Реакција на политичката партија Левица
Пред десет години, во 2013 година, со многу помпа Државниот архив беше преместен во една од зградите на проектот Скопје 2014.
Меѓутоа, за кратко време се покажа дека станува збор единствено за пиар момент, без никаква свест за вредноста и важноста на архивираните материјали, а гледано од денешна перспектива сè поверојатно е дека истото било направено тенденциозно, со намера да се УНИШТАТ важни и суштински документи со непроценлива вредност.
По поплавата на Архивот во 2018 година, беше извршен увид во кој учествуваше Јавното обвинителство, при што беше констатирано дека е потребна ИТНА санација на покривот на зградата, со што ќе се спречат понатамошни поплавувања на објектот. Владата на СДС и ДУИ тогаш го повтори ставот дека наскоро ќе се донесе конечна одлука, во насока на трајно решение околу наследената ситуација со зградата на Архивот и нејзината комплетна нефункционалност.
Оттогаш се поминати повеќе од пет години, а пробугарската власт нема преземено ниту една мерка за да го заштити овој значаен објект за македонската историја! Во контакт со вработени во Архивот, Левица дојде до сознанија дека старата зграда на Архивот била една од најстручно изградените објекти во Југославија, поради што дел од вработените бараат да се вратат во стариот објект.
Денес Државниот архив е во очајна состојба со мувла и влага, а вработените се во постојана битка со водата по секој дожд. Од работењето на директорот Емил Крстевски единствено јавноста виде како води преписки на официјалната страна на оваа институција.
Очигледно е дека свесната негрижа за архивскиот материјал е дел од порачките што секојдневно ги испорачува квислиншката и анти-македонска власт на СДС и ДУИ, во целокупното бришење на македонската историја, јазик и идентитет.