Со оркестралното интонирање на химната на Сириската Арапска Република (САР) и „Лебедово Езеро“ од страна на сириската филхармонија, беше одбележан крајот на владеењето на Арапската социјалистичка партија Баас во Сирија. Изведбата беше пренесена на сириската национална телевизија, која по изведбата на овие две песни престана со работа.

Според последните информации од Блискиот Исток, можеме да потврдиме дека САР, под владеењето на Башар ал-Асад веќе не постои. По долгогодишната граѓанска војна, која започна во 2011 година, и по долги години водење битки против разни фракции и западните интереси во државата, владата на Асад ја изгуби контролата врз главниот град, Дамаск, и клучните региони на земјата.

За само 12 дена, вооружената опозиција, која се состои од различни фракции, вклучувајќи џихадистички групи и регионални сили поддржани од западните сили, го зазеде Дамаск. Многу од териториите кои беа под контрола на сириската влада сега се окупирани од различни опозициски групи, како и курдски сили и странски интервенционисти како Турција и Израел.

Со падот на владата на Асад, голем број на неизвесности ја обележуваат иднината на Сирија. Хуманитарната катастрофа, економскиот колапс и демографските промени кои се случиле за време на војната ја поставуваат земјата пред сериозни предизвици. Поради масовното уништување и територијалните поделби, идниот облик на сириското општество останува неизвесно.

Крајот на САР претставува пораз на антиимперијалистичката борба на сирискиот народ. Овие настани потсетуваат на процесите што се случуваа во Ирак и Либија. Дополнително, меѓународната заедница е сведок на големата нестабилност што ја носи распадот на Сириската Арапска Република. Падот на Асад создава нова политичка празнина, која ќе биде искористена од различни западни интереси и радикални групи.