Пишува: Александар Симонов, Кооринаторот на Сектор за надворешна политика на политичката партија Левица и советник во општина Свети Николе
„Македонија на Македонците – Земјата на земјоделците“ е една од паролите кои ги предводеа македонските партизани кои на 11-ти октомври ја отпочнаа борбата против Бугарскиот фашистички окупатор!
Ако денес сме во ваква идентична ситуација (а сме) додека СДС, ДПМНЕ и ДУИ ни ја ,,бранат” државата, следствено нивната политика, ова парола веројатно би звучела: „Северна на етничките заедници – Земјата на странските ‘инвеститори’ за фотоволтаици“.
Сега главното прашање: Зошто умислено со уништува македонското земјоделие?
Ако го земете првиот учебник по историја со кој сте се сретнале (барем оној од кој јас учев, а не беше избугарен од министрите на ДУИ), уште на прв час се учеше дека првите цивилизации се создавале покрај големите реки, и почнале да се развиваат и рашируваат кога го воспоставиле системот за наводнување, како колективна потреба за заедничко добро!
Во 1924 година, Коста Новаковиќ ја издава книшката насловена „Македонија на Македонците – Земјата на земјоделците“ – тогаш од „Независната работничка партија“ (која всушност е КПЈ, но порад тоа што кралството Југославија забранува постоење на Комунистичка партија, морале вака да се регистрираат и го озаконат нивното делување) практично е еден од првите (во епохата на креирањето на национални држави) кои не зборува само за Македонија и македонското прашање, туку и за Македонците. Проблемот: Зошто ја нема Македонија? – го лоцира на истото место каде што е и денес , во буржоазијата!
Имено – буржоазијата од овие краеви функционирала идентично како денешната – додека Македонска буржоазија воопшто и не постои! Така: енергенсите ви ги контролира (ЕВН) австриска буржоазија, (ОКТА) грчката буржоазија, банките (од турски и бугарски до какви уште не), клучните сфери за нормално функционирање на една држава се во рацете на странската буржоазија… а македонска буржоазија е подредена на овој нивен капитал (разни Мицковисти, Анѓушовци, Заевисти…) и е само обична слугинка на надредената.
Е сега, Новаковиќ вели дека во тоа време кога и не постои македонска буржоазија, највисоката класа ги изнесува своите потомци на образување во другите земји, додека на терен странската буржоазија создаваа свои агенти, кои ги задоволуваа нивните интереси (исто како и денес). Единствените кои останувале во македонија (и биле нејзиниот стожер) се земјоделците. Баш тие земјоделци и селани се оние кои не станаа ничиј агенти, не си отидоа од Македонија и одново се дигнаа во борба, овој пат со фашистичкиот окупатор и голи и боси го победија. Се бореа за својата земја, за својата Македонија!
Денес, Уништувањето на земјоделието не е само самоубиство на еден народ за храна, уништувањето на земјоделието е уништување и на ова малку Македонија што остана! Само во овчеполскиот регион бројот на млади луѓе за последните 20 години е намален скоро на половина (официјална статистика 45%, неофицијална веројатно повеќе).
Домашната ситна буржоазија на плодната земја „ѕида“ стаклени панели каде и колку се може (зависи како ќе се подмачка и кај која партија) – Ама крупната буржоазија, конкретно во Овче Поле, доаѓа од нео-колонијална Франција. Исто како и тогаш, само капиталот ги измени ресурсите за остварување на профит, па така: на наша земја, од наши ресурси, да ни ја продаваат нашата струја, за наши пари!
А Тројниот пакт на власт (СДС, ДПМНЕ и ДУИ), иако веќе во во XXI век, за цело над триесет годишно владеење не ја научија лекцијата од петто одделение, дека државата се градела таму каде што има вода, а развива таму каде што има систем за наводнување. Тотално неблагодарно кон оние кои положија животи за македонската земја во време на војна, тргнаа да ја распродаваат како да е нивен сопствен имот во време на мир!
Македонецот се бореше со векови, додека се избори за својата земја и создаде социјалистичка држава, чија земја ги прехранува сите. На капитализмот му се потребни само триесетина години, да му го одземе правото на Македонецот да биде господар на сопствената земја!
Уништувањето на земјоделието и земјата е уништување на Македонија! Земјоделците кои ги иселивте нема да се вратат – Земјата која ја распродавате нема да биде наша!
Денес, кога вашата политичка елита (буржоазија) ќе благоглаголи и „празнува“ 11-ти октомври, објаснете им дека партизаните не се бореа ниту за Европска унија, ниту за НАТО алијанса, ниту за интересите на прекуграничната Буржоазија! Земјоделците се бореа и дадоа животите за македонската земја и македонската држава, која тие ја распродаваат.
p.s. Кажете му на премиерот дека книшкава „Македонија на Македонците – Земјата на земјоделците“ е објавена 1924 година, десетина години пред Коминтерната и дваесетина пред да се создаде Републиката, да не утне како претходниот пат и да каже дека имаме држава која „произлезе од воениот виор во Југославија од 90-та“!