На пат за Чебрен, Прилепско, каде што од првата чета на прилепскиот партизански одред и од делови на битолскиот и кавадаречкиот партизански одред, требало да се формира поголема партизанска единица, еден дел од прилепските партизани се собрале кај манастирот Свети Никола над селото Прилепец.
На денот на празникот Свети Никола 19.12.1942, македонските борци биле опколени од многубројна бугарска фашистичка војска, при што над манастирот над селото почнуваат херојска борба против бугарските фашисти.
Во двата напади организирани од бугарските фашисти загинале 8 македонски синови, а Киро Нацев – Фетак бил фатен и одведен во касарната во Прилеп, каде подоцна бил сурово мачен и убиен.
Успеале да го пробијат обрачот и да се спасат само тројца партизани: Петар Пепељугоски – Црвениот, Благоја Бошкоски – Дабичот и Петко Велкоски.
Имињата на деветмината македонски борци кои над Прилепец ги положија животите за Македонија:
1. Киро Нацев – Фетак
2. Борка Спасески – Влачарот, командир на одредот
3. Стеван Базеркоски – Лански
4. Стеван Димески – Ништакот
5. Димче Митрески – Бањарот
6. Гога Јанкулоски
7. Трајче Најдоски – Соколе
8. Бошко Јосифоски
9. Методија Бошкоски – Ѓурчин