825 година наваму веќе петпати и го доживуваме во овој момент (1877) веќе шести пат. А карактерот на овие кризи се одразува толку остро, што Фурие ги погоди во иста мера сите кога првата од нив ја означи како crise pléthorique, криза поради изобилство.

Во кризите силно избувнува противречноста меѓу општественото производство и капиталистичкото присвојување. Стоковниот промет за момент е прекинат; прометното средство, парата му пречи на прометот; сите закони на стоковното производство и на стоковниот промет се поставуваат ничкум. Економската колизија го достигнува својот врв: начинот на производството се дига на бунт против начинот на размената.

Фактот дека општествената организација на производството во фабриката се развила до тој степен што не може да ја поднесе анархијата на производството во општеството, анархијата што постои и покрај неа и над неа — тој факт станува и за самите капиталисти опиплив, бидејќи за време на кризите се врши насилна концентрација на капиталот со пропаѓањето на голем број крупни и уште поголем број ситни капиталисти. Целокупниот механизам на капиталистичкиот начин на производство откажува под притисокот на производните сили, што ги создал самиот тој. Тој не може повеќе сите тие маси од средства за производство да ги претворува во капитал; тие лежат неискористени и токму поради тоа мора да остане неискористена и индустриската резервна армија. Средствата за производство, средствата за живот, расположивите работници, сите елементи на производството и општото богатство ги има во изобилство. Меѓутоа, „изобилството станува извор на бедата и немаштијата” (Фурие), бидејќи токму тоа пречи производите и животните средства да се претворат во капитал. Зашто во капиталистичкото општество средствата за производство не можат да стапат во дејство, ако пред тоа не се претвориле во капитал, во средства за експлоатација на човечната работна сила. Меѓу нив и работниците стои како дух потребата средствата за производство и средствата за живот да се претворат во капитал. Само тоа го спречува здружувањето на материјалните и личните лостови на производството; само тоа ги оневозможува средствата за производство да можат да ја вршат својата функција, а работниците да работат и да живеат. Од една страна, значи, капиталистичкиот начин на производство ја разоткрива својата сопствена неспособност за натамошно управување со тие производни сили. Од друга страна, самите тие производни сили вршат притисок со сѐ поголема упорност да се отстрани оваа противречност, да се ослободат од својата особеност како капитал и вистински да се признае нивниот карактер на општествени производни сили.

Тој отпор на производните сили против својaтa капиталистичка особеност, тој притисок, што постојано расте, да се признае нивниот општествен карактер ја присилува и самата капиталистичка класа со нив сѐ повеќе и повеќе да постапува како со општествени производни сили, доколку е тоа воопшто можно во капиталистичките односи. Периодот на индустриската висока конјунктура со својот безгранично разрастен кредит, како и самиот слом, во кој пропаѓаат големите капиталистички претпријатија, се стремат кон онаа форма на поопштествувањето на големи маси средства за производство што ја среќаваме во различните видови акционерски друштва. Некои од тие средства за производство и сообраќај веќе од самиот почеток се толку големи, што исклучуваат, како на пример железниците, секаква друга форма на капиталистичката експлоатација. На определен степен на развитокот и оваа форма повеќе не задоволува; домашните крупни производители од една иста индустриска гранка се здружуваат во „труст”, во здружение што има за цел да го регулира производството; тие го определуваат општиот квантум на она што треба да се произведе, го распределуваат меѓу себе и на тој начин ја натураат онаа продажна цена што ја определиле однапред. Но, бидејќи таквите трустови во поголем дел се распаѓаат уште при првиот деловен неуспех, тие се стремат кон уште поконцентрирано поопштествување: целата индустриска гранка се менува во едно единствено големо акционерско друштво, а домашната конкуренција му го препушта своето место на домашниот монопол на тоа единствено друштво; така се случи уште во 1890 година со англиското производство на алкалии, кое сега, откако сите 48 големи фабрики се соединија во рацете на само едно централизирано друштво, работи со капитал од 120 милиони марки.

Co трустовите слободната конкуренција преминува во монопол, непланското производство на капиталистичкото општество капитулира пред планското производство на социјалистичкото општество што е на показ. Се разбира, отпрвин сѐ уште во полза и за доброто на капиталистите. Но во таа своја форма експлоатацијата станува толку очигледна, што мора да пропадне. Нема народ што ќе се согласи со такво производство со кое управуваат трустовите и со таква јавна експлоатација на општествената заедница што ја врши една малубројна банда од оние што само ги сечат купоните.

