Пишува: Петар Здравевски, потпарол на Црвена Младина.
Македонија одамна го избра европскиот пат. Со години наназад, интеграцијата во Европската Унија се промовира како врвна национална стратегија, како синоним за модернизација, напредок и демократија. Но, дали навистина знаеме по која цена го следиме овој пат? И уште поважно, дали ЕУ навистина ги следи сопствените вредности?
Од една страна, Европа гордо ги прогласува своите темелни вредности: демократија, владеење на правото, почитување на човековите права, толеранција, недискриминација. Од друга страна, Македонија како мала, но упорна држава на Балканот, која постојано се соочува со барања кои ја допираат нејзината национална срж: името, историјата, јазикот, уставот.
Преспанскиот договор беше претставен како европски триумф – договор на разумот. Но за голем дел од граѓаните, тој претставуваше чувство на наметнат компромис, тежина врз националниот идентитет. И токму тука почна да се разоткрива противречноста: дали вредноста „компромис“ значи и достоинствено откажување од себе?
Потоа дојде бугарското вето. Се зборуваше за „заедничка историја“, но не се зборуваше доволно за едностраните услови што директно задираат во културниот и јазичниот интегритет на Македонија. Европа молчеше. А молкот, во политиката, е став. Така, Унијата ја покажа својата склоност кон геополитички калкулации, наместо принципиелност.
Останува прашањето – дали европските вредности се навистина универзални, или пак само средство што се користи селективно, кога тоа одговара на интересите на поголемите и помоќните?
Одговорот на ова прашање не бара откажување од ЕУ. Но бара зрелост. Бара Македонија да излезе од наивноста дека само преку послушност ќе стане дел од „европското семејство“. Напротив, време е за прагматизам. За самопочит.
Мултиполарната надворешна политика вклучува соработка со земји надвор од западниот блок. Сама по себе таа политика не е закана по Европа. Таа е алатка за зајакнување на државниот суверенитет и националната автономија. БРИКС, Евроазиската унија, или партнерства со земји од Глобалниот Југ можат да понудат економски и дипломатски баланс, и пред сè простор за самостојно одлучување.
Европските вредности се добредојдени, но не по цена на обезличување. Достоинството не е пречка за интеграција. Тоа е предуслов.
Во новиот глобален поредок, каде мултиполарноста станува реалност, Македонија мора да ја искористи својата позиција – не како нечиј ученик, туку како рамноправен партнер. Со јасни интереси. Со отворен ум. Но и со цврст ‘рбет.