Анализа на професорот од Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски
Вчера имав интересен разговор со наш истакнат професор по хидроенергетика во пензија, со кого дискутиравме околу ситуацијата со „Чебрен“ и општо околу енергетската (неб)иднина на Македонија. Професорот не се плаши да зборува, меѓутоа после толку многу објаснувања и непреземање ништо од страна на ЕСМ, веќе му е смачено од сé, па ги остава младите да продолжат со своите битки.
1. „Честа“ да го потпише срамниот и штетен договор за ПАХЕ „Чебрен“, во името на државата ќе ја има државниот ЕСМ. Истите тие, чија главна улога е да градат нови капацитети за производство на електрична енергија и да ја обезбедуваат енергетската иднина на оваа држава, самите ќе се откажат од самостојна изградба, а државата великодушно ќе им го отстапи националното богатство на цели 60 години на странци. Ако ги занемариме интересите на граѓаните, зошто ЕСМ би се заморувала со градба, кога вака некој друг може да гради, а тие да учествуваат во делењето на приходите, кои ќе порастат двојно, од сегашните 53 евра/MWh на 100-200 евра/MWh? Граѓаните секако ќе ја платат разликата.
Ако мораме да ја плаќаме енергијата од електраната на домашна територија и од домашни природни ресурси по берзански цени, тогаш зошто би требало да го запустиме кањонот на Црна Река, наместо едноставно да увеземе струја од странство?
2. Смислата на давањето под концесија се состои во извлекување профит на странскиот инвеститор извесно време после отплатата на почетната инвестиција. Речиси не постои проект чиешто време на отплата е подолго од 20-25 години (инаку не би се исплател), а во случајот на ПАХЕ „Чебрен“ тоа би изнесувало под 15 години, а веројатно и многу помалку, земајќи ги во предвид приходите од ХЕ „Тиквеш“, што би биле чист подарок за грчката компанија. Нормално би било на Грците да им се остави период од десетина години за извлекување чист профит од исплатената електрана, што значи дека во никаков случај електраната не би смеела да се отстапи на период подолг од 30 години. По враќањето на електраните на нашата држава, тие би требало и нам да ни служат барем уште 20 години. Но, отстапувањето на период од 60 години претставува овозможување ненормално високи добивки на грчката страна, за сметка на испуштена добивка на македонската страна. Башка што нам ни треба реверзибилна хидроелектрана веднаш, а не по 60 години. Така имаме штетен договор и по оваа точка.
3. За разлика од мене, професорот не е толкав песимист дека Македонија ќе ги затвори своите термоелектрани на јаглен до 2030 година, бидејќи ние друг излез немаме. Моментално Парискиот договор за ограничување на емисијата на стакленички гасови не предвидува директни парични пенали, но непочитувањето на преземените обврски ќе води до загуба на репутацијата на државата, дипломатски притисоци и трговски санкции. Ние одамна немаме проблем ниту со срамот ниту со репутацијата, па нашите власти веројатно затоа многу не се грижат за потпишаното. Ќе видиме како ќе поминеме со дипломатските притисоци, но трговкото ембарго, пред сé од западните земји, може да ни предизвика сериозни штети. Нашите власти веројатно и тука пресметале дека штетите од ембаргото би биле помали отколку да мораме да ги угаснеме термоелектраните и да мораме да градиме нови капацитети за производство на „зелена“ енергија.
Интересно е што нашата влада се согласила да ги затвори само државните електрани на јаглен, но не и приватаната гасна електрана „Те-То“, којашто исто така емитува јаглерод диоксид, веројатно плашејќи се од нивна тужба. Така приватната електрана ќе продолжи да работи и да ја извезува енергијата, а граѓаните би останале без евтина енергија од државните електрани. Државната квота за стакленички гасови би ја искористиле странците со нивната електрана за профитирање, а граѓаните повторно би платиле отповеќе за увоз на скапа електрична енергија.
4. Дури и да продолжиме инаетливо со термоцентралите на јаглен, ние повеќе немаме активни рудници за јаглен. Доколку сакаме да продолжи производството од ТЕЦ „Битола“ после 2030 година, уште денеска требаше да видиме почеток на работите на рудникот „Живојно“ со подземна експлоатација на јаглен, како и подготовка за ископување во Мариово. Таа жила е многу богата со јаглен, бидејќи гледаме дека во Грција успешно работаат дури 7 електрани во непосредна близина со границата со Македонија.