Вака или онака, со трустовите или без нив, мора најпосле официјалниот претставник на капиталистичкото општество, државата, да го преземе управувањето со производството[***]. Таа потреба за преминуваше на претпријатијата во државна сопственост се јавува отпрвин кај големите сообраќајни установи: поштата, телефонот, железницата.

Ако кризите ја открија неспособноста на буржоазијата да управува и понатаму со современите производни сили, тогаш претворањето на големите производни и сообраќајни институции во акционерски друштва, трустови и државна сопственост укажува на тоа дека буржоазијата стана непотребна во управувањето со современите производни сили. Сите општествени функции на капиталистот ги вршат сега платени службеници. Капиталистот нема повеќе никаква општествена дејност, освен да ги собира во својот џеб приходите, да ги сече купоните и да игра на берзата каде што разни капиталисти едни со други си го ограбуваат капиталот. Додека капиталистичкиот начин на производство прво ги потисна работниците, сега тој ги потиснува и самите капиталисти и ги прогонува, наполно како и работниците, меѓу излишното население, иако засега уште не во редовите на индустриската резервна армија.

Но, на производните сили не им ја отстранува особеноста на капитал ниту претворањето во акционерски друштва и трустови, ниту претворањето во државна сопственост. Кај акционерските друштва и трустовите тоа е очигледно. А пак и современата држава не е ништо друго, освен организација што си ја создава буржоаското општество за да ги зачува општите надворешни услови на капиталистичкиот начин на производство против самовласното мешање како на работниците така и на одделните капиталисти. Современата држава, каква и да е нејзината форма, е всушност капиталистичка машина, држава на капиталистите, идеален сеопшт капиталист. Колку повеќе производни сили презема во своја сопственост, толку повеќе станува вистински сеопшт капиталист, толку повеќе државјани експлоатира. Работниците остануваат наемни работници, пролетери. Капиталистичкиот однос не ce ликвидира, напротив, тој го достигнува својот врв. Но, на врвот доаѓа до промена. Државната сопственост на производните сили не е решение на конфликтот, но го крие во себе формалното решение, клучот за решението. Тоа решение може да биде само во тоа — фактички да се признае општествената природа на современите производни сили, т. е. начинот на производството, на присвојувањето и на размената да се доведе во согласност со општествениот карактер на производните средства. А тоа може да се постигне само така, ако општеството отворено и директно ги земе во своите раце производните сили што надраснале секаков друг начин на управување, освен општествениот. Општествениот карактер на средствата за производство и на производите, што се свртува денеска против самите производители и што периодично го потресува од темел начинот на производството и на размената, остварувајќи се само насилно и убиствено како слеп природен закон — со самото тоа тој ќе биде признат наполно свесно од страна на производителите и ќе се претвори од причина за растројување и периодични катастрофи во најсилен лост на самото производство.

Силите што дејствуваат во општеството дејствуваат сосема како и природните сили: слепо, насилно, разурнувачки, сѐ додека не ги запознаеме и не почнеме да сметаме на нив. А кога веќе еднаш сме ги запознале, кога сме разбрале како дејствуваат, во кој правец дејствуваат и какви се нивните ефекти, тогаш само од нас зависи дали ќе ги потчинуваме сѐ повеќе и повеќе на нашата волја и дали со нив ќе ги постигнуваме своите цели. А тоа особено важи за денешниве огромни производни сили. Сѐ додека тврдоглаво одбиваме да ја разбереме нивната природа и нивниот карактер — а капиталистичкиот начин на производство и неговите бранители со сета сила му се спротивставуваат на тоа разбирање — сѐ дотогаш тие сили ќе дејствуваат и покрај нас и против нас, сѐ дотогаш тие ќе владеат со нас, како што тоа опширно го прикажавме. Меѓутоа, кога веќе сме ја сфатиле нивната природа, тие можат во рацете на здружените производители да се претворат од демонски господари во потчинети слуги. Тоа е исто како и разликата меѓу убиствената сила на електрицитетот во молскавицата и укротениот електрицитет на телеграфот и светлосниот лак; тоа е исто како и разликата меѓу разбеснетиот пожар и огинот во служба на човекот. Co ваквото третирање на денешниве производни сили, кое им одговара на нивната природа што конечно сме ја разбрале, општествената анархија во производството ќе му го отстапи своето место на општествено-планското регулирање на производството спрема потребите како на заедницата така и на секој поединец. Co тоа капиталистичкиот начин на присвојување, во кој производот најпрво го поробува производителот, а потоа и оној што си ги присвојува производите, ќе се замени со начинот на присвојување на производите што се засновува врз самата природа на современите производни средства: од една страна, тоа е непосредното општествено присвојување како средство за одржување и проширување на производството, а од друга страна, непосредното индивидуално присвојување на производите во вид на средства за живот и средства за потрошувачка.

