Пишува Проф. д-р Билјана Ванковска
Додека ги пишувам овие редови, ДУИ си тера партиска забава со пари од нашата сиромаштија, од нашите деца за кои нема лекови и за кои собираме донации со СМС, со наши пари што одат на „стихотворби“ и на кетеринг и хотели со 4-5 ѕвездички за да се слави не мир, туку воена победа. Повторно се правиме божем вџашени од сумите што државата ги издвојува за некој „јубилеј“ од донесувањето на рамковниот договор, а доволно е само да ги прочешлате вестите од изминатите години за да видите дека тоа е редовна појава. Таа само станува повидлива и посветкава колку се оддалечуваме од тажните настани од 2001 година. Разликата е и во тоа што рефренот за историската вредност на овој договор стана општоприфатен, па на опозициската ВМРО-ДПМНЕ не ѝ пречи прославата на 2001 година, година на траор и деструкција, туку тоа што ДУИ правела партиска, а не државна манифестација. Инаку, вистината е дека речиси сите си „легнаа на брашно“, ја прегрнаа политиката на заборав на она што не смее да се заборави за да не се повтори. И сега медиумската бура (во чаша вода) е поради издвоените буџетски средства за прославата, а не за суштината.
Свесна сум дека напишаното во оваа колумна е бласфемија, ова ќе го оценат како говор на омраза и израз на албанофобија. Па, во оваа НАТО-држава дури и министерка за одбрана се препукува со изјави со градоначалник на една мала општина околу спомен-обележје на погибијата на Карпалак, но и тоа со кратко траење. До следната година, колку да се покаже дека божем се почитуваат дадените животи. Ова што го пишувам не е ништо ново: од 2002 година до денес сум напишала голем број научни статии, поглавја, па дури и две книги посветени на тој конфликт. И пишувам и зборувам и ме линчуваат за тоа и јас продолжувам… зашто некој мора да ја држи подметнато ногата за вратата на заборавот да не се затвори сосема. Боли, притиска, некогаш е неподносливо, но 2001 година е последната година што заслужува конфети и канапеа, спа и огномети, најмалку песни и стихотворби. Затоа кога ќе наближи овој период од годината, чувствувам одговорност на јавен интелектуалец и професор, кој предава за транзициска правда и помирување, да зборувам за тоа дека насилството не може да стане историска придобивка, особено кога жртви биле луѓе, повеќето од нив заборавени, а на десетина ни коските не знаеме каде им лежат. Од правење прослави и коалиции не најдоа време на две педи земја да ги откријат гробниците!
Милион пати напишав, но ако не напишам и сега, не знам кој друг би се осмелил: рамковниот договор не е мировен договор; тој, како и Дејтонскиот, беше договор за прекин на огнот. Тој божемен договор беше наметнат однадвор и не беше резултат на преговори меѓу страни во судир. Странците ги застапуваа интересите на ДУИ (во тоа време на „терен“ и во заседи) и зборуваа дека „Уставот мора да се смени“ за да има мир. Ова што сега го слушаме од Бугарија, а до завчера од Грција, е само ехо на таа прва сериозна уцена: или устав или војна! Рамковниот договор (РД) не само што го наметнаа туку и го напишаа на англиски јазик. Таа верзија се смета за единствено автентична, оригинална, а сепак нема институција задолжена за негово автентично толкување. Зошто? Затоа што РД не е правен акт, не беше донесен ниту ратификуван во Собранието. Но, како кукавичино јајце ни беше подметнат во преамбулата за време на промената предизвикана од Преспанскиот договор. Тој божемен договор на четири политички партии што не беа во војна и копотпишан од покојниот Трајковски заедно со „сведоците“ (Леотар и Пердју) содржи од сè по нешто: зборува за граѓанско општество, а го оневозможува; зборува за унитарна држава, а воведе федерализација; вели дека насилството е неприфатливо како метод за политички промени, а нам постојано ни се закануваат со насилство за да направиме ваква или онаква отстапка. Тој договор најмалку внимание им посвети на жртвите, а обезбеди амнестирање на сторителите. Рамката е како онаа на портретот на Доријан Греј – вистинската слика на распадот и смрдеата никој не сака да ги регистрира бидејќи се погубни. Мир не е ако нема пукотници и заседи, мир е да има извинување за стореното, каење, жал за жртвите и заедничка работа за општа благосостојба и еднаквост. Ова македонско општество нема никаква врска со мирот, сфатен како позитивен мир (онака како што го дефинираат Галтунг и сите истражувачи на мирот и конфликтите). Македонија не само што не е успешна приказна туку е и незавршена приказна. Нејзиниот консоцијациски систем (споделување на власта меѓу две етнички елити) е веќе неодржлив, па дури и ЕУ, која обично гледа настрана пред сите девијации што се должат на биетнички модел на трибализам наместо европска демократија, сега срамежливо реагира на т.н. балансер. Па, не паднаа од Марс, за балансерот знаеја уште во времето кога можеа да направат притисок (вака како сега за Уставот) и да го спречат. Но, не, тие сакаат стабилитократија, ќе се ујдисаат и со најлошиот само да им гарантира „мир и стабилност“ на моделот што тие го наметнале како „решение“. И после ќе ти кажат: ама тоа не е европски принцип! Како да не знаевме уште во 2001 година, барем ние што знаевме што е уставно право и политички систем. Но, вртикапите и конвертитите оттогаш излижаа каде што плукнаа и напишаа, па сега се прават на тошо.
