Провокатори на народот

Автор: Д-р Димитар Апасиев

Водачи слепи и безумни!
Па вие комарецот го цедите, а камилата ја проголтувате!

Исус од Назарет (Евангелие по Матеј: XXIII, 24)

Поводот за оваа колумна, која е продолжение на низата мои текстови насочени против правниот [нео]позитивизам кој се предава на нашите факултет и се применува во нашите судници, ми е потресната вест што беше објавена пред некое време, а се однесуваше на укинувањето на социјалната помош на семејството на нашиот сограѓанин Сабедин Неби од с. Долно Лисиче кое, преку нивниот малолетен син примило 1.400 денари „непријавен приход“!? Се чини дека ова, кај оние кои сѐ уште останаа со здрав разум, навистина ја прели чашата. Згора на сѐ, сега ова сиромашно семејство е задолжено да враќа и пари кои, божем незаконски, ги примило во текот на целата измината година – а доколку не ги врати, ќе ја изгуби и скромната куќа во која живее, затоа што на врата ќе им затропаат извршителските џелати.

Еве ги на мојот народ раните, па нека тие наместо мене зборуваат…

Во ваква правна ситуација, древниот и вроден поредок на „Природното право“ (Ius naturale) нѝ вели дека да осудите еден чесен и сиромашен човек да враќа пари кои реално ги нема, е рамно на изрекување на најтешкa т.н. капитална казна – бидејќи вие со тоа директно му ја загрозувате неговата егзистенција и неговото битисување како Граѓанин на оваа наша заедничка Република. А напикувајќи го в ќош, нему не му преостанува ништо друго освен самиот да го поврати во рамнотежа нарушеното владеење на Правичноста, земајќи ја правдата во свои раце. Затоа, во никој случај немојте да ја потценувате моќта на чесниот човек кој е приклештен од стегите на корумпираните! Оти дури тогаш се буди животинското во нас и Човекот станува ѕвер или, ако сакате со политички жаргон – радикал. Впрочем нѐ заборавајте дека и Арапската пролет почна кога само ЕДЕН човек, ставен во состојба да не може чесно да го прехрани своето семејство, во моменти на очај се самозапали пред локалната општинска зграда. Џабе беa после политикантските „повици до народот“ на разумност и трезвеност. Народниот суд пресече! Паѓаа влади и летаа глави додека не заврши избликот на акумулираниот колективен гнев кој тлеел со децении.

Станете сите! Заседава Судот на народот…

Оваа потресна сторија ме потсети на еден стар јуристички инструмент кој постоеше во Римското право, а се употребуваше токму во вакви неурамнотежени ситуации на очигледно нанесена неправда кон непривилегираните. Имено, кога тогашните магистрати, кои беа пандан на сегашните министри или државни службеници, опиени од својата моќ, ќе забегаа во непринципиелното казнување на своите сограѓани, на казнетиот Граѓанин – како лице со највисок status civitatis – му стоеше на располагање еден своевиден жалбен лек кој се викаше „Повик на народниот суд“ или ПРОВОКАЦИЈА ДО НАРОДОТ (Provocatio ad populum). Имено, кога еден римски граѓанин ќе бил осуден на казна од која буквално зависела неговата судбина [пр. смрт или несразмерна парична глоба], тој го имаше неприкосновеното право да се спротивстави на бирократското самоволие и легитимно да се обрати до своите сограѓани т.е. до „оние кои се рамни на него“ и од кои единствено извира суверенитетот – со цел да побара преиспитување на драконската мерка. Така, ниту еден правосуден магистрат не можел да казни полноправен граѓанин без претходно да му дозволи овој да се обрати до народот собран во комициите т.е. во народните собранија, како тогашни органи на директна демократија. Случајот на чичко Сабедин е токму таков и затоа мора да биде изложен единствено и само пред Народот како врховен судија! А заради контекстот и насочувањето на нашата критика, битно е да кажеме дека оваа „граѓанска провокација“ во Рим редовно беше поддржувана од страна на плебејскиот трибун – далечниот предок на денешниот Народен правобранител (Омбудсман) кој, за жал, кај нас неосетно се престори во етничка институција која е само рамковно мутерче за легитимирање на бездушното битие на Власта.

Врапчињата ги мачите, а на орлите им простувате!

Ваквите траорни приказни уште еднаш покажуваат дека неолибералистичката држава е опасно прецизна за евидентирање на сите, па макар и најмали „приходи“ на сиромашните, но од друга страна е претерано толерантна при големите злоупотреби и легално покриениот криминал и даночно затајување на богатите и моќните (олигарсите, менаџерите, лихво-банкарите, спонзорите, директорите, министрите и функционерите). Па така, таа го глоби сиромашниот кој зема 2.450 денари месечна социјална помош со која не може да си ја плати ни струјата, но не го оданочува богатиот кој зема 82.500 евра месечна нето-плата – пари за кои јас и вие треба да работиме до длабока старост или дури и во следниот живот! А токму за ваквите налудничави направичности кои се случуваат во нашето секојдневие нѝ говореше и античкиот политички реалист Тразимах, кој твореше во времето на софистите, умесно нагласувајќи го фактот дека законот (nomos) е само матна фикција која го зацврстува ‘правото на посилниот’! Тој нè потсетува на афоризмот за „малиот и големиот престапник“, од кои само првиот се казнува, а на вториот му се прогледува низ прсти – исто како во онаа прастара и сѐ уште актуелна плебејска поговорка: „На враните црни им простуваат, а со гулабите бели се изживуваат“ (Dat veniam corvis, vexat censura columbus).

