Михаило Митев Апостолски (8. XI 1906 –7. VIII 1987) е првиот македонски генерал, командант на ГШ на НОВ и ПОМ, народен херој, политичар, воен теоретичар, историчар и академик. Апостолски бил член на претседателството на АВНОЈ, член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, учествувал во неговото Прво заседание и бил избран во неговиот президиум. За време на НОБ под негова команда биле 33 македонски оперативни бригади, меѓу кои и бригади од Косово и јужна Србија. Седум години Апостолски беше на чело на МАНУ, а беше и член на Советот на федерацијата.

На 11 септември 1941 година, Михаило Апостолски учествувал на состанок одржан во Скопје, на кој биле присутни Страшо Пинџур, Мирче Ацев и Лазар Колишевски. Тие разговарале за подготовките за востание во Македонија и бил формиран Покраинскиот воен штаб (ПВШ) за Македонија. Михаило Апостолски – Дончо бил избран за член на ПВШ и од тој момент тој се вклучува во Националноослободителното движење (НОД).

Нешто подоцна Апостолски е поставен и за командант на ПВШ на Македонија. Најпрво во април 1942 станува член на КП, а во јуни истата година бил назначен за командант на Главниот штаб на Народноослобидетлната војска и партизанските одреди на Македонија (ГШ на НОПОМ). Од прераснувањето ГШ на НОПОМ во ГШ на НОВ и ПОМ во 1943 година, па се до укинувањето на ГШ во 1945 година, Апостолски останува на позицијата командант, иако во меѓувреме имало бројни промени во ГШ.

Во согласност со решенијата на Преспанскиот состанок, Апостолски го формирал баталјонот „Мирче Ацев” во август 1943 година. Тоа е прва оперативна воена формација во Македонија, формирана според принципите на организирањето воени регуларни единици. Во текот на Втората Светска војна, Апостолски создава македонската народноослободителна војска од народот во крајно сложени услови, која веднаш по формирањето се воведува во сложени борбени операции. Израснувањето од одреди до армија во таквите услови е единствен пример во историјата на револуционерното и националноослободителното движење.

На Второто заседание на АВНОЈ одржано на 29 ноември 1943 година, Михаило Апостолски бил избран за член на Претседателството, а на 15 декември 1943 година од ВШ на НОВ и ПОЈ го добил чинот генерал-мајор. Како командант на ПВШ за Македонија, а потоа и на ГШ на НОВ и ПОМ, Алостолски раководи со сите позначајни настани во текот на антифашистичката и народноослободителна војна.

Михаило Апостолски бил член на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ, а на Првото заседание на АСНОМ одржано на 2 август 1944 година во манастирот Св. Прохор Пчињски е избран за член на АСНОМ. Најсилен придонес дава во раководењето со завршните операции за ослободување на Македонија, а по завршните операции за ослободување на Југославија, Михаило Апостолски е унапреден во чин генерал-потполковник.

Во февруари 1945 година поставен е на должноста помошник-началник на Врховниот Штаб, (Генералштабот на ЈА). Од 1946 до 1952 бил назначен за командант на Сараевската воена област, а по 1958 ја врши должноста началник на Високата воена академија и началник на пешадијата на ЈНА. Пензиониран е во чинот генерал-полковник во 1958 година.

За своето животно дело Михаило Апостолски е носител на многубројни македонски, југословенски и странски одликувања, ордени, медали, награди и признанија. Тој е носител на Партизанска споменица 1941, а во 1953 година бил прогласен за народен херој на Југославија.

Во 1971 година ја добил наградата „11 октомври“ за животно дело. Во 1976 година е носител на наградата „Мито Хаџи Василев-Јасмин“, а меѓу другото, тој е добитник и на највисока награда во СФРЈ „АВНОЈ“ во 1978 година. Од странски одликувања носител е на: Орден „Суворов“ П степен – СССР; Орден „Грундвалски крст“ П класа – Полска; Орден „Свети Александар“ – Бугарија; Орден на норвешкиот крал „Свети Олав“ и други.

Генералот Михаило Апостолски починал на 7 август 1987 година во Дојран во 81 година од својот живот. Во негова чест, денес Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје го носи неговото име.