Пишува: Јована Анастасијевска, борец за социјална правда
Оваа колумна ја започнувам со сликата за денешниот свет во моите очи – свет во кој една жена, мајка и работничка е столбот на општеството, но истовремено и неговата најголема жртва.
Таа се буди во рани зори, носејќи го товарот на едно семејство, еден дом, една работа, па и целиот систем во кој живее. Но овој систем ѝ поставува двојни стандарди: ја поттикнува да биде успешна, но ја казнува ако приоритет ѝ е семејството; ѝ бара насмевка, но ѝ го одзема достоинството; ѝ нуди можности, но само додека не стане мајка.
Товарот на модерната жена
Денес, жената мора да биде сè: добра мајка, посветена сопруга, успешна професионалка, дотерана, весела, дисциплинирана и секогаш достапна. Ако не ги исполни овие очекувања, општеството ја осудува. Ако, пак, реши да биде мајка, често е исфрлена од работното место. Ако не може или не сака да има деца, ја следи социјален притисок и осудување.
Системот, заснован на профит, ѝ нуди приватни градинки што чинат цело богатство, а државните се преполни. Додатокот за деца е мизерен или недостапен. Трудничкото боледување често е прекратко, а работодавачите поставуваат невкусни прашања на интервјуа: „Дали планирате да имате дете?“ Кога ќе се случи ова, каде е државата? Каде се законите што би требало да ги штитат трудничките?
Работничката – алатка за профит
Жените во фабриките и корпорациите денес се третираат како машини за профит. Тие поминуваат часови зад машини за шиење, во супермаркети или канцеларии, само за да се вратат дома и да продолжат со уште поголем товар. Некои од нив се без здравствено и пензиско осигурување. Работничките се мета на мобинг, на ниски плати, на притисок да молчат и да не бараат повеќе.
Капитализмот не дозволува жена да биде мајка
Денешниот економски систем ја гуши мајчината улога. Жените мораат да работат за да преживеат, а нивните деца ги чуваат баби, бебиситерки или, во најлош случај, растат сами. Зар ова не е пораз за општеството?
Сосема поинаку беше во времето кога борбата за работничките права и женската еманципација значеше вистински прогрес. Жените во социјализмот се изборија за своите права – за бесплатни градинки, подолги породилни отсуства, пристојни работни услови. Денес, лажниот неолиберален феминизам нуди изместени вредности – наместо да се бори за женските права, го поддржува истото опресивно општество кое жената ја сведува на роб на капиталот.
Ни треба повеќе од симболични гестови
Не ѝ треба на жената еден ден во годината кога ќе добие цвет или празни зборови за „почит и љубов“. Она што ѝ треба е вистинска револуција – револуција што ќе донесе сигурност за работничките, за самохраните мајки, за сите оние што се борат секој ден, без поддршка од системот.