„Секој има право на свое мислење и на „своја вистина“, ама треба, ако веќе и не мора, сето тоа да биде во согласност со фактите. Без таков приод, сè паѓа во вода.


Во спомнатиот текст, на пример, Биљали ја цитира „личноста од Стејт департментот“, Елизабет Ален. Таа рекла: „Ние го поддржуваме Преспанскиот договор и бевме разочарани кога видовме дека претседателката не го користи формалното име. Ги охрабруваме лидерите на () Македонија да се придржуваат кон меѓународните договори“.


Убаво речено, нема што. Меѓутоа, ако веќе таа заборавила, не морал и Биљали дека САД се повлекоа од мултилатералните договори – за климата, склучен во Париз; за нуклеарното оружје на Иран; за ТПП (Trans Pacific Partnership), за економска соработка во регионот на Пацификот, со што 11 други земји оставија на цедило…


И ние го охрабруваме Вашингтон да се придржува до овие договори, кои се исклучително важни за светот. Ако веќе ние треба да ги почитуваме меѓународните договори, ред е и САД да го прават тоа. Доста со двојни стандарди. Впрочем, САД мора да се свесни дека договорот од Нивици е вистински културен геноцид и етноцид врз Македонците. Такво нешто спроведуваат само предавници на сопствениот народ!


Чудно е и што Ален не се сетила дека Грција воопшто не го спроведува Нивици, та да апелира и до нив. Зошто ни Биљали не го спомнува тоа?


Интересна е и согледбата на Биљали дека – „Вртењето околу чл. 19 од Договорот од Преспа што се однесува на решавањето на споровите меѓу двете земји е плитка замисла“. Тој не крие – ние треба безусловно да го спроведуваме Договорот, за да се избришат Македонците, и не треба да се оди ниту на меѓународна арбитража. Смета – „И по Меѓународниот суд на правдата умот не ни доаѓа“!
Брилијантно да победиш во судски процес (2011), токму во спор со Грција, кој се однесува за клучен државен проблем, и тоа да се потценува, навистина не е баш обичен заклучок. Впрочем, и САД ја игнорираа пресудата.


Својот став, Биљали го прецизира и кога вели – „Одложеното дејство“ на уставните измени, е „вмровски апсурд“. Значи, веднаш треба да капитулираме, нели?
Извините, ама чиста будалштина е кога Биљали тврди – „Американците ја создадоа Република Македонија. И цело време ја штителе. А сега дрвја и камења кон таа велесила како благодарност“.


Прво, зарем не му е познато дека Република Македонија е создадена на 2 август 1944 година, на АСНОМ? Во тоа време, САД ги немаше на Балканот. Второ, зарем никој не му кажал дека, во СБ на ООН (1993), на силеџиски начин, нелегално и спротивно на Повелбата (Уставот) на ООН, на Македонија ѝ беше суспендирано историското и уставно име?


Тоа не можеше да го направи ниту една друга држава освен – САД. Покрај тоа, има уште безброј други очигледни примери за улогата на Вашингтон во македонските голготи, кои сега нема да ги редиме. Трето, не само што никој во државава не фрла дрвја и камења врз Американците, туку нема таков којшто ќе се осмели да им каже дека во Нивици, токму тие ги прекрстија Македонците, за да ги бугаризираат, и така да го затворат „Македонското прашање“. Не Грција.


Без никакви аргументи, вадејќи директно од ракав, Биљали заклучува дека ваквата македонска политика – „може да одговара само на експанзионистичките амбиции на Србија, која веројатно би претендирала на голем дел од оваа слаба држава која долги години продава лилипутанска мегаломанија“!
Каква бесмислица! Додека Грција и Бугарија не го признаваат македонскиот народ и отворено го разнебитуваат, а Албанија не ги крие територијалните претензии, Србија единствено има пријателски однос кон Македонија! Арно ама, тоа не се вклопува во ујдурмите на Биљали.