Претворајќи го огромното мнозинство на населението сѐ повеќе и повеќе во пролетери, капиталистичкиот начин на производство создава сила што е приморана да го изврши овој пресврт, ако не сака да пропадне. Бидејќи сѐ повеќе и повеќе врши притисок на големите поопштествени средства за производство да се претворат во државна сопственост, тој самиот покажува како да се изврши овој пресврт. Пролетаријатот ја приграбува државната власт и ги претвора производните средства за производство најнапред во државна сопственост. Но, со тоа тој самиот себеси се ликвидира како пролетаријат, ги укинува сите класни разлики и класни спротивности, па и државата како држава. На досегашното општество, што се движеше во класните спротивности, му беше потребна државата, т. е. организацијата на соодветната експлоататорска класа заради одржување на надворешните услови на нејзиното производство, значи, особено заради насилно задржување на експлоатираната класа во условите на угнетувањето (ропството, кметството или феудалната зависност, наемната работа) создадени од постојниот начин на производство. Државата беше официјалниот претставник на сето општество, неговото сиже во една видлива корпорација; но таа беше тоа само до толку до колку беше држава на онаа класа што во својата епоха сама го претставуваше сето општество: во Стариот век — држава на граѓаните-робовладетели, во Средниот век — држава на феудалното дворјанство, а во нашево време — држава на буржоазијата. Бидејќи државата станува најпосле вистински претставник на сето општество, сама себеси се прави со тоа излишна. Штом не ќе има повеќе никаква класа што треба да ce држи под јарем, штом co класното владеење и со борбата за индивидуалното постоење, заснована врз досегашната анархија во производството, ќе бидат отстранети и сите колизии и ексцеси што произлегуваат од неа, не ќе има повеќе што да се угнетува и исчезнува потребата од особена угнетувачка сила, од државата. Првиот акт во кој државата навистина истапува како претставник на сето општество — присвојувањето на средствата за производство — е истовремено и нејзин последен самостоен акт како на држава. Мешањето на државната власт во општествените односи станува во една подруга област излишно и потоа одумира само од себе. Владеењето над луѓето му го отстапува своето место на управувањето со нештата и на раководењето со производните процеси. Државата не се „ликвидира”, таа одумира. Од овој аспект треба да ја оцениме фразата за „слободната народна држава”, нејзината моментална агитаторска оправданост, како и нејзината апсолутна научна неодржливост; исто така, од тој аспект треба да го оцениме барањето на таканаречените анархисти дека државата треба да се ликвидира преку ноќ.

Откако се појави во историјата капиталистичкиот начин на производство, идејата дека општеството треба да ги преземе сите производни средства често се појавуваше како идеал на иднината, повеќе или помалку нејасен, пред очите како на поединците така и на цели секти. Но, таа стана можна, историски нужна, дури тогаш кога беа создадени материјалните услови за нејзиното остварување. Како и секој друг општествен напредок, таа не станува изводлива со тоа што луѓето доаѓаат до сознание дека постоењето на класите ѝ противречи на правдата, на еднаквоста итн., ниту просто со тоа што постои волја да се ликвидираат тие класи, туку тогаш кога ќе се создадат извесни нови економски услови. Делењето на општеството на класи, угнетувачка и угнетувана, владеачка и потчинета, беше нужна последица на поранешната недоразвиеност. Сѐ додека вкупниот општествен труд дава само толкав приход, што одвај го надминува потребниот минимум за оскудната егзистенција на сите членови на општеството, значи, сѐ додека трудот му го ангажира сето или речиси сето време на најголемиот дел членови на општеството, сѐ дотогаш општеството неопходно ќе се дели на класи. Покрај тоа огромно мнозинство што врши исклучиво тешка физичка работа, се јавува и класата што е ослободена од директно производната работа, а што се занимава само со заедничките општествени прашања: управува со трудот, со државните работи, со судството, со науките, со уметностите итн. Законот за поделбата на трудот е, значи, она што е основа за класната поделба. Но, тоа никако не спречува таа поделба на класи да се врши со насилство и грабеж, со лукавство и измама, и владеачката класа, откако се зацврстила на власта, да не пропушти никогаш да ја зацврстува својата власт за сметка на работничката класа и управувањето со општеството да го претвори во засилена експлоатација на масите.