Ако мислите дека промената на името на (уште) една улица е обичен маркетиншки трик на опозицијата во албанскиот блок, замислете се. Ова не е ни прва ни последна улица во која се глорифицираат ликови што се бореле за албанската кауза не само од поновата историја. Во теоријата тоа го викаме „култура на насилство“, односно негување култура што слави и глорифицира борци, војници, крвопролевање, промени изведени насила и со војна. Парадоксот е што Адем Демаќи е опонентот на Ибрахим Ругова, лидерот на ненасилниот (гандиевски) отпор кон Милошевиќева Србија. Тој беше политички идеолог не само на УЧК туку и на идејата за голема Албанија уште во времето на социјализмот. Во денешната верзија, албанската опозиција, која сака да ги урне бившиот лидер на УЧК, денешен лидер на ДУИ и неговиот политички син Груби, па на својот противник гледа како на некој што се заседнал во фотелји и привилегии, лапа од корупцискиот колач и од тендерите, дели на синови и внуци, а не се бори. Затоа им требаат Демаќи (и Албин Курти со прослава под мотото „Ова е Албанија“ среде Тетово), за да кажат дека се „поголеми мажи“, порадикални од македонската (бизарна) верзија на „Ругова“. Поентата ми е: и 22 години по конфликтот, тој не е завршен за Македонија, ама ни во албанскиот блок, во кој се оди по онаа изрека од познатиот стрип „сакам да бидам везир наместо везирот“. Нема тука место ни за (позитивен) мир, ни за демократија, ни за Европа. Многу е приземно. Толку е приземно што Македонија тоне во договорниот Бермудски триаголник од Охридскиот, Преспанскиот и Бугарскиот договор. Ништо за славење, ништо за гордеење, никаква лекција научена, заложници сме на сопствената неодамнешна историја кога странците преговараа мир и уставни измени.
Цената на овој целосен колапс не е во збирот на пари фрлени за лапачка и пијачка, за славење нешто што треба да опоменува и да учи идни генерации на мир и помирување; овде веќе не помагаат ни споменици и спомен-обележја. Работата е отидена предалеку, а цената е многу поголема одошто може да се замисли! Рамковниот договор требаше да биде привремено решение, постконфликтно, а не света книга над која мораме да се колнеме дека е безгрешна и доблесна. Рамковниот договор е „лек“ од кој болните стануваат уште поболни, бидејќи нема механизам за контрола и критика. Конечно, рамковниот во себе иманентно содржи закана и создава страв. Повеќе му се поклонуваат нему отколку на Уставот и законите. Но и тој не е доволен за некои кругови, па се чини дека РД е помало зло. Стравот и самоцензурата оневозможуваат јасно исцртување на цената што сме ја платиле, зошто над глава ни виси мечот на „говорот на омраза“ доколку кажеме нешто против оние што од чиста љубов фатија оружје в рака против уставен поредок што беше фален од оваа иста Европа.
Ние возрасни, а втеран ни е страв во коски, па и за Илинден се молиме на бога, речиси шепотиме, верувајќи дека сме направиле херојски чин што без денар од буџетот сме одбележале настан од пред 120 години. Нашите деца веќе и не знаат што се случило пред 22 години, а во меѓувреме си ги пакуваат куферите.
А бре, Македонче!