Читаш и не веруваш, ама картите се отвораат. За да нема забуни, авторот вели – „Македонија е меѓу ретките мултиетнички земји во Европа што има унитарен карактер. Дали ќе се инсистира на т.н. територијална али нетериторијална федерализација е прашање на опортуност“.
А, ОРД, бе, Биљали? Нели твоите се крстат во Рамковниот? Или, тоа важи само за тоа што ви одговара? Како, инаку, до „Голема Албанија“?


А, кога некој ќе навлезе во калта, назад нема. Така, Биљали нѐ обвинува – „Цената за ваквите наши глупости со години ја плаќа и Албанија. Таа е колатерална штета на овдешните историски и географски комплекси“!?
Ова е веќе голема глупост. Вакво нешто одамна не сум прочитал. Освен, ако Биљали не мисли дека ние сме главна пречка за дефинитивна реализација на големоалбанскиот проект? Ако му е тоа поентата, тогаш има логика.
Каков регионален монструм да ти била Македонија!? Ние ги уништуваме и Србија и Албанија! Намерно или не, Биљали заборава дека ги „упропастивме“ и Грција и Бугарија, коишто меѓународно се изрезилија заради нас.


Биљали вергла и за проблемите меѓу Албанија и Грција коишто, демек, се решаваат без многу врева, на цивилизиран начин, што треба да значи дека ние сме силеџии во однос на Атина. Биљали не прочитал дека војната со Грција не ја почнавме ние, туку тие. Се разбира, не сами. Тие нѐ блокираа (дури и границата, што е чин на воена агресија), уценуваа, ни поставуваа ултиматуми…, а ние немавме избор освен да се браниме. Друго прашање е колку успешно го правевме тоа. Со Албанија, споредби на тој план се апсолутно – невозможни.


На крајот, Биљали мудро тврди – „Целиот процес на дестабилизација на Балканот е координиран од Москва, а целта не е љубовта кон Србија, туку создавање позиција визави Грузија, Украина и Молдавија. Во спротивната страна, со цел спречување на војната се САД и Обединетото Кралство… подготвени да одговорот и на безбедносните закани на Белград“!?


Што се однесува на – „спречување на војната“, само да потсетиме дека мирот во Европа, а со тоа и во светот, беше срушен со неприфатливото ширење на НАТО кон руските граници. Сегашната војна е на САД против Русија, а Украина е само колатерална штета. Војната ќе ја водат сè до последниот Украинец. Дека е така, потврдија Меркел и Столтенберг, кога искрено објаснија дека „Минските договори“ биле само тактика за подготовка на војна против Русија.


Биљали привршува во ист стил – во БиХ „…Србија со поддршка на Москва настојува да ги разгорува етничките тензии, загрозувајќи ја европската безбедност“.
Чудно е, ама Биљали или не знае, или не разбира, што значи резолуцијата на ГС на ООН за наводен геноцид во Сребреница? И, зошто се прави тоа баш сега, по толку години? Тоа ги „разгорува етничките тензии во БиХ“, и ја турка земјата во распад, Биљали, не Србија.
Во прашање е страшно воено злосторство кое, меѓутоа, не може да биде геноцид. Колку само такви, десет пати поголеми злосторства имаше во Виетнам? Убиени беа преку два милиони Виетнамци. А фашистите во Втората светска војна – колку Руси и Евреи убија? Тоа се класични геноциди, не во Сребреница.


Сепак, огромното руско влијание на Балканот – не е спорно. Не кренавме глава од руски – филмови, музика, книги, информации, посети, проекти, диктати, промени на влади… Од сите ТВ-станици и радија ушите ни ги дупна – Ка ка лин, Ка ка лин, Ка ка лин ка маја… Мораш да ги гаснеш, за да се спасиш!
Народот убаво рекол – пред фактите и боговите се поклонуваат.“ – напиша поранешниот амбасадор и македонски дипломат Ристо Никовски.