Исто така, ТЕЦ „Осломеј“, којашто е потполно функционална и добро одржувана електрана, веќе е ставена надвор од функција. Причината е што рудниците, коишто се наоѓаат на државно земјиште останале без јаглен. Јаглен има на приватните имоти, што многу лесно можат да се експроприраат, но најверојатно од политички причини ни тоа не се прави. Така „Осломеј“ ќе продолжи да пропаѓа, долго време пред времето за пензионирање.
5. Според професорот, единствениот излез за енергетската иднина на Македонија, како што момемтално стојат работите, би била адаптација на котлите во ТЕЦ „Битола“ на битуменозни шкрилци, коишто би се купувале на берза и би се транспортирале во Македонија преку солунското пристаниште и со железница. Овие шкрилци имаат висока калориска вредност и со неколку железнички композиции на ден по новата пруга преку Меџитлија би можеле да се снабдуваат битолските електрани во наредните децении. Битолските електрани се исто така добро одржувани и ревитализирани, така што би можеле да работаат уште извесно време. Сето ова би било под претпоставка да не се придржуваме до Парискиот договор што самите го потпишавме.
Иако енергијата од термоцентрали не е воопшто евтина, во нашиот случај со веќе изградени и отплатени електрани тоа не е случај. Кај нашите термоцентрали цената на енергијата воглавно се сведува само на цената на горивото, но не и на отплатата на почетната инвестиција.
Бидејќи битуменозните шкрилци треба да се увезуваат, а јагленот го имаме на наша територија (само кај Живојно за следните 30-50 години), кога јас би се прашувал сепак повеќе сум за отворање на рудникот наместо за нови котли. Освен тоа, ископувањето јаглен и транспортирањето на само 20 километри е многу поевтино отколку купувањето и транспортирањето на шкрилци од Индонезија.
6. Доаѓаме до договорот за пумпно-акумулационата електрана (ПАХЕ) „Чебрен“. Се согласивме дека таа одлука е крајно неповолна, недомаќинска и штетна. Доколку сакаме колку-толку да ја ограничиме штетата, прва работа би била да се спречи предавањето на ХЕ „Тиквеш“ на Грците. Изгубената добивка од реверзибилната електрана би останала, но најважно би било да се спречи штетата со загубата на ХЕ „Тиквеш“, којашто од утре би морале да ја плаќаат граѓаните преку повисоките трошоци за купување скапа увозна струја.
7. ПАХЕ „Чебрен“ најверојатно ја губиме на 60 години, односно практично засекогаш, барем што се однесува до следните три генерации Македонци. Се лишуваме од можноста да акумулираме енергија од обновливи извори и да вршиме балансирање (врамнотежување) на понудата и побарувачката на енергија, особено во периодите на намалено производство од фотоволтаици и ветерни електрани.
Предноста и убавината на „Чебрен“ се состои во големиот капацитет на акумулацијата, релативно кратката брана во кањонот на Црна Река и можноста да акумулираме големо количество енергија од фотоволтаиците во лето, за потрошувачка во зима. Поради големото количество на акумулирана вода, истата може да се користи за израмнување на годишното производство на енергија.
Дали имаме алтернативи за реверзибилни хидроелектрани (ПАХЕ)? За среќа имаме. Доколку се откажеме од акумулирање од лето за во зима, туку само од дење за навечер, волуменот на акумулацијата може драстично да се намали. На пример, во случајот на ПАХЕ „Чебрен“, при пад од 173 m (според оригиналниот проект на ЕСМ), при моќност на пумпите од 458 MW и дневно време на акумулирање од фотоволтаиците од 5,5 часа, дневното акумулрано количество енергија би изнесувало 2,5 GWh/ден, а потребното количество вода би изнесувало 5,34 милиони кубни метри, што е само околу 1% од расположливиот корисен волумен за акумулација над браната на ПАХЕ „Чебрен“. Формулата m=E/(g*h) за пресметка ја видовме завчера.
За споменатите 5,34 милиони кубни метри вода не ни треба кањонот на р. Црна, туку слична мала акумулација може да се изгради на погодно место на планина, но во близина на постоечка долна акумулација. Такви акумулации имаме неколку во Македонија и за сите би морало да се изградат горни (а не долни акумулации, бидејќи во ова сценарио горната акумулација не мора да биде голема). Така дури и акумулацијата на ХЕ „Тиквеш“ би можела да се искористи како долна акумулација и не би морало да се потопи полето сé до Кавадарци. Користењето на постоечка долна акумулација ги преполовува трошоците за изградба на две нови акумулации.
