Етничкото чистење и „моралниот инстинкт“ [Едвард Херман]

Едвард Херман – автор на текстот

Едно од најпроблематичните клишеа на интелектуалците, медиумските уредници и експерти што ги бранат хуманитарните интервенции е дека човековите права станаа поважни за САД и другите сили на НАТО и дека тие имаат големо влијание врз нивната надворешна политика во последните децении. Дејвид Риф пишува дека човековите права „се востановија не само како реторички, туку и како дејствителен принцип во сите главни западни престолнини“, а неговиот другар по праведно оружје Мајкл Игнатиев тврди дека нашите подобрени „морални инстинкти“ ја зајакнале „претпоставката за интервенирање кога масакрот и депортацијата ќе станат државна политика“.

Ова гледиште во добар дел беше изградено врз основа на искуството и погрешното читање на случувањата за време на распадот на Југославија во 1990-тите, каде што пропагандната линија беше дека НАТО неволно и задоцнето влезе во тој конфликт за да го запре етничкото чистење и геноцидот извршен од Србите и дека го направи тоа успешно. Ова, наводно, беше интервенција вкоренета во хуманизмот на Блер-Клинтон-Кол-Шредер, поддржана и наметната на овие лидери од страна на новинари и протагонисти за човекови права.

Има многу работи што се погрешни во ова објаснување и анализа на поновата балканска историја, од кои една од најважните е дека интервенцијата на НАТО не беше задоцнета. Таа дојде доста рано и беше примарна причина за етничкото чистење што следеше. Таа го охрабри распадот на Југославија на начин што остави големи незаштитени малцинства во новоформираните републики, со тоа осигурувајќи го етничкиот конфликт. Таа ги саботира мировните договори во рамките на овие нови држави во годините 1992-1994 и ги охрабри несрпските малцинства да се надеваат на воена помош од НАТО при доаѓањето до конечните договори, а која тие на крајот и ја добија.

Силите на НАТО дури и активно или пасивно ги поддржаа најцелосните етнички чистења на Балканските војни, а што беше со Србите во хрватската област Краина и со Србите во Косово окупирано од НАТО од јуни 1999 година.

Имаше и други проблеми со сфаќањето дека интервенцијата на НАТО на Балканот имаше хуманитарна основа и ефект, но подеднакво е важно да се препознае селективноста на овој фокус и политичкиот корен на таа селективност. Хуманитарните интервенционисти речиси целосно молчеа за време на масакрите и депортациите во Источен Тимор од страна на Индонезија во 1990-тите, турските колежи и палење села во нивните курдски области, убиствата и огромниот бегалски егзодус во Колумбија и масакрите од голем обем во Конго, извршени во добар дел од напаѓачи од Руанда и Уганда. Поради некоја причина „моралниот инстинкт“ на хуманитарните политичари не допре до овие случаи, каде убијците им беа сојузници на овие политичари и од нив добиваа и оружје и воена помош и обука.

Подеднакво интересно, моралниот инстинкт на хуманитарно-интервенционистичките интелектуалци и новинари не успеа да го надмине пристрасниот фокус на нивните политички водачи, туку работеше паралелно со тие пристрасности. Ова им помогна на нивните политички водачи да тргнат по таргетираните борци со поголемо насилство, делумно преку одвлекување на вниманието од одобрените негативци и од штетата што тие им ја нанесуваа на нивните (имплицитно недостојни) жртви.

Втор дел: https://lenka.mk/left_literature/etnichkoto-chisteњe-i-moralniot-instinkt-vtor-del-izvondredniot-sluchaј-na-izrael-edvard-herman/

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/herman/2006/palestina.htm

Последно