На 19 декември 1941 година, во гостинската соба на моите родители, во с. Ораов-дол, покрај забаботената печка седевме со татко ми, чичко Коце, и неколкумина пријатели од селото, што беа дошле да го честитаат Св. Никола — зимски. Разговаравме и пиевме жешка сливовица. Гостите веќе беа загреани и креваа врева, кога, од преку река, се зададе повик, од кој разбрав дека некој ме бара.
Штом го чув гласот, излегов од собата, слегнав по скалите, и, штом се појавив на ќошот од куќата, забележав дека, од другата страна на дворот, доаѓа средовечен човек, со качкет на главата, облечен во шајачни алишта. Но човекот, ми се чинеше, дека првпат го среќавам.
„Вие ли сте даскалот од Ораов-дол”? — ме праша тој, стегајќи ми ја машки раката.
„Да, јас сум”, му одговорив и го поканив дома. Но тој продолжи да се загледува во мене и не пречекори сè додека не го погледнав право в очи и не ми прошепоти: „Имаш поздрав од другарот Марко”.
„Овде е кадијата!” — му одговорив на лозинката.
Се насмеа, со олеснување го прими очекуваниот одговор, и ми ја префрли раката преку рамото, па дури тогаш тргнавме кон влезот од куќата.
Искачувајќи се по скалите и следејќи ги неговите одмерени чекори, размислував кој ли ќе биде другаров. По зборот ми се чинеше, е велешанец, мислев. А и неговиот лик однекаде ми беше познат. И тоа уште повеќе ја разгори мојата љубопитност.
Штом влеговме во сабата, нè пречекаа домаќинот и гостите што веќе беа станале на нозе. Секој му го нудеше своето место, но тој го одбра местото што му го покажа домаќинот. Им го претставив како брат на еден мој другар од Велешката гимназија и дека е „трговец” по професија. Се разбира, сите ми поверуваа.
„Неоти ќе купам нешта” — рече гостинот, седнувајќи. Откако го понуди со чашка медена ракија, домаќинот го запраша гостинот. „Значи од порано се познавате со Стоилета?”
„Да, од дете, стрико”, — одговори гостинот и додаде: „Уште откога дојде во Велес да учи гимназија. Идеше дома кај нас, бидејќи учеа заедно со брат ми”.
Почнавме да разговараме, а тој бргу се вклопи во разговорот и неусетно и сосема умешно го наведе разговорот за окупацијата и за нашиот однос кон окупаторите. Потоа, штом се почувствува сигурен во средината, се порасположи и едно време го симна качкетот, ставајќи го на левото колено. Но, сепак, веќе го препознав, тој е Рацин, си велев, и друг не може да биде. Тој, творецот на „Белите мугри”, чија жива слика ни сам не знам каде сум ја видел порано, дошол да ми помогне во илегалната работа.
Разговорите продолжија до доцна попладне. Се јадеше, се пиеше негде до два часот. Се испеаја и неколку песни, во кои учествуваше и „трговецот”, одвреме навреме пригласувајќи.
По ручекот излеговме на средсело на селскиот собор што се одржува спрема месните обичаи. И таму „трговецот” разговараше со повеќе селани. Јас го придружував и одвреме навреме му обрнував внимание на луѓето кои пристапуваа да се поздрават со него, шепотејќи: „Наш е”, или „не е наш”. Утредента, во собата, чии што прозорци гледаа кон реката, се состанавме со другарите од Тајниот комитет. Тука беа присутни чичко Коце, Цветан Петрушев, Спасе Џумко, Борис Јанески и други. Сега „трговецот” им го претставив како другар што е испратен од Велес за да види што сме направиле досега и да ни помогне во работата.
Тој се интересираше за сè. Прашуваше за собраното оружје, за моделите на оружјето, за куршуми, храна, облека, за организираните селани и слично. Секој поднесуваше извештај од својот сектор.
А попладнето се искачивме со поетот горе над село, на каменливите ридишта откаде што видикот ни се прошири над целиот „Азот”. Од големата карпа се виде „Големец” — Кочо Рацин ги разгледуваше ридиштата, планините и селата на Азот и нешто црташе во нотесот, во кој беше набележен и планот за акција изработен од Воениот штаб на Велешката партиска организација. Потоа ме запрашуваше за имињата на селата, за нивната големина и за политичката ориентација и сè тоа го бележеше во нотесот.
„Местото е многу погодно за војување, а и луѓето се добри”, се воодушевуваше Рацин.
Откако се вративме дома; побара курир за да го одведе до с. Оморани. Ние не се согласивме веднаш да отпатува и беше принуден да остане кај нас да преноќи.
Уште една ноќ поминавме со поетот, еден крај друг, во разговор што воодушевуваше и што влијаеше благотворно. Долго, до длабоко во ноќта, ми раскажуваше за борбата на работничката класа и за нашата победа. Тој силно веруваше во тоа и со таа верба ги приготвуваше луѓето за борба.
Утрината уште еден другарски стисок од неговата десница, и тој замина. Повеќе не го видов, но оваа средба ја надживеа разделбата.
Преземено од: https://www.marxists.org/makedonski/racin/za-racin/stoilko-planinski.htm