Над пет милиони евра се слеале досега од џебот на граѓаните во државниот буџет поради замената на личните карти со новото име на државата. Но, измените на Законот за лична карта, со коишто оваа обврска би станала задолжителна, повеќе од една година чекаат на усвојување во Собрание.

Иако не се стапени во сила, граѓаните во периодот од јули 2021 година, па до крајот на 2023 замениле на 1.007.885 лични карти на коишто стои име „Република Македонија“. 

Според статистиката на МВР, во изминатите две ипол години се заменети над еден милион лични карти, 1.169 463 пасоши и 529.799 возачки дозволи. Ако се има предвид дека замена на лична карта со новото име на државата чини 310 денари по редовна постапка, проценките се дека само од замената на документите за внатрешна употреба се слеале над пет милиони евра во буџетот.