Русија соопшти дека со придружувањето на нови членки групата земји БРИКС дополнително ќе зајакне, јасно давајќи до знаење дека ја поддржува идејата за проширување на блокот кој покрај Русија го сочинуваат Бразил, Индија, Кина и Јужноафриканската Република.
Москва таа група растечки економии сè повеќе ја смета како важна противтежа на Западот, предводен од САД, во глобалните зделки.
„Нормално дека веруваме дека ширењето на БРИКС на овој или оној начин ќе придонесе на понатамошниот развој и зајакнувањето на организацијата“, кажа портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
Песков ја искоментира изјавата на бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва дека е „исклучително важно“ на БРИКС да се придружат Саудиска Арабија, Аргентина и Обединетите Арапски Емирати ако тоа го посакаат.
Песков потсети и дека Русија има конструктивни односи со сите три земји, но дека смета дека не треба да се прави ништо на брзина, односно не пред тоа да се договори на самитот на БРИКС во Јужноафриканската Република од 22 до 24 август.
Засилувањето на БРИКС е дел од визијата на Русија за спротивставување на доминацијата на САД и изградбата на мултиполарен свет.
Русија ги јакне односите со земјите кои се воздржаа од осудување на војната во Украина и сака со нив да ја зголеми трговската размена и да ги неутрализира западните санкции за руската економија.
Русија месецов на самитот на БРИКС ќе ја претставува шефот на дипломатијата Сергеј Лавров, откако рускиот претседател Владимир Путин одлучи да не учествува поради налогот за негово апсење, кој поради наводни воени злосторства во Украина го издаде Меѓународниот кривичен суд, кој Русија не го признава.
Превземено од: мкд.мк