Кинеската влада упати протест до американскиот амбасадор во Кина поради коментарите на претседателот Џо Бајден, кој го нарече кинескиот претседател Шји Џјинпинг диктатор.
Николас Барнс ја добил дипломатската нота неколку часа по изјавата на Бајден за Шји за време на донаторска конференција во Калифорнија, пренесе „Волстрит журнал“, цитирајќи тројца неименувани американски претставници.
На собирот во вторникот, Бајден рече дека Шји не знаел за наводниот кинески шпионски балон што бил соборен во воздушниот простор на САД во февруари, додавајќи: „Тоа е голем срам за диктаторите. Кога не знаат што се случува“.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, во средата изјави дека крајно апсурдните коментари на Бајден сериозно му наштетиле на политичкото достоинство на Кина и претставуваат политичка провокација.
Но, американските официјални лица кои ја објавија веста за протестот на Пекинг до Барнс, забележаа дека кинеските државни медиуми не ја објавиле дипломатската нота, позната како демарш, за да ја зачуваат добрата атмосфера создадена од посетата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Кина.
Изјавата на Бајден дојде еден ден откако Блинкен се сретна со Шји во долгоочекуваната посета со цел да се запре надолната спирала во односите меѓу САД и Кина.
Превземено од: https://fokus.mk/peking-mu-vrachi-demarsh-na-vashington-izjavata-na-bajden-e-provokatsija/