8. Уште пред 20-30 години, со помош на Обединетите Нации тогашниот ЕСМ, заедно со професорите од градежен и машински факултет направиле студија за мали реверзибилни хидроелектрани. Тогаш биле пронајдени локации за 18 мали акумулации, воглавно во западна Македонија. Тогаш немало голема потреба од реверзибилни електрани, па студијата останала да собира прашина некаде во депоата на ЕСМ. Освен тоа, разни невладини организации, финансирани којзнае од кого, извршиле притисок и издејствувале да не се градат, со образложение дека би бил загрозен опстанокот на рисот и други шумски животни (?!).
Но, со денешната актуелизација на обновливите извори на енергија, пред се фотонапонските и ветерните електрани, дојде време тие студии да излезат на светлото на денот и да започнеме со изградба. Иако загубата на ПАХЕ „Чебрен“ би била голем удар за нас, не е сé загубено доколку се посветиме на изградбата на малите акумулации, како акумулацијата прикажана на сликата (горната акумулација на ПАХЕ „Кортес – Ла Муела“ во Шпанија“). Како што гледаме, не мораме да имаме дури ни клисура ни долина, туку само една висорамнина на чиј врв би бил изграден базен со помош на бетонски бедем. Секако, доколку пронајдеме клисура или долина, бедемот би се свел само на една релативно кратка брана.
Гледаме дека нема потреба од една брана висока 192 m, туку бедем висок само 20-30 m, но изграден на планина. Според формулата m=E/(g*h) гледаме и дека потребното количество вода m за складирање на дадено количество енергија E се намалува, доколку расте висинската разлика h помеѓу акумулациите. Колку што висинската разлика е поголема, толку волуменот на акумулацијата може да биде помал, а заедно со него и висината на бедемот, односно на браната. Пресметките велат дека реверзибилните електрани се најисплатливи доколку висинската разлика е поголема од 400 m, а пожелно е да биде околу 800 m. На пример, горната акумулација на РХЕ „Велебит“ во Хрватска се наоѓа 750 m над долната акумулација на реката Цетина.
Самата висинака разлика не е пресудна за моќноста на пумпите/турбините, бидејќи е важен и протокот. Иста моќност е потребна за голема висинска разлика и мало количество вода како за мала висинска разлика, но при големо количество вода (како на пример „Чебрен“). Во Чебрен го имаме ова второто, но со малите акумулации можеме да го постигнеме истото, но на многу поголема висина.
Во нашиот конкретен пример со „Чебрен“, доколку горната акумулација се искачи 600 m над долната акумулација, за складирање на истите 2,5 GWh дневно повеќе не се потребни 5,34 милиони кубни метри вода, туку само 1,54 милиони. Мала акумулација за 1,54 милиони кубни метри вода, со бедем висок 25 m плус резерва, би имала површина од 6,16 ha, што е круг со дијаметар од само 280 m.
Задачата на малите реверзибилни акумулации е да складираат енергија од дење за навечер, но не и да работаат како класични хидроелектрани – едноставно нема прилив на нова вода од река. За таа цел треба да градиме други електрани, пред се фотонапонски, хидро и ветерни електрани.
Во секој случај, времето за „Зелена транзиција“ на обновливи извори на енергија веќе ни истекува, а Македонија нема време за губење. Тоа е нашиот прв приоритет, а не некакви автопатишта, за кои ќе се задолжиме, а можеме со нив и да пропаднеме. Исто како средновековниот народ на островот Рапа Нуи (Велигденските Острови) којшто ги градел оние џиновски камени глави, за чија изградба ги исекле сите шуми на островот и најпосле исчезнале како народ.
9. Збор-два за цената на изградбата на една реверзибилна хидроелектрана. Моментално во Кина се гради ПАХЕ „Шанши Јуанчу“ (Shanxi Yuanqu, во превод „Драма/опера во провинцијата Шанши“ – https://www.youtube.com/watch?v=0CEO1EHbEYY ) најголемата реверзибилна електрана на светот. Таа ќе има 4 агрегати од по 300 MW (речиси 4 пати повеќе од ПАХЕ „Чебрен“), со годишно производство од 1.200 GWh (над 4 пати повеќе од ПАХЕ „Чебрен“), капацитет за складирање од 1.600 GWh (помалку од 3 пати повеќе од ПАХЕ „Чебрен“). Електраната е започната во 2020 година, а ќе биде ставена во функција во 2028 година.
Најважна е цената: таа ќе чини само 1,1 милијарда долари, односно една милијарда евра, точно колку што нас нé убедуваат дека ќе чини 3-4 пати помалата ПАХЕ „Чебрен“. Веројатно нивната горна акумулација ќе биде изградена на планина и ќе бара мала брана/бедем, но сепак разликата во цената по единица моќност, односно по единица произведена и складирана енергија е огромна. На крајот на краиштата, од годишното производство се гледа дека имаат река со поголем проток, па според тоа и многу поголема брана на долната акумулација, па сепак цената ќе биде неверојатно ниска.
