Димитар Апасиев – активист на ДСП „ЛЕНКА“
Разговара: Тамара Чаусидис
Димитар,има ли кондиција граѓанскиот активизам во Македонија?
Кондицијата на нашиот граѓански активизам сѐ уште е приклучена на апарати за дишење. Македонија нема своја култура на масовни граѓански движења кои би биле спремни за поширока мобилизација и организирање граѓански протести, петиции, иницијативи, референдуми, бојкоти, сквотирања и сл. Оттука, ние мораме неа да ја изградиме со наши сили, во наши прилики. Причини за закржлавеноста на активизмот кај нас има многу – а мојата теза, која континуирано ја застапувам и бранам, е дека најглавни се тројца виновници: Прво, тоа е искомпромитираниот „ен-џи-о“ сектор! Извиканите НВО-а го задушија или поточно речено не му дадоа ниту да п’ркне на автентичниот, ангажиран и социјално освестен граѓански активизам. Бирократизираната структура на НВО секторот, која нели беше за „демократизација“ на посткомунистичкото општество, немо посматраше како демократијата се извитоперува во плутократија. Тие дозволија пред нивните очи, граѓанинот да се детронизира и карикатурално да се сведе на Res oekonomicus! А немате ли Граѓанин – ‘пишете му крст’ на граѓанскиот сектор. Вториот виновник се жолтите синдикати и нивните „лидери“. Во минатиот систем синдикатите беа приврзок на режимот, а генерално такви останаа и денес. Па ние сме држава која меѓу последните во цивилизираниот свет го призна правото на штрајк. Затоа, ние како општество немаме изградено штрајкувачка „навика“ и немаме поголеми протести за социјали прашања, а имаме инсценирани и на моменти насилни [контра]„протести“ за било кое друго несуштинско прашање – религиозно, етничко, националистичко и сл. И, конечно, третата причина е партитократијата. Партиите, преку своите полтронски подмладоци, свесно го кочат развивањето на критичкиот дух кај младите. Па така, имате „освестен“ млад човек кој посетува обуки и семинари, кој е член на партија и кој жестоко критикува само кога неговите се во опозиција, ама кога ќе дојде на власт – истиот тој „борец за човекови права“ со бистар ум, веднаш по дипломирањето сака да стане министер или во најмала рака директор!?
Во меѓувреме се учиме на граѓански активизам или можеби се во прашање ретроградни процеси?
Ценам дека допрва се учиме на граѓанска култура, која е сосем различна од поданичката, измеќарска философија која е доминантна. Проблемот е што повеќе е присутно сеирџиството, отколку емпатијата меѓу народот (сфатен како demos, a не како etnos). Да ги земеме за пример работниците, кои воопшто не се солидарни за своите маки и страдања. Тие секогаш очекуваат некој друг да се избори за нивните права, а никогаш не сакаат самите да се борат и да ризикуваат: да формираат синдикат, да тужат, да повикаат на бојкот, штрајк и сл. Сѐ додека чекаме некој друг да повика, а ние само да се приклучиме или отстрана цинично да критизираме – работите воопшто нема да се поправат, туку напротив ќе се влошуваат.
На другиот крај се невладините кои дури сакаат да се појават и на меѓународната арена и да создадат едно глобално цивилно општество. Арно ама тие го изместија тежиштето од локалните неправди, кои требаше да ги обзнанат пред светското јавно мислење, за да го предизвикаат толкупосакуваниот социјален „ефект на бумеранг“ (кога ускратувањето на едно право ќе предизвика револт и побуна кај народот што ќе донесе до уште поголемо право од она што првично се сакало да се укине). Наместо ова, особено во Југоисточна Европа и Западен Балкан, тие неосетно се збуткаа во оквирот на политичкиот апаратус на предпристапните фондови на Европската Унија и на „програмите за развој“ на амбасадите на нејзините земји-членки. Па така, она што започна како спасоносен обид за актуелизација на Неправдата, надвор од границите на државата-нација, заврши како елитистички напредок на оние „НВО-активисти“ кои флуентно го владеат англискиот, умеат да пишуваат проекти и уживаат во кабинетскиот конформизам на некоја бриселска испостава, а не контаат дека се само приврзок на административните потреби на новиот тип капитализам.
Извини, но јас во твојот одговор насетувам емоција, не аргументација… Па и деструкција и тоа токму во кампусот кој е најчувствителен – оној што евентуално се труди нешто да смени, а тоа е невладиниот сектор!?
А јас имам впечаток дека вие неосновано го помешавте „невладиниот“ со „граѓанскиот“ сектор, кој е поширока категорија и коj во себе ги опфаќа и социјалните, економските, културните, религиозните, работничките, студентските и другите сродни здружувања. И моево искажување не го гледам како емоција – туку повеќе како медитација! Јас сум секојдневно во контакт со чесни активисти на кои им е преку глава секоја искрена иницијатива да им ја валкаат извикани „пи-ар експерти“ и нво-(хипер)активисти кои работат на дугме и кои, кога ќе се појават на протест, истиот го компромитираат. Она што ние не треба да го дозволиме е ова новоизградено бротче на срамежливиот активизам, кој ние како „Ленка“ грижливо го градиме веќе неколку години, да заглиби пред борделот на политичката проституција! Од нашите редови треба радикално да ги екскомуницираме искомпримитираните „јавни личности“ препознавајќи го секој нивен злонамерен обид за повторно вклучување во првите борбени редови, како „луѓе со богато искуство“. Тврдам дека ваквите препознатливи „експерти“, со својата појава, повеќе им штетат отколку што им користат на новите автономни движења – првенствено поради сенката на својот минат багаж. Со нивните клики и побуди, во кои оправдано се сомневам, тие само го контаминираат движењето кое допрва сака да се создаде како автентично. Наспроти нив, освестените активистички јадра како демотски „ќелии“ кои живеат со, а не од проблемите на нивните сограѓани, се единствените кои заслужуваат респект и кои, по никоја цена, не смеат да дозволат нивните дела да бидат искомпромитирани од некои истренирани кариеристички „лидери“ од непродуктивниот НВО-сектор кој истовремено е и идеолошки неписмен.
Не мислиш ли дека „Ленка“, во ситуација на кревок активизам кога тој треба да се негува и расне, не може да се дозволи луксуз на исклучивост и одземање на легитимитет на другите?
Не. Ако ме следевте внимателно, ќе приметите дека јас сум против „секташење“ од типот ние сме најдобри и најпосветени, сите други се компромитирани. Но делата кои сме ги направиле и кои ќе ги правиме во иднина се тие по кои, сакале или не, ние меѓусебно ќе се разликуваме. Значи не би било доследно за нашата критика да премолчиме дека една од клучните причини за тоа зошто граѓанскиот сектор не е способен за поширока мобилизација и е синоним за „перење пари“, е токму искомпромитираноста со ликови кои имаат свое име и презиме и кои, горе-доле, сите ги знаеме. Ние само треба да го откинеме гангренозниот дел на НВО секторот, за да го спасиме организмот на граѓанскиот сектор и да ја откочиме акумулираната енергија која може да донесе до реални промени кон подобро! Едноставно и хируршки изводливо. Дали ќе успееме – останува да видиме… Ние ви тврдиме дека ЌЕ ПОБЕДИМЕ!
(*Интервјуто со нашиот член изворно е објавено на порталот www.aktiv.mk, во август 2012 година, за време на протестите против поскапувањата организирани од иницијативата АМАН, но по извесно време истото е тргнато од наведениот веб сајт. Затоа ЛЕНКА реши да го реобјави на својата веб-страница.)