Меѓутоа, ако поделбата на класи до извесна мера е историски оправдана, сепак таа е оправдана за определен период, за определени општествени услови. Таа се заснова врз недоволно развиеното производство, но ќе биде отфрлена кога современите производни сили до крај ќе се развијат. И навистина, ликвидирањето на општествените класи има за претпоставка таков степен на развитокот на кој постоењето не само на оваа или онаа определена владеачка класа, туку и постоењето на владеачката класа воопшто, значи и на самата поделба на класи, станало анахронизам и застарело. Укинувањето на класите има за претпоставка, значи, таков висок степен на развитокот на производството на кој присвојувањето на средствата за производство и на производите, a со тоа и на политичката власт, на монополот на образованието и на духовното раководство од страна на некоја посебна општествена класа, не само што станува излишно, туку и му пречи на економскиот, политичкиот и интелектуалниот развиток. До тој степен се стигна сега. Додека политичкото и интелектуалното банкротство на буржоазијата е одвај уште и за неа тајна, нејзиното економско банкротство редовно се повторува секој десет години. Во секоја криза општеството се задушува под тежината на своите сопствени производни сили и производи што не се употребливи за него самото и беспомошно стои пред апсурдната противречност дека производителите немаат што да трошат, бидејќи нема потрошувачи. Експанзивната сила на средствата за производство ги кине оковите во кои ја стегнал капиталистичкиот начин на производство. Нејзиното ослободување од тие окови е единствениот предуслов за непрекинатиот, сѐ побрзиот развиток на производните сили, а со тоа и за практично безграничниот пораст на самото производство. Но, тоа уште не е сѐ. Претворањето на средствата за производство во општествена сопственост не го отстранува само сегашното вештачко кочење на производството, туку и она вистинско растурање и упропастување на производните сили и на производите, што во сегашниов период неизбежно го придружува производството и го достигнува својот врв во кризите. Понатаму, со тоа на заедницата ѝ се даваат на располагање големо количество средства за производство и производи, бидејќи се ликвидира безумното растурање, што сега си го дозволуваат владеачките кругови и нивните политички претставници со својот раскошен живот. Постои можност со општественото производство да им се загарантира на сите членови на тоа општество една егзистенција која материјално не само што е наполно доволна и од ден на ден се подобрува, туку која им гарантира и наполно слободно образование и применување на сите нивни телесни и духовни способности; таа можност постои сега за првпат, но таа постои.

Co тоа што општеството ги презема производните средства, се ликвидира стоковното производство, а со него и власта на производите над производителите. Анархијата во општественото производство се заменува со планска, свесна организација. Борбата за индивидуален опстанок престанува. Човекот дури со тоа конечно се издвојува, во извесна смисла, од животинскиот свет и преминува од животинските услови за опстанок во вистински човечни животни услови. Животните услови што ги окружуваат луѓето и што досега господареа над нив сега и се потчинуваат на власта и на контролата на луѓето, што сега за првпат стануваат свесни, вистински господари на природата, бидејќи во овој момент стануваат и господари на својот сопствен поопштествен живот. Законите на своето сопствено општествено дејствување, што им се спротивставуваа дотогаш како туѓи природните закони и што владееја со нив, сега луѓето ги применуваат со наполно познавање на работите и наполно господарат со нив. Сопствениот општествен живот на луѓето што им се спротивставуваа дотогаш како нешто што им го натуриле природата и историјата сега станува нивно дејствување. Објективно, туѓите сили што владееја дотогаш со историјата стапуваат под контрола на луѓето. Дури од тој момент луѓето сами и сосема свесно ќе ја творат својата историја, дури од тој момент општествените причини, што ќе бидат ставени од луѓето во движење, ќе ги имаат претежно и во сѐ поголема мера оние последици што луѓето ги сакаат. Тоа е скок на човештвото од царството на нужноста во царството на слободата. Да направиме на крајот резиме на текот на развитокот што го изложивме:

I. Средновековното општество: Ситно индивидуално производство. Средствата за производcтво приспособени за индивидуалната употреба, па затоа се примитивно несмасни, мали, со незначително дејство. Се произведува за непосредна потрошувачка, било на самиот производител, било на неговиот феудален господар. Само таму каде што се појавува вишок над таа потрошувачка се нуди овој вишок во продажба и се разменува: стоковното производство, значи, допрва се создава; меѓутоа, веќе сега ја содржи во себе во зачеток анархијата во општественото производство.