10. Да ги оставиме за момент на страна реверзибилните електрани и да видиме што добиваме, а што губиме со приватните фотонапонски и ветерни електрани. Приватиците секако профитираат, државата собира данок, но ние граѓаните од таа скапа електрична енергија, којашто завршува како извоз немаме практично ништо. Тоа што не убедуваат дека Македонија ќе станела (или веќе станала) извозник на електрична енергија нема апсолутно никакво значење за обичниот македонскиот граѓанин, којшто во секое време може да увезе енергија по истата цена како од домашните приватници.
Нам ни треба енергија по ниски и стабилни цени, чија цена ќе биде определена од цената на инвестицијата, а не од берзата и законот на понуда и побарувачка. Освен тоа, фотонапонските електрани, од кои граѓаните немаат никаква корист, уништуваат огромни површини обработливо земјиште (на пример кај битолското село Логоварди, во најплодниот дел на Пелагонија), а знаеме дека обработливото земјиште е единствениот природен ресурс што не може да се создаде.
Покрај тоа, приватниците ја оптоваруваат преносната мрежа на МЕПСО, низ нивните далноводи и трафостаници циркулираат струи, коишто го „заземаат местото“ на струите од идните државни фотонапонски електрани. Во иднина, доколку се изградат нови државни електрани, државата би морало да инвестира и во проширување на преносниот капацитет на мрежата, т.е. да врши замена на трансформаторите, расклопните постројки и линиите за пренос на електрична енергија. Од приватните електрани ќар до колена – зијан до гуша.
11. Најпосле, да го поставиме прашањето и зошто сето ова се прави, зошто се уништува државното производство на електрична енергија. Симптоматично е што ниту опозицијата не реагира на раскрчмувањето на „Чебрен“, на најавеното затворање на термоелектраните на јаглен, на неконтролираното продавање на обработливо земјиште на странци за изградба на фотонапнски електрани, како и на енормниот увоз на скапа електрична енергија. Ова покажува дека во прашање е интерес што е повисок од партискиот.
Заклучокот што се наметнува е дека уништувањето на домашното производство премолчено и намерно се спроведува за да станеме зависни од увоз на скапа електрична енергија, како и на енергија од приватни фотонапонски, ветерни и мали хидроцентрали. Кон ова треба да се додаде и раскрчмувањето на државната електродистрибуција, којашто денеска е приватниот ЕВН. Мрежарината е поскапа од цената на самата електрична енергија, но ЕВН работи за профит, а не за да обезбедува евтин пренос за граѓаните.
На приватниците не им е важно дали граѓаните ќе ја плаќаат енергијата двојно или тројно поскапа – тие секако ќе мораат да ја платат, ако сакаат да имаат струја. Во земјава моментално има околу 60 регистрирани трговци со електрична енергија и нивниот број постојано расте. Има и извесен број на сопственици на приватни електрани. Во игра се големи пари, а овца за стрижење е целото население на Македонија, а најмногу претпријатијата.
Оваа теза многу лесно можат да ја проверат новинарите. Во Централниот регистар се води регистар на вистински сопственици на сите трговски друштва, често скриени зад неколку слоја сопствеништво. За извесен надомест можат да се пронајдат и објават вистинските сопственици на сите увозници и трговци со електрична енергија, мали хидроелектрани, фотонапонски и ветерни електрани, евентуално производители на електроенергетска опрема – со еден збор сите учесници во електроенергетскиот бизнис.
Ќе биде интересено ако меѓу нив ги видиме имињата на истакнати политичари, пратеници и министри од разни политички партии, а не само од владеачките. Каков е мотивот на богатите приватници да се занимаваат со политика неплатено? Некој ќе каже дека тоа е нивно легитимно право, но знаејќи дека токму тие ги креираат и енергетските политики, може да се оспори тоа право поради конфликт на интересите. Откривањето на вистинските сопственици нема да ни ги врати државните електрани и дистрибуцијата, ама барем ќе ни стане појасно зошто сето ова се прави, па ќе бараме решение во иднина.
Во меѓувреме, нам инженерите ни останува само да ја информираме јавноста, со надеж дека тоа ќе допре до нашите власти и ќе го отповикаат тендерот за предавање на ХЕ „Тиквеш“ и концесијата за ПАХЕ „Чебрен“. Со таа цел, во недела 8.10.2023, од 11:00 до 11:30 часот ќе оствариме средби со граѓаните пред главните обележја на градовите. Во Скопје тоа ќе биде Камениот Мост, а во Битола – Саат-кулата.