На редовната 35-та Седница на советот, се гласаше Буџетот на Општина Битола кој повеќе наликува на ребаланс и пополнување на активностите од 2023 година. Без дискусии советничките групи на СДС и ДПМНЕ, широката коалиција со 26 гласа “ЗА” го усвои буџетот скроен да ја испразни касата на битолчани.
На овој начин ќе се испумпуваат пари пред изборите во мај, со цел финансирање изборните кампањи, кои ќе резултираат и со официјализирање на ШИРОКАТА КОАЛИЦИЈА на национално ниво, како надополнување на беспрекорната соработка на локално ниво.
Вчера, Советот на Општина Битола одржа две седници од кои една вонредна и една редовна. На вонредната седница беа поставени програмите за распределба на буџетските средства, кои широката коалиција СДС-ДПМНЕ со поддршка на нивниот привезок Поинаку не ги гласаше на минатата седница со цел подобро делење на колачот. Откако ги испеглаа работите во викендот кој помина, денес здружно ги изгласаа.
Скоро во секоја програма има милионски долгови од 2023 година. Најголемите долгови се во програмите за спорт и млади, програмата за култура. Станува збор за долгови со милионски суми, каде дел од средствата се долгови спрема здруженија кои аплицирале на јавни повици, за кои во Буџетот за 2023 имало предвидени средства.
Оттука Левица ги повикува надлежните органи, по допрен глас да започнат истрага. Каде се потрошени милионските средства предвидени за јавни повици во 2023? Дали има злоупотреба на средствата за друга намена или е пробиена буџетската рамка донесена со Одлука на Совет на Општина Битола? – Се вели во соопштението на политичката партија Левица.