Во модерната капиталистичка економија, со таканаречен слободен пазар и неограничени можности, човекот, поточно работникот, е сè понеслободен. Во ваквото општество, работникот се доживува апстрактно, односно само како поим, а не како суштество кое функционира како сите останати кои не се работници. Ваквото гледиште нужно води кон тоа работникот да се третира само како орудие за производство на добра кои служат за понатамошна продажба и остварување профит. Ова, секако, има негативни импликации врз работникот како човек, а меѓу другото, тоа е и отуѓувањето.

Карл Маркс овој феномен на отуѓување го дели на четири видови, од кои првиот е отуѓувањето на работникот од производот што го создал. До тоа доаѓа поради фактот што произведениот производ не му припаѓа на работникот, туку на некое трето лице, кое понатаму преку него остварува профит. Овој процес го прави производот туѓ за работникот, а ова чувство на отуѓеност се продлабочува ако се земе предвид дека работникот никогаш нема да дојде во можност да го поседува она што го создал, затоа што цената на производот е повисока од цената на трудот што го создал.

Логично би било да се претпостави дека, поради отуѓувањето од производот, работникот се отуѓува и од процесот на производство. Овој процес Маркс го смета за втор вид на отуѓување. Исто како и производот, и трудот, односно процесот на производство, не му припаѓа на работникот, туку на некое страно лице, што значи дека процесот на производство во кој учествува работникот е диригиран од желбата за профит на сопственикот на трудот. Очигледно е дека овој процес го присилува работникот да прави нешто што е надвор од неговата суштина, а таа присиленост го истоштува работникот, му го уништува телото и му го загадува умот. Работникот единствено се доживува себеси како човек само кога е надвор од работното место.

Кога веќе се напомена суштина, да видиме што според Маркс е човековата суштина и како тој се отуѓува од неа при работењето во капиталистичкото општество. Маркс за суштина на човекот го поставува производството, специфично нагласувајќи го производството од слобода и желба. Тој тврди дека човекот, за разлика од останатиот природен свет, произведува универзално, односно неговото производство не се базира само на нужност, туку и на неговата желба; затоа ги добиваме музиката, литературата и останатите видови уметност. Но, во околностите кои ги нуди капитализмот, работникот како човек не произведува ни од желба, ни од слобода; тој произведува од нужност, нужност за стекнување на средствата потребни за задоволување на потребите кои се потребни за живот. И ова присилно произведување прави тој да ја изгуби човечноста и да се израмни со животно.

Како резултат на сите овие процеси на отуѓување произлегува и отуѓувањето на човекот од човекот. Односно, преку отуѓувањето од производот, работникот се отуѓува и од купувачот на производот, затоа што меѓу нив не постои непосредност. Со отуѓување од процесот на производство, работникот се отуѓува и од диригентот на производниот процес, поради различниот начин на доживување на истиот процес. При отуѓување од човечноста, работникот се отуѓува и од својот соработник, поради својата истоштеност и неисполнетост.