II. Капиталистичката револуција: Пресврт во индустријата прво со помошта на простата кооперација и мануфактурата. Концентрација на досега расфрлените средства за производство во големи работилници, со тоа и нивно преминување од индивидуални средства за производство во општествени — преобразување што, главно, не ги тангира формите на размената. Старите форми на присвојување сѐ уште важат. Се појавува капиталистот: бидејќи тој е сопственик на средствата за производство, си ги присвојува и производите и ги претвора во стока. Производството станува општествен акт; размената а со неа и присвојувањето остануваат индивидуални акти, акти на поединците: производот на општествениот труд си го присвојуваат одделните капиталисти. Тоа ја претставува основната противречност од која извираат сите противречности во кои се движи денешново општество и кои крупната индустрија отворено ги манифестира.

A. Одделување на производителот од средствата за производство. Осудување на работникот на доживотна наемна работа. Спротивност меѓу пролетаријатот и буржоазијата.

Б. Сѐ повеќе и повеќе се манифестираат и сѐ повеќе и повеќе дејствуваат законите што владеат со стоковното производство. Незапирна конкурентска борба. Противречност меѓу општествената организација во одделната фабрика и општествената анархија во целокупното производство.

B. Од една страна, усовршување на машините, што конкурентската борба го претвора во принуден закон за секој одделен фабрикант и што едновремено значи поголемо отпуштање на работниците од работа: создавање индустриска резервна армија. — Од друга страна, неограничено ширеше на производството — исто така принуден закон на конкурентската борба. — Од обете страни, нечуен развиток на производните сили, вишок на понудата над побарувачката, хиперпродукција, оптовареност на пазарите, кризи што се повторуваат секои десет години, маѓосан круг: овде — изобилство на средства за производство и на производи, таму — изобилство на работници без работа и без средства за живот. Меѓутоа, обата лоста на производството и на општествената благосостојба не можат да се обединат, бидејќи капиталистичката форма на производство не им дозволува на производните сили да дејствуваат, а на производите да циркулираат, освен ако прво тоа не преминале во капитал: а токму тоа се спречува од нивното сопствено изобилство. Противречноста нараснала до апсурд: начинот на производството се дига против формата на размената. Докажано е дека буржоазијата не е способна да управува и понатаму со своите сопствени производни сили.

Г. Самите капиталисти се присилени да го признаат делумно општествениот карактер на производните сили. Присвојување на големите производни и сообраќајни организми, прво од акционерските друштва, подоцна од трустовите, а потоа и од државата. Буржоазијата се покажува како излишна класа: сите нејзини општествени функции ги вршат сега платени службеници.

III. Пролетерската револуција: Расплет на противречностите. Пролетаријатот ја презема општествената власт во своите раце и со помошта на таа власт ги претвора општествените средства за производство, што ѝ се слизнуваат на буржоазијата од рацете, во јавна сопственост. Co тој акт ги ослободува средствата за производство од нивниот досегашен карактер на капитал и на нивниот општествен карактер му дава полна слобода на развиток. Општественото производство по однапред определен план станува сега возможно. Поради развитокот на производството, натамошното постоење на различните општествени класи станува анахронизам. Во истата мера во која ја снемува анархијата на општественото производство одумира и политичкиот авторитет на државата. Луѓето што станаа најпосле господари на својот сопствен општествен живот стануваат наедно со тоа и господари на самите себеси — стануваат слободни.

Да се изврши ова дело, што го ослободува светот, е историска задача на современиот пролетаријат. Да се утврдат историските услови на ова дело, a со тоа и самата негова природа, и на тој начин да ѝ се објасни сега на угнетената класа, што е повикана да го изврши тоа дело, да биде свесна за условите и за природата на својата сопствена акција, тоа е задача на научниот социјализам, кој е теоретски израз на пролетерското движење.

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/m-e/1880/razvitok-socijalizam/03.htm

Последно