Не ја извртувајте смислата на законите!

Овој случај, кога за смешно мали суми се укинува и онака мизерната државна помош на сиромашните, е класичен пример на она што во Философијата на правото го нарекуваме „извртување на духот на законите“. Имено, уште во I-от век пр. н.е. ненадминливиот римски оратор Кикерон беше свесен за една голема мана на самобендисаните апологети на правниот позитивизам, а тоа е неподносливата леснотија на буквалистичкото толкување на словото, а не на духот на законите. Затоа, во неговиот етички спис насловен За должностите (De officiis),уште тогаш овој еклектичар нѐ предупреди да внимаваме на феноменот „злоупотреба на правото“ или „изигрување на законите“ (fraudem leges) – па, на едно место, нѝвели: „Честопати до неправда доаѓа и заради извртување на законот, поради тоа што тој се толкува лукаво и злонамерно. Оттаму настанала и онаа надалеку позната максима – Summum ius, summa iniuria (И најголемото право може да стане најголема неправда)! А, пак, во државните работи многу често доаѓа до вакви престапи. Па така, [кажуваат дека] кога некој војсководец склучил примирје со непријателот од 30 дена, тој им ги пустошел полињата ноќе – оти нели склучил примирје од 30 ‘дена’, а не од 30 ‘ноќи’“!?Таков се чини е и случајот со нашиве дрвени правници-позитивисти: за нив и еднократната награда од 20 ЕУР и месечниот менаџерски бонус од 80.000 ЕУР се „приход“ – оти, нели, така вели законот. А според учењето на јуснатуралистите, вие можете слободно да го искинете таквиот „закон“ кој воопшто не ве обврзува, токму поради тоа што е длабоко неправичен и неморален.

Законопознавачи, фарисеи и лицемери

Говорејќи за оваа вечно присутна тема меѓу јуриспрудентите, не треба да заборавиме дека во периодот на Доцниот римски стоицизам, Галилеецот Исус од Назарет, кој подоцна беше распнат на крст како политички бунтовник, од луѓето бараше да го почитуваат токму Духот, а не Словото на старо-еврејското право. Еве како тој им проповедаше на Јудејците и на своите ученици, остро говорејќи во Ерусалимскиот храм, кадешто ги испреврте тезгите на трговците и „бизнисмените“ кои тогаш, исто како и сега, беа ујдисани со клирот во замајувањето и ограбувањето на народот: „На Мојсеевото седиште испоседнаа законодавците [книжниците] и фарисеите. Затоа, сè што ќе ви речат внимавајте и пазете се од квасот фарисејски, но според делата нивни не постапувајте – оти тие зборуваат, а не извршуваат. Врзуваат бремиња тешки и мачни за носење, па ги клаваат врз плеќите на луѓето, а сами не сакаат ни со прст да ги помрднат… Тешко вам и горко законопознавачи и фарисеи лицемери, оти давате десток од нане, копра и ким – а сте го оставиле најважното од Законот: праведноста, милоста и верата! Ова требаше да го правите, а и она да не го оставате. Водачи слепи и безумни! Па вие комарецот го цедите, а камилата ја проголтувате“!

Позитивното право е волја на владејачката класа

Следејќи ја оваа иманентна и прастара критика на позитивизмот, во 80-те години на XX век во САД, во академските кругови на универзитетите Харвард и Стенфорд, се појави постмодернистичкиот правец на т.н. Критички правни студии(Critical legal studies), обоени во левичарскиот дух на неомарксизмот – кој правото го интерпретира токму од аспект на општествената моќ. Најзначајните претставници на ова струење – професорите Роберто Унгер, Данкан Кенеди и Марк Ташнет – велат дека позитивното право е само „орудие на богатите“ и легална маска на експлоатацијата – па затоа на шега се вели дека стариот добар Дедо Маркс денес живее токму на правните факултети низ омразената Америка. Овие влијателни личности жолчно го критикуваат правниот формализам, кога велат дека идеологијата за наводното постоење на некакво „објективно [важечко] право“, кое  божем се грижи за заштита на субјективните човекови права и слободи на граѓанинот, не е ништо друго туку лажна свест! Преку митот за неутралност и наводна објективност на изгласаните закони, владејачките елити во кои е сконцентрирана вистинската моќ, всушност го озаконуваат сопственото владеење, а го затупуваат секој обид за евентуален отпор на народот (demos) – кој, често, не ни сфаќа дека е манипулиран. Формалната „еднаквост пред Уставот и законите“ е само параван зад кои се кријат реалните и огромни нееднаквости меѓу луѓето!

Значи моќни[ци]те и денес, како и во времето на Тразимах, доминираат во општеството. Затоа, баталете ги убавите правни флоскули и догми и не бидете слуги на пишаниот закон. Оти, ние на своја кожа увидовме дека низ историјата се менува само сценографијата, ама драмата останува иста. Но, ако сакаме оваа мрачна трагедија да ја престориме во барем малку попријатна комедија, нам нема да нѝ помогнат само НВО-проектите, фејсбук-критиките и пцовките во градскиот автобус. Сега, кога молчењето за ова класно раслојување што нѝ се случува станува чин на подмолно предавство, ние ќе мораме да се [само]организираме и, без султанските партии, да бараме пат „надвор од робовската темнина“. Оти, да го парафразирам мојот сограѓанин Рацин, се’ ми се чини дека работата за Рушењето на овие услови е многу попродуктивна отколку работата под нив! Тоа ми е последниот резултат.

Последно