Пишува: Никола Петров – член на ЦК при политичката партија Левица
ГЕРМАНИЈА – „напредна демократска високоразвиена држава“ (1890г)
Конфекциската индустрија стана значајна стопанска гранка и индустријалците конфекционери беа наумиле да го завладеат сиот светски пазар и да натрупаат фантастични печалби за себе.
Но по која цена го правеа тоа?
Конфекциските работнички, живееја во вистински пекол. Конфекциската индустрија се потпираше пред се на домашниот труд или таканаречениот „систем за смукање на потта“, кога работниците седеа во малите, загушливи и мрачни работилници, во воздух засмрден од потта на многуте луѓе и згустен од прав и мирис на машинско уље, при заматена светлина од која очите рано им се расипуваа. Во текот на сезоната работниот ден траеше по 14, 16 и 17 часа, а не ретко мајсторот им даваше и уште работа за дома. Исто така се работеше и во недела и празник, додека најпосле офтиката или напросто непоправливата истоштеност не ги однесеше клетниците во гроб. Заработувачката на шивачките им беше 486, а на кројачките 457 марки годишно.
Но не само работничката во конфекција така страдаше, постоеја стотици илјади жени и од други професии, ограбувани на ист начин.
Продавачките имаа 40 марки месечна плата, а од тие пари мораше да купуваат за на работа елегантни лесни фустани и свилени чорапи, затоа што тоа им го бараше работодавачот.
Келнерките, кои требаше да живеат од бакшиши, но затоа пак беа принудени да ги поднесуваат безобразните постапки на гостите. „Служавките“ – за нив уште важеа средновековните прописи за нижа послуга, па можеа да бидат и тепани, да имаат илјадници задолженија но ниту едно единствено право.
Десетчасовниот работен ден за работничките сеуште беше сон, неисполнето барање. Работеа во големи хали, под пеколен шум на машините, во загушлив воздух, бледи и полугладни, секогаш недоспани и замелушани од умор. Ситните прашинки од памукот и волната продираа во нивните гради. Многу од нив, како и домашните работнички, продавачките и келнерките предвреме стануваа робинки на офтиката – болеста што во сите капиталистички земји ја нарекуваат пролетерска болест.
И децата на земјоделските работници, кои со своите родители мораа да одат на имотот на земјопоседникот, требаше да допринесат за издржување на семејството работејќи како разнесувачи на весници и кифли.
Проклет да е измачувачкиот труд на децата!
Проклета да е експлоатацијата на пролетерите, објавуваме борба на проколнатиот поредок, што раѓа вакви ужаси!
Ние не можеме да ги оплакуваме страдањата, туку да обвинуваме и повикуваме на борба за соборување на капиталистичкиот општествен поредок, кој е рај за богатите, а пекол за сиромашните и работливите, за они што со трудот на своите раце ги создаваат богатствата.