И работниците на кои работодавачот не им исплатил плата и не им уплатил придонеси од плата 3 месеци последователно, имаат право да поведат стечајна постапка, предвидува Законот за стечај
Веќе е јуни, а речиси 23.000 работници сè уште ги чекаат заработените февруарски, мартовски и априлски примања, информираат за „Слободен печат“ од Управата за јавни приходи.
Поточно 6.758 работници сè уште немаат земено плата за февруари, во март без плата останале 7.018 лица, а априлската ја чекаат 9.074 работници.
Фирмите се од сите сектори, а дел од нив се повторуваат. Рокот за поднесување на М-ПИН пријавите за плати е до 10-ти во месецот, за претходниот месец, а обврската за исплата на платите е до 15-ти во месецот. Тие што не ги исплатиле, добиваат опомени, а подоцна ќе им биде блокирана и сметката.
– За февруари обврска за МПИН имале вкупно 68.994 работодавачи за 554.039 вработени лица. Од нив, до 31 мај годинава, МПИН-пресметката ја платиле 62.285 работодавачи за 543.850 вработени лица, од кои 46.584 работодавачи за 469.651 вработени лица платиле во законскиот рок до 15 март, а другите доцнеле. До 31 мај, МПИН-пресметката не ја платиле 1.781 работодавачи за 3.431 вработени лица, додека 4.928 работодавачи за 6.758 вработени лица сè уште не поднеле МПИН-пресметка за февруари – велат од УЈП.
Проблематично е што работниците чекаат и не ги искористуваат роковите, смета Кристина Ампева од „Гласен текстилец“. Таа додава дека тоа води кон фактот дека работниците на крајот остануваат без неколку плати, а фирмата оди во стечај, во ликвидација…
– Затоа и апелираме до нив да не чекаат, плата се пушта до 15-ти во месецот, заедно со придонесите. За жал, системот на УЈП сѐ уште дозволува доцнење на платата, сѐ уште се дозволува исплата на платата под минималната – посочи неодамна Кристина Ампева од „Гласен текстилец“. Адвокатот Донче Стаменков, пак, додава, дека многу е важно работниците да внимаваат на тајмингот, односно доколку им доцни платата, веднаш да пријават или да ангажираат адвокати што се специјализирани за трудовата легислатива.
Уште полоши се бројките за годинешниот март, па според УЈП до крајот на мај, МПИН-пресметката не ја платиле 2.225 газди за 4.747 вработени лица, додека 5.139 работодавачи за 7.018 вработени лица сè уште не поднеле МПИН-пресметка. Априлската плата, според УЈП, сè уште ја чекаат 9.074 работници, кои 5.529 работодавачи не ги исплатиле – пресметаа од УЈП.
Според Законот за стечај, кога самиот должник ќе утврди дека не е способен да ги исплати своите пристигнати обврски подолго од 45 дена, може да поднесе предлог за отворање стечајна постапка. И работниците на кои работодавачот не им исплатил плата и не им уплатил придонеси од плата 3 месеци последователно, имаат право да поведат иницијатива пред надлежен суд за престанок на работодавачот.
Ланскиот К-15 не го исплатиле повеќе од 23 илјади фирми
До крајот на декември лани, регрес за годишен одмор не исплатиле вкупно 23.431 компании. Во земјава според податоците на Централниот регистар лани имало 80.346 трговски друштва, што значи дека речиси една четвртина не ги израдувале своите работници. Од овој податок се изземени буџетските корисници кои исплатиле регрес за годишен одмор – брифираат од УЈП. Барем на хартија и законски, не постои фирма што е ослободена од исплата на К-15.
Превземено од: https://www.slobodenpecat.mk/vekje-e-juni-a-del-od-rabotnicite-ne-zele-plata-ni-za